Насловна / Вести / Лепавцов: На Градежниот факултет серизоно е намалена бројката на студенти

Лепавцов: На Градежниот факултет серизоно е намалена бројката на студенти

Инженерската институција на Македонија го одбележа Денот на македонските инженери со свечен настан и по повод 106-годишнината од основањето на првото македонско здружение на инженерите. На настанот беа присутни претставници на Владата, инженерските здруженија, академската заедница и бизнис секторот, а програмата опфати поздравни обраќања, панел дискусија на тема „Паметна ренесанса“, презентации за награди како и презентација на активностите на Клубот на млади инженери.

Д-р Андреј Лепавцов, претседател на Инженерската институција на Македонија (ИМИ), во своето обраќање ја нагласи улогата на инженерството како одговорност и мост меѓу имагинацијата и реалноста. Тој подвлече дека инженерите низ годините тихо, но решително го обликувале секојдневниот живот и инфраструктурата на земјата и дека тековните проекти за модернизација на патната и железничката мрежа, инвестициите во обновливи извори и дигитализацијата бараат знаење, координација и долгорочна посветеност. Лепавцов истакна дека „инженерството е повеќе од професија; тоа е начин на размислување – навика да се бара решение дури и кога изгледа дека го нема“ и апелираше за пренос на знаењето од поискусните кон младите инженери.

Панел дискусијата „Паметна ренесанса“, модерирана од проф. др Дарко Наков, се фокусираше на интегрирањето на вештачката интелигенција во традиционалното инженерство и на предизвиците за развој на инженерскиот талент. Учесниците – меѓу кои Марта Наумоска Грнарова, Виктор Мизо, Волфганг Мајер и др Катарина Тројачанец Динева – дискутираа за практичните импликации од примената на AI во проектирањето, енергетиката и здравството и за потребата од интердисциплинарно образование и соработка меѓу академијата и индустријата.

На настанот беа доделени и традиционалните признанија: беше избрана најактивната членка на Инженерската институција на Македонија за 2025 година – Асоцијацијата на архитекти; ИМИ и Друштвото за комуникациски менаџмент „Чептер 4 Македонија“ веќе втора година ја доделуваат наградата „Млад инжинер на годината“ – годинешниот лауреат е Тодор Санев, а Клубот на млади инженери ги презентираше своите постигнувања и предизвици, нагласувајќи потреба од повеќе практични проекти и менторски програми.

Настанот послужи како платформа за отворен дијалог за задржување на младите инженери во земјата, подобрување на условите за работа и создавање на проекти кои ќе обезбедат професионален развој и економска одржливост. Др Лепавцов повика на конкретни чекори и соработка меѓу јавниот и приватниот сектор, нагласувајќи дека „ако сакаме младите да останат, мора да им дадеме причина – проекти, услови и можности за развој, не само зборови.“

Загрижувачки е намален бројот на градежни инженери и тоа ќе се почувствува врз реализацијата на капиталните проекти, предупреди претседателот на Инженерската институција на Македонија, Андреј Лепавцов.

Лепавцов смета дека е клучно Македонија да ги задржи младите инженери, да им овозможи добри услови за работа и професионален развој. Условите за работа и финансискиот надомест се клучните причини поради кои тие одлучуваат дали ќе останат или ќе заминат.

„На Градежниот факултет серизоно е намалена бројката на студенти и тоа ќе се почувствува многу врз капиталните проекти, кои се имплементираат по најмалку пет-десет години. Бројката кај информатичките науки, машинската и електротехничката струка е подобра. Лани на ЕТФ имаше речиси 260 магистранди и дипломци. Секако, може да е и подобро, но сè уште се држи оваа бројка. Во струките како градежништвото е доста послабо и е загрижувачки поради што апелирам младите да размислуваат бидејќи ова стана дефицитарна струка“, изјави Лепавцов во рамките на настанот по повод Денот на македонските инженери.

Тој е дециден дека македонските инженери се стручни да раководат со проектите во земјата.

Најдобриот млад инженер

Инженерската институција уште еднаш ја потврди својата заложба за препознавање и поттикнување на извонредноста, охрабрувајќи ги младите да создаваат, истражуваат и придонесуваат кон технолошкиот и општествениот развој.

Исто така Инженерската институција на Македонија го одбра Најдобриот млад инженер за 2025 година. Тодор Санев, магистер по градежно инженерство ја доби наградата, со што се потврди неговата посветеност, иновативност и значаен придонес во областа на инженерството.

Испрати коментар

Scroll To Top