Насловна / Арт и дизајн / Научниците на трага на вистинскиот „Код на Да Винчи“

Научниците на трага на вистинскиот „Код на Да Винчи“

Научниците кои работат на проектот „ДНК на Леонардо да Винчи“ објавија дека откриле соодветни генетски секвенци на писма стари околу 500 години и еден цртеж, што, како што наведуваат, би можело да помогне во идентификувањето на изгубените дела од познатиот ренесансен уметник и да фрли светлина врз потеклото на неговиот гениј.

Истражувачите пронашле ДНК совпаѓања помеѓу писмата од Фрозиноне ди сер Џовани да Винчи, далечен роднина на дедото на Леонардо, и цртеж со јаглен наречен „Светото дете“, за кој се верува дека е дело на Леонардо.

Трагите на ДНК се пронајдени во восок за запечатување и на хартија, велат авторите на проектот, пренесува британскиот Телеграф. Тимот сега се обидува да собере дополнителни примероци од ДНК од ракописите, цртежите и тетратките на Леонардо што се чуваат во големи институции низ целиот свет, како и од живи и починати членови на семејството, за да се потврди генетската секвенца.

Еден од раководителите на проектот, Џеси Осубел од Универзитетот Рокфелер во Њујорк, рече дека откривањето на ДНК на Леонардо наскоро би можело да овозможи дефинитивно идентификување на ДНК на Леонардо со помош на примероци од неговиот ракопис.

Ова, како што наведе, би овозможило посигурна идентификација на спорните уметнички дела и би дало увид во неговите извонредни способности, вклучително и теории за неговата необично развиена визуелна перцепција.

Една од теориите е дека Леонардо имал необично остар вид, што му овозможувало да го перцепира светот побрзо од повеќето луѓе – до 100 слики во секунда, во споредба со вообичаените 30 до 60.

„Кралската колекција ги чува цртежите на Леонардо во замокот Виндзор. Сега кога нашиот проект покажа дека можеме да земаме примероци без да ги оштетиме, се надеваме дека кураторите на ваквите колекции ќе се приклучат на проектот за да изградат поцелосен генетски портрет на Леонардо“, рече тој.

Истражувачите веруваат дека траги од ДНК би можеле да се најдат и во боите на сликите, бидејќи Леонардо често ги користел прстите кога сликал.

Роден во 1452 година во Винчи, Италија, Леонардо да Винчи е автор на некои од најпознатите уметнички дела во светот, вклучувајќи ги „Мона Лиза“, „Тајната вечера“ и „Витрувиев човек“, а познат е и по бројни технички и научни идеи кои биле далеку пред неговото време.

Точната локација каде е погребан останува и понатаму непозната. Починал во 1519 година на 67-годишна возраст и, според сопствената желба, бил погребан во капелата Сен Флорентин во Шато Амбоаз, но зградата е уништена за време на Француската револуција. За време на ископувањето во 1863 година, бил пронајден скелет во близина на плоча со натпис „LEO DUS VINC“, но остануваат сомнежите дали станува збор за Леонардо. Службените лица го одобрија земањето примероци само ако предходно се најде ДНК за споредување.

Тимот исто така планира да земе примероци и од живи потомци на таткото на Леонардо, кој имал 23 деца, додека самиот Леонардо немал наследници. Доколку идентитетот на скелетот се потврди, научниците планираат да го реконструираат лицето на Леонардо и да го споредат со автопортретите што ги знаеме денес, објавува Телеграф.

Во проектот учествуваат експерти од областа на антропологијата, историјата на уметноста, генеалогијата и микробиологијата од неколку европски земји, Канада и САД.

Испрати коментар

Scroll To Top