Кон крајот на минатата година, Тајланд ги отвори вратите на првиот голем музеј на меѓународна современа уметност наречен Dib Bangkok, ставајќи го на светската мапа на сериозни уметнички дестинации. Монументална индустриска зграда претворена е во грандиозен изложбен простор.

Сместен во реновиран магацин за челик од 80-тите години, на три нивоа и над 6.600 квадратни метри, музејот во центарот на Бангкок ќе вклучува единаесет галериски простори, централен двор и градина со скулптури на отворено.

Приземјето го задржува индустрискиот карактер на поранешниот магацин, со видливи бетонски површини кои пружаат сирово, автентично искуство (името Dib одразува визија за уметност во нејзината најчиста форма).

Второто ниво, инспирирано од интроспекција, вклучува стари тајландско-кинески решеткасти прозорци, создавајќи врска помеѓу современиот простор и неговото минато. На последниот кат сместени се галерии во white cube стилот, осветлени со природна светлина што доаѓа низ карактеристичниот покрив со назабен профил. Посебно внимание привлекува Капелата, конусна галерија обложена со мозаик, проектирана како простор за импресивни инсталации.

Архитектурата ја потпишува Kulapat Yantrasast од реномираното биро WHY Architecture во соработка со тајландскиот студиски партнер A49, кои ја трансформираа поранешната индустриска фабрика од 1980-тите во медитативен, современ уметнички музеј на уметност.

Наместо да го крие индустрискиот карактер на зградата, проектот ги задржува оригиналните елементи и ги користи како основа за амбиент што се развива од сировото, „автентично“ ниво на приземјето до проѕирните и речиси духовни галерии на горните катови.

Концептот на Yantrasast се базира на идејата за просторно просветлување, инспирирана од будистичката филозофија, каде што посетителот поминува низ различни простори, од груби, сирови површини до мирни, високо осветлени галерии, создавајќи единствено искуство на контемплација и средба со уметноста.

Музејот претставува 1.000 дела од повеќе од 200 уметници, вклучувајќи сликарство, скулптура, фотографија, големи инсталации и нови формати, од 90-тите до денес. Првата најавена изложба, Invisible Presence, оддава почит на уметничката визија на познатиот пејач Petch Osatanugrah, претставувајќи ја неговата колекција дела од уметници како Montien Boonm, Lee Bul, Anselmо Kiefer и Alice Kwadа. Оваа поставка го истражува динамичниот однос помеѓу видливите и скриените сили во современата уметност, а ја зачувал основачот на музејот и синот на Petch, Purat Osathanugrah. Првенствено станува збор за мултисензорна инсталација која ги истражува сеќавањето, перцепцијата и она што останува невидливо за окото, преку дела кои користат светлина, звук, мирис и рефлексија за да создадат искуство кое оди подалеку од класичното набљудување на уметноста.

Идејата е во следната деценија, експертскиот тим на Музејот да собере меѓународни имиња од светот на уметноста и да го позиционира Dib Bangkok како водечка глобална платформа за уметничка размена. Покрај изложбите, тој ќе служи и како културен центар што поттикнува дијалог меѓу уметниците, кустосите и публиката.

„Во Dib Bangkok, ја гледаме уметноста како најзрел плод на човечката имагинација – нешто што треба да се доживее, преиспита и дели. Но, повеќе од тоа, сакаме Dib Bangkok да стане вистинска креативна оаза, мост помеѓу Тајланд, Југоисточна Азија и глобалната уметничка сцена – место каде што можат да се сретнат уметничките кругови и љубопитните. Бангкок одамна заслужува центар на современа уметност што одговара на неговата динамичност – простор што ја слави уметноста на начин што е толку смел и живописен како што е и самиот град,“ велат од музејот.

Овој проект претставува едно од најважните архитектонски дела во регионот, бидејќи го комбинира индустрискиот идентитет на градот со меѓународните кустоски визии, создавајќи импресивен музеј, простор за размислување, но и платформа за глобална современа уметност.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија