Насловна / Архитектура / Најголемата трансформација во два века постоење: Кенго Кума го проектира новото крило на Националната галерија во Лондон

Најголемата трансформација во два века постоење: Кенго Кума го проектира новото крило на Националната галерија во Лондон

Лондонската Национална галерија објави дека Kengo Kuma & Associates, во соработка со британските студија BDP и MICA Architects, се победници на меѓународниот конкурс за проектирање на новото крило на оваа институција.

Конкурсот, кој беше започнат во септември 2025 година, привлече 65 пријави од меѓународни архитектонски бироа, од кои шест тима влегоа во потесен избор за разработка на идејни решенија, за победникот да биде објавен овој месец.

Најголемо проширување од основањето на галеријата

Овој избор претставува клучен чекор во долгорочната стратегија за развој на институцијата, позната како Project Domani, позиционирајќи ја новата интервенција како централен елемент во редефинирањето на нејзината архитектонска и кустоска рамка.

Замислен како најзначајна трансформација на музејот од неговото основање во 1824 година, проектот има за цел да го прошири просторниот капацитет и кустскиот опфат, овозможувајќи приказ на континуиран наратив на западното сликарство во единсвен простор.

Жирито го опиша избраното решение како „примерно“, истакнувајќи ја неговата способност да воспостави рамнотежа помеѓу формалната јасност и чувствителноста кон контекстот, со истовремено постигнување дијалог со постојното крило Sainsbury Wing.

Просторна организација и концепт на галерии

Во внатрешноста, проектот е организиран преку низа диференцирани галериски простори кои одговараат на кустоските и просторните барања. Долното ниво се карактеризира со низа засводени и лачни простори кои го продолжуваат просторниот карактер на соседните галерии, со што се постигнува континуитет во рамките на постојното музејско ткиво.

Спротивно на тоа, горното ниво воведува геометриски почист и повоздржан израз, создавајќи промена во просторното доживување, но со зачувување на целовитоста на композицијата. Овој дуален пристап овозможува и континуитет и разновидност, поддржувајќи различни начини на изложување и подобрувајќи го искуството на посетителите.

Одржливост и општествена одговорност на проектот

Покрај формалните и просторните аспекти, проектот интегрира структуриран пристап кон одржливоста и општествената одговорност преку посебна рамка Climate and Social Action Design Framework пишува ArchDaily.

Еколошките стратегии се развиени паралелно со пошироката цел за јавно ангажирање, позиционирајќи го проектот во рамките на современите дискусии за улогата на културните институции во решавањето на еколошките и општествените предизвици.

Новото крило ќе биде изградено на локацијата St Vincent House, објект купен пред речиси три децении за потребите на идното проширување, а во кој моментално се сместени хотел и деловни простори. Неговата трансформација претставува последна голема можност за проширување на комплексот Галерија, а во исто време ја зајакнува врската со околниот урбан контекст.

Оваа одлука доаѓа по претходната фаза од конкурсот во која учествуваа меѓународно признати бирои, вклучувајќи ги Foster + Partners, Renzo Piano Building Workshop, Selldorf Architects, Studio Seilern Architects и Farshid Moussavi Architecture.

Испрати коментар

Scroll To Top