Проектот во Црна Гора на белградското биро Опна БИТ, кој го добил името Continuum, носел предизвик бидејќи барањето на клиентот било презентирано на околу 70 страници, а одговорот бил незадоволителен во многу обиди. Неколку бироа се обидувале. „Се потрудив да не ја изневерам довербата и добив фантастични искуства за возврат“, истакнува проектантот.

Структура создадена одвнатре
Како што објаснува архитектот, структурата на Continuum, објект изграден во местото Круче покрај Улцињ, е создадена одвнатре. Програмата е пообемна од достапниот простор, додека конечната форма е резултат на специфичен процес на „дизајн без присуство“.


„Откако ја видов формата што ја моделирав, можев да проучам што сум направил, да речеме како актерите кои, покрај тоа што ја глумат претставата, се и публиката што ја гледа. Инаку на проектирањето му недостасува таа интерактивност со делото. Резултатите се во некој одложен момент. Обично чистењето на куќата дава инстант-сатисфакција. Не и проектирањето“, вели архитектот.

Кога станува збор за материјалите сè е доста стандардно во тој сегмент, а највеќе е користен бетон. „Имав и одлични проектанти за конструкцијата од компанијата Asmec. Тие пронајдоа решенија за некои критични барања што никој не ги гледа. Најголемите предизвици беа во реализацијата“, додава архитектот.

Објектот може да се класифицира како хотел за едно семејство. Има неколку блока: Главен, семеен, сервисен, гостински. Архитектот продолжува да набројува: „Hydraulica центар со затворен базен, сауни, теретана, сала за танцување. Видиковец со поглед на брегот на Црна Гора, винска визба, зеленчукова градина, отворен базен и такви стандардни работи, нели?“

Надворешниот базен се наоѓа над затворениот базен, па е можно да се гледа низ прозорците на подот. Архитектот вели: „Има две ‘плажи’, така што домаќинот и гостите можат непречено да го користат, секој со свое темпо. Кога ќе се залади надвор, можно е да се исплива во базенот од дневната соба. Кога е бал…“.

Куќа без класичен влез
Површината на куќата не се споменува, авторот вели: „Во објектот постои една игра – колку простор можеш да поминеш, а да не одиш двапати по истата патека. И тогаш кога некој ќе праша колку квадратни метри има, јас велам 40 минути одење. Тоа е слободата на просторот.“

Исто така, вреди да се спомене дека куќата нема класичен влез. „Влезови секако постојат, но не доминираат на начин на кој обично изискуваат репрезентативните објекти. Откако ќе влезете во просторот на Continuum, станувате дел од слободата на тој простор“, објаснува архитектот.

Последната фаза на создавањето е – ослободување од делото
Кога го прашале архитектот на што е најгорд во врска со овој проект, истакнал дека искуствата стекнати на Continuum всушност му помогнале да научи што е „финална фаза на креација“.

„За време на патешествието во потрагата по идејното решение, во една прилика клиентот дојде и рече дека има добри и лоши вести. Лошата вест е дека сепак нема да го направам вашиот проект. Можеби требаше да почувствувам нешто лошо во врска со тоа, но само се насмеав и му реков – ова не е мој проект. Ова е твој проект. Добрата вест беше дека сакаше јас да ја водам изработката на проектот. Не можеше да ми понуди ништо подобро! Сепак, тој концепт спектакуларно пропадна и тој остана без опција како да продолжи понатаму.

Единственото нешто што му остана бев јас“, вели проектантот и додава: „Она што мене ми требаше, ми дојде една вечер многу подоцна, кога ги сфатив пречките во себе. Му се јавив наутро и му кажав дека купив билет и дека ќе дојдам утре со проект. Она што го направив тој ден е она што подоцна е изградено. А јас преку сиве овие искуства научив дека последната фаза на создавањето е – ослободување од делото. Делото се создава за да има свој живот и смисла на овој свет. Можам само да бидам горд како на деца кога ќе видам дека се самостални. Поентата никогаш не беше во мене, туку во нив.“


Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија