Насловна / Арт и дизајн / „Моите дела нема никого да остават рамнодушен“

„Моите дела нема никого да остават рамнодушен“

ЕЛПИДА ХАЏИ ВАСИЛЕВА, ПРЕТСТАВНИК НА 55. БИЕНАЛЕ НА УМЕТНОСТА ВО ВЕНЕЦИЈА

elpida (1)Проектот Кожата е идентитет и површина за проекција, репрезентација на душата“ ќе ја претставува Македонија на претстојното 55. Биенале на уметноста во Венеција. Објаснете за што станува збор, идејно и физички.

Проектот со кој ќе го претставувам националниот павилјон на 55. Венециско биенале го доби финалниот наслов „Silentio Pathologia“, наслов кој има повеќеслојна и преносна детерминација – и со неговото медицинско, но и со преносно значење – кованица од англискиот збор path и латинскиот logia, апликативно во двете варијанти. Проектот  концепциски третира неколку аспекти: патот на транспортот на свилата од Исток кон Запад, патот на пренесувањето на заразната болест чума по овој трговски пат, трансмијата како феномен (идеи, стоки, искуства, добра, информации, но и нуспојави како заразните болести дури и во современ контекст), кожата како заштита и идентитет, и уште многу други мултислоевити дискурси се провлекуваат во суштината на идејата на проектот, кои опфаќаат различни дисциплини: историја, географија, биологија, економија, социологија, медицина и друго. Визуелно, делото е просторно специфична инсталација, разрешена во неколку слоеви, во облик на лавиринт, за да се дојде до срцевината на зададената патека на движење. Патеката ја чинат ѕидови од кородиран метал, мрежа од кожурци, мрежа од свила, канапи од кожи од бели лабораториски стаорци за на крајот да дојде моментот на изненадување – живи црни глувци во кафези.

elpida (2)

Делото е направено од органски материјали, зошто баш кожа?

Делото е направено од четири различни типови на материјали, значи не само кожа, но кожата како медиум е честопати присутна во моите дела. Една од причините за користење на кожи и органски елементи од животинско потекло е концептот на создавање на една нова естетика со начелно грди нешта, со отпад, со нешто што се третира за ѓубре. А кожата е мошне специфичен медиум кој го користам, бидејќи кожата ја перципирам како оклоп, контејнер кој го штити ткивото, ја чува сржта, содржината. Таа од друга страна е и елемент за дефинирање на идентитетот, припадноста. Затоа мошне често го користам како материјал за визуелна експлорација.

Познато е дека користите органски материјали за создавање на уметничките дела. Што значи да се биде припадник на т.н. биоуметност? 

elpida (11)

Мојата уметност има одредени аспекти според кои може да се класифицира делумно во биоуметноста, но јас во мојата уметност не останувам никогаш само на експеримент. Соработувам со биолошки институти, лаборатории, стручњаци во различни области од медицината, биологијата, фармакологијата, со кои разговарам за додетерминирање на некоја зародишна моја идеја или пак со надеж за меѓудисциплинарна соработка, која досега неколкупати сум ја остварила. Кај мене мануелната работа и личното третирање на органскиот материјал е повеќе од пресудно. Јас со рачната работа создавам визуелна естетика. Физичката поетика која ја отелотворувам има нарација, има специфична поврзаност со местото каде ја реализирам инсталацијата, има историја.

 Инхерентна убавина“, „Пепрутки во стомакот“ и други ваши дела се составени од ципи од свински желудници, коски и кожи од риба… Колку време одзема и колку е макотрпно собирањето на овие материјали?

Собирањето на материјали не е толку макотрпно, бидејќи веќе имам остварено соработка со хотели, кланици, месарници кои ми ги набавуваат или ми го чуваат отпадот. Но работата е доста макотрпна, процесот на презервација и препарација на органски материјали е долготраен и бавен. Бара голема концентрација и многу внимание. Се работи како во лабораторија, со ракавици, маски, киселини, ножеви, скалпели и други алатки. Да се спречи процесот на распаѓање е клучниот аспект кон кој приоѓам во тој процес на мануелна изработка, заедно со визуелизација на естетскиот паноптикум.

elpida (6)elpida (7)elpida (8)elpida (3)

Како реагираат вегетаријанци на вашите дела?

Моите дела на некого му се допаѓаат, на некого не, секако предизвикуваат одреден вид на гадење, морбидност, дури и ужас, по спознанието за природата на материјалот. Често тој прв аспект на ужас и морбидност го заменува чувството на воодушевување и на почит кон мануелниот труд и кон идејата, но не секогаш. Но и тој момент е сосема дозволен во процесот на рецепција на моите дела. Сепак, никого нема да го остави рамнодушен, а тоа е и една од улогите на уметноста.

elpida (5)elpida (9) elpida (10) elpida (12)

Уметноста може да биде убава, грда, шокантна, да зборува, но не и да биде рамнодушна. За вас, каква треба да биде уметноста?

Да биде сето тоа што вие го напишавте, но и многу повеќе, да биде возвишена, на едно посебно ниво, да има многу подслоеви, подфази, многу наративи кои се дел од големата нарација на самиот проект. Да има и срж и душа и визуелен импакт, чиста идеја за мене не е доволна. Затоа, во мојата уметност, иако третирам еден мошне современ визуелен јазик и лексикон, сепак занаетчискиот дел, работата со раце никогаш не изостанала. Посветено и пожртвувано се предавам на уметноста.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top