Насловна / Архитектура / Константиновски: Неговиот лик и дело ја задолжија македонската архитектура, оставајќи наследство кое има и меѓународно значење

Константиновски: Неговиот лик и дело ја задолжија македонската архитектура, оставајќи наследство кое има и меѓународно значење

Георги Константиновски (1930 – 2020) е роден на 12 септември во 1930 година во градот  Крагуевац во Република Србија, а дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје во 1956 година. Магистрирал во 1965 година на Универзитетот Јеил, на Факултетот за уметност и архитектура во Соединетите Американски Држави, каде што негови ментори биле Пол Рудолф и Сергеј Чермаев. Работел во Њујорк во канцеларија со тим од архитекти Јо Минг Пеи, Хенри Коб и Аралодо Кастута.

Тој стапил во контакт со светски имиња во архитектурата, како што се: Филип Џонсон, Мис Ван Дер Рое, Јо Минг Пеи и други. Константиновски бил уникатен пример за архитект од поранешна Југославија кој ги завршил студиите на Универзитетот Јеил во Соединетите Американски Држави. Од 1987 до 1988 година бил декан на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Во Скопје. Од 1999 година е член на архитектонската академија при Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а бил и член на Словенечката академија на науките и уметностите.

Константиновски со мајка му и брат му

Во матичната куќа, Архитектонскиот факултет, во 1965 година се појавил на првиот час по матичниот предмет. Избран е за доцент на Архитектонски факултет во 1972. Во периодот од 1968 до неговото пензионирање во 1995 се стекнал со сите звања од асистент до редовен професор на Архитектонски факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје.

Фотографии на Георги Константиновски во младоста

Георги Константиновски се појавува на архитектонската сцена во периодот кога се воведува процесот на ревизија на модерната архитектура преку структурализмот и постструктурализмот. Константиновски е автор на книгите „Градители на Македонија XVIII-XX век“ во неколку делови.

Архив на град Скопје

 

Во текот на својата професионална кариера, Константиновски одржал голем број предавања за современата македонска архитектура на индивидуално и колективно домување. Автор е на многу публикации и на три книги. Своите проекти ги презентирал во форма на 450 студии и урбано-архитектонски дела. Како резултат на таквата одлична работа, тој е награден со највисоките југословенски награди и признанија за архитектура, а е добитник и на највисокото републичко признание за уметноста на Македонија и на бројни странски и домашни благодарници.

Печатница во Приштина, Косово

Константиновски беше уникатен претставник на југословенската архитектура, поради што на Третата светска изложба на Триеналето во Белград во 1991 година, тој беше почестен и признат како еден од 50-те најпознати архитекти во светот. На оваа изложба учествуваа вкупно 55 од најдобрите архитекти од Југославија, од кои Константиновски го освои првото место.

Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија „ИЗИИС“, Скопјe

Студентски дом „Гоце Делчев“, Скопјe

Своите дела ги реализирал главно на територијата на Скопје по земјотресот во форма на реконструкции, но на авторски начин кој ги третира архитектонските дела како референтни точки на нов архитектонски израз. Неговите дела имаат различни карактеристики: осврт на радикализмот и новата држава, разработка и проширување на одредени теми.

Спомен-куќа на Разловечкото востание во село Разловци, во близина на Делчево

Неговите најпрепознатливи проекти се студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, кој поради својата конструкција и функционалност, се смета за одлична форма на архитектонско решение и има светско влијание. Државниот архив на Скопје, чија изградба беше проследена со коментар од познат архитект кој нагласи дека ова го означува почетокот на ерата на Константиновски. Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце, комплекс на 8,5 хектари со игралиште, ресторан, амфитеатар и Музеј на АСНОМ, е едно од многуте решенија на Константиновски чија вредност се одразува на научната скала на архитектурата.

Меморијал на АСНОМ во Пелинце

По доаѓањето во Скопје, одржал поголем број предавања пред скопските архитекти за современата американска архитектура проследена со дијапозитиви, работејќи интензивно цели две години на пишување книга во којашто ги вклучува големите имиња на сите живи американски архитекти. Токму за оваа цел добил огромен материјал, посебно од фотографии на нивни објекти.

Станбена куќа Сајковци во Скопје

Книгата со целокупниот материјал никогаш не била објавена поради фактот што тогашниот директор на печатницата „Нова Македонија“ отсечно одбил да печати книги поврзани со американска архитектура. (стои на Википедија за Константиновски).

Неговите студии за мегаструктурата на Пиранс и Пирадони се единствен пример на пирамидалната станбена архитектура и претставуваат ренесанса на пирамидите и дијалог меѓу културите и цивилизациите на Истокот и Западот. Константиновски во своите студии за мегаадминистративните и станбените структури претстави уникатен пример во светот за социјализација на станарите во станбената изградба на физички структури.

Три моста админстрација;  Пирастела мегастанбена структура;  Симфонија админстративен објект

Архитектурата на Константиновски истовремено се темели на историска основа, како и на иновации базирани на таа основа. Константиновски се изразува преку критичко редефинирање на модерниот израз во делата на Филип Џонсон, Јо Минг Пеи и Пол Рудолф. Во неговите дела се насетуваат историските референци и иновациите, како во делата: Меморијален музеј АСНОМ во 2004 година, Историски архив на градот Скопјe во 1996 година и Спомен-куќата на Разловечкото востание во Разловци во 1979 година.

Административно-деловна зграда (Палата „Кузман“) во Скопје

Архитектурата на Константиновски има амбиентална вредност. Ја следиме низ низа дијалошки теми како што се: аксијалност и централност, материјал и текстура, позиција и локација, традиција и иновација. Започнува како критика на модерниот дискурс, но допира до темелите на архитектонската мисла и на овој начин создава различни аспекти на неговата архитектура што ги гледаме како степени на внатрешното совршенство на Константиновски.

Георги Константиновски, еден од најзначајните творци за македонската архитекура, почина на 90 години на 8 декември, 2020 година. Георги Константиновски ќе остане запаметен како еден од најпознатите архитекти што оставиле длабоки траги во македонското архитектонско творештво. Неговиот лик и дело ја задолжија македонската архитектура, оставајќи наследство кое има локално, регионално и меѓународно значење. Сè повеќе неговите дела предизвикуваат внимание кај оние кои го истражуваат периодот на бруталистичката архитектура. Извонреден во својата професија, одличен педагог (омилен професор) и вистински архивар на македонското градителско наследство. Тој покрај сопствената работа, грижливо ја истражувал и архивирал домашната сцена преку повеќе изданија.

проф. Константиновски и архитект Мумен абуаркуб

Работел на повеќе од 450 проекти, од кои најпознати се:

1966 – Архив на град Скопје, бул. „Партизански одреди“;

1967 – Пензионерски дом за рекреација во Катлановска бања;1969 – Студентски дом „Гоце Делчев“, Скопјe;

1971 – Печатница во Приштина, Косово;

1972 – Зграда на Градскиот архив на Штип;

1974 – Зграда на Градскиот архив на Охрид;

1978 – Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија „ИЗИИС“, Скопјe;

1979 – Спомен-куќа на Разловечкото востание во село Разловци, во близина на Делчево;

1983 – Струмичко-повардарска епархија, Велес;

1988 – Архитектонска и урбанистичка концепција на населбата „Јагула“, Струга;

1989 – Административна зграда и два станбени блока (г+3 ката) во Струга;

1993 – Палата „Унија“, Скопјe;1994 – Административно-деловна зграда (Палата „Кузман“) во Скопје;

1995 – Хоспис „Сју Рајдер“, Ѓорче Петров, Скопје;

2004 – Меморијален центар на АСНОМ во Пелинце.

Публикации:

1967 – 1968 – Главен уредник на статии за архитектура во дневниот весник „Вечер“;

1978 – 1980 – Учесник во заедничкиот научен труд Рационално станбено градење, Архитектонски факултет, Скопјe;

1986 – Архитектура од XX век, „Просвета“, Белград, поглавје: „Модерна архитектура во Македонија“;

2001 – Градители во Македонија VIII-XX век, том 1, „Табернакул“, Скопјe;

2003 – Градители во Македонија VIII-XX век, том 2, „Табернакул“, Скопјe;

2006 – Градители во Македонија VIII-XX век, том 3, „Табернакул“, Скопјe. Студии:

1986 – 2003 – Пиранса, Пирастела и Пирадонија: студии за живеење во високи станбени објекти, Студии за ниски станбени објекти Студии за атриумски куќи во различни геометриски форми (на пр. круг, триаголник, квадрат, полигон, спирала);

2006 – Станбена мегаструктура;

2015 – Патот на еден архитект 1958-2013

Учествувал на многу конкурси, на кои го освоил првото место:

1969 – 1-ва награда, Студентски дом „Гоце Делчев“ во Скопје,

1977 – 1-ва награда, Градско собрание на град Скопје;

1993 – 1-ва награда, Православна катедрала во Струмица;

1998 – 1-ва награда, Зграда на Парламентот во Астана, Казахстан;

2005 – 1-ва награда, Меморијалн центар на АСНОМ, Пелинце, Куманово.

Голем број прворангирани трудови, како и многу II и III награди на ниво на поранешна Југославија.

Добитник е на голем број награди, меѓу кои најважни се:

1969  – Национална награда „11 Октомври“ за Архивот на град Скопје;

1972  – Плакета „Борба“ за Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје;

1981 – Медал на „Борба“ за Спомен-куќата на Разловачкото востание во Разловци;

1981 – Главна награда за Спомен-куќата на Разловачкото востание во Разловци;

1988 – Медал за труд со златен венец;

1995 – Гран при на БИМАС Палата „Унија“ во Скопје;

1999 – Награда за животно дело „Андреја Дамјанов“ на ААМ;

2005 – Гран при на БИМАС за Меморијален центар на АСНОМ, Пелинце.

Автор: проф. д-р Мумен АБУАРКУБ, дипл. инж. арх.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top