Насловна / Архитектура / Музејот на Шиба Ротаро во Осака: внесување во внатрешниот свет на писателот

Музејот на Шиба Ротаро во Осака: внесување во внатрешниот свет на писателот

Шиба Ротаро е еден од најпопуларните писатели во Јапонија, каде што живеел од 1923 до 1996 година. Најмногу е познат по историските романи и патеписи кои имале исклучителна популарност во втората половина од изминатиот век во Јапонија. Таму неговите книги сè уште се реиздаваат и продаваат во огромни тиражи. Capture_internet1

Во своите романи најчесто пишувал за драматичните и коренити промени низ кои минувало јапонското општество во доцниот Едо период (почетокот и средината на деветнаесеттиот век). Голем број од неговите дела биле екранизирани и со успех се прикажувани на јапонската телевизија.ok_IMG_1293

Веднаш до неговиот некогашен дом, во тивката приградска населба Хигашиосака во Осака,  се наоѓа музејот посветен на овој писател. Музејот е проектиран од светски познатиот јапонски архитект Тадао Андо. Тесните улички во Хигашиосака не навестуваат дека тие водат до еден навистина неверојатен музеј. Таков впечаток се добива дури кога ќе се влезе во дворот на музејот што е обвиен со зеленило. Музејот се состои од два дела, куќата на Шиба Ротаро и музејската зграда изградена во 2001 година. Од дворот, преку голем панорамски прозорец се гледа некогашната работна соба на писателот, изградена во западен стил. ok_IMG_1294

Кон новоизградениот музеј се пристапува преку застаклен коридор, за кој во прв момент се добива претстава дека е некако „неприродно голем и долг“ за така мал музеј. Вистинското изненадување следи дури откако ќе се влезе во музејот, каде се наоѓа една од највпечатливите светски библиотеки. Музејот е конципиран како библиотека во која се изложени преку 20.000 книги од личната библиотека на Шиба Ротаро.ok_IMG_1295

Всушност, овие книги се само дел од вкупната колекција книги кои ги поседувал писателот. Книгите, од кои добар дел се со историска тематика, писателот неуморно ги собирал и ги користел како извор на знаења, неопходни за веродостојно опишување на одредени историски ликови и настани во неговите романи, есеи и други дела.ok_IMG_1296

Архитектот Тадао Андо решил да изгради музеј чија надворешна градба нема да отскокнува од околните градби (станбени куќи), па затоа поголемиот дел од музејот е под земја и во навидум еднокатниот објект има простор за 11 метри високи полици преполни со книги. Дури откако ќе се види внатрешноста, се добива впечаток дека архитектот преку големиот и долг застаклен коридор, преку кој се влегува во музејот, како да сакал да нè внесе во еден поинаков свет.ok_IMG_1297

Тоа е внатрешниот свет на Шиба Ротаро, преполн со книги кои тој ревносно ги проучувал и му биле инспирација за неговите дела. Сите тие книги, сместени на релативно мал простор со висина од три ката, и топлата дрвена конструкија на полиците, создаваат една впечатлива слика. За тоа посебен удел има светлината што паѓа низ голем застаклен простор, направен од различни по форма парчиња необоено релјефно стакло.ok_IMG_1301

Инаку, Тадао Андо нема завршено формално образование за архитектура. Во својата рана младост, на возраст од 10 до 17 години, бил помошник на еден локален столар во Осака и за тоа време пасионирано изработувал модели на авиони и бродови. Веројатно, тоа искуство и работа со дрво му помогнало во проектирањето на дрвениот ентериер на музејот. Потоа, тој работел како возач на камион и започнал боксерска кариера, за подоцна да се реши да посетува вечерни часови за цртање и дописни курсеви за внатрешен дизајн.ok_IMG_1303

Во периодот 1962 – 1969 година, во повеќе наврати патувал низ САД, Европа и Африка. Овие патувања ги користел за проучување на архитектурата на местата што ги посетувал, а пред сè делата на светски познатите архитекти како Ле Корбизје, Лудвиг Мис ван дер Рое, Френк Лојд Рајт и Луис Кан. Во 1969 година, во неговиот роден град Осака, ја формира својата компанија „Tadao Ando Architectural & Associates“.ok_IMG_1305 ok_IMG_1306

Во текот на првите години од неговата кариера како архитект, главно работел на проекти за изградба на помали индивидуални куќи во Осака, преку кои го развил својот едноставен и единствен архитектонски стил. Меѓу другото, работел и на проектирање на повеќе музеи по кои денес е и најпрепознатлив. Неговите дела, најчесто, одлично се вклопуваат во природниот пејзаж во кој се изградени. Во нив е забележливо влијанието на традиционалната јапонска архитектура преку едноставноста, правилните геометриски форми, користењето на природната светлина за обликување на архитектонскиот простор.ok_IMG_1320

Со текот на времето, неговите дела ќе добијат светска слава, и услугите на неговото проектантско биро сè почесто ќе се бараат ширум светот. Добитник е на повеќе меѓународни признанија и награди од областа на архитектурата, меѓу кои и Прицкеровата награда во 1995-та. Иако, можеби, музејот на Шиба Ротаро не се наоѓа на врвот на вообичаените листи на најзначајни знаменитости и атракции во Осака, овој музеј вреди да се посети. Во Осака и околината се наоѓаат и други дела на Тадао Андо, од кои за посета особено го препорачувам и Hyōgo Prefectural Museum of Art во Кобе.ok_IMG_1322 OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Пишува: Дејан Колевски

Испрати коментар

Scroll To Top