Насловна / Вести / Македонски железници со нови услови во тендерот за нов деловен објект

Македонски железници со нови услови во тендерот за нов деловен објект

mz za nov objekt

„Македонски железници-Инфраструктура“ ќе ги менува условите во тендерот со кој трет пат ќе бара инвеститор за изградба на нов деловен објект на местото на старите постземјотресни бараки на улицата „Јордан Мијалков“, пишува „Дневник“.
Првите два тендери, кои беа распишани во март и во април годинава, пропаднаа бидејќи на нив не се јави ниту една заинтересирана фирма. Од Јавното претпријатие бараа од инвеститорот да им додели простор не помал од 30 отсто од бруто-површина, на свој трошок да ги отстрани постојните објекти и да ја изгради зградата по принципот „клуч на рака“.
„Решивме повторно да не објавуваме нов тендер додека не размислиме за можната измена на условите. Можеби дел од објектот треба да биде наменет за домување, да се направи станбен простор. Деловен изгледа не е толку атрактивен“ , изјави Петар Спасовски, помошник-директор во „Македонски железници-Инфраструктура“. Не прецизира кога ќе биде распишан новиот тендер.
Површината на градежната парцела е 3.179 квадратни метри и е со деловна намена. Површината за градба на објектот е 2.000 квадратни метри. Зградата ќе биде со максимална висина од 25 метри, односно приземје и шест ката.
За 140 години постоење, „Македонски-железници“ не изгради репрезентативен објект. Земјиштето каде што ќе се гради новата зграда, претпријатието го доби од државата на трајно користење.

Испрати коментар

Scroll To Top