Насловна / Архитектура / „Магични“ печурки, експеримент на МоМА за нов градежен материјал

„Магични“ печурки, експеримент на МоМА за нов градежен материјал

4

Музејот на современа уметност, MоMA  и MоMA PS1 како победник на годинешната награда во програмата за млади архитекти (YAP) во Њујорк, го прогласија Дејвид Бенџамин со неговиот проект “The Living”. Во своето 15-годишно издание, PS1 е посветено на потрага по нови архитектонски таленти кои ќе создадат иновативни решенија и ќе развијат креативни проекти за привремени, надворешни инсталации кои по прописите на PS1 ќе обезбедат сенка, седење (одмор) и вода. Архитектите исто, треба да работат во рамки на насоките што се однесуваат на животната средина, вклучувајќи одржливост и рециклирање.

1
Победничкото решение, материјализирано како Hy-Fi, е изложено во Лонг Ајленд Сити, во Њујорк, во урбаниот пејзаж на PS1 Contemporary Art Center, кој претставува вистински експеримент на материјал од печурки кој можеби ќе биде револуционерен материјал – замена за  пластиката. Користењето на биолошки технологии создава нов метод на био дизајн, 100% органски материјал, структура која ќе го пренасочи природниот јаглероден циклус кон создавање на објект кој расте од ништо, од земјата а потоа се враќа повторно во земјата, со нула отпад, без енергетски потреби и без штетни емисии на јаглерод. Овој пристап нуди нова визија кон физичките објекти во изградената средина.

2 3
Hy-Fi е кружна кула од органски и рефлективни тули, кои се дизајнирани да ги комбинираат уникатните својства на два нови материјали. Органските тули се произведени преку иновативна комбинација на стебленца од пченка (кои инаку се неупотребливи) и специјално развиени живи структури од печурки, донесени во проектот преку Ecovative, иновативна компанија која соработува во овој проект. Рефлективните тули настануваат преку сопствено формирање на огледален филм, иновација на 3M.  Тие се користат како растечки пепелници за органските тули, а потоа се вклучуваат во крајната изградба, пред да бидат вратени на 3М за други истражувачки цели. Органските тули се поставени на дното на структурата, додека рефлективните тули се поставени долж отворите за светлина на кулите. Структурата има инверзна логика во однос на товарите, наместо да биде густа и дебела на дното, таа е порозна и тенка. Тоа е направено за да создаде ефект на клима, циркулација во лето со разладување на воздухот кон дното и потиснување на топлиот воздух кон врвот. Структурата создава и смирувачки светлосни ефекти, преку рефлексијата на шарките во внатрешноста. Во целост, оваа структура нуди сенка, боја, светлина, погледи и едно дополнително искуство ориентирано кон иднината за еден освежувачки и провокативен дизајн полн со необичност и оптимизам.

Испрати коментар

Scroll To Top