Во првата половина на 2025 година, Кина инсталирала рекордни 264GW нови капацитети во ветерни електрани и соларна енергија, што е двојно повеќе отколку во истиот период минатата година. Тој раст е поттикнат од желбата на инвеститорите да ги завршат проектите пред стапување на сила на новиот пазарен систем и определување на цените на електричната енергија од обновливи извори.

По годините во кој приоритет беше брзиот и масовен развој на капацитетите, Кина сега преминува на фаза на т.н „висококвалитетен развој“ – политика која става акцент на стабилноста, одржливоста и економската ефикасност наместо самиот квантитет на изградените MW. Новиот систем воведува пазарни аукции и конкуренција меѓу производителите, наместо досегашните гарантирани откупни цени.
Првите резултати од тендерот во провинцијата Шандонг покажуваат дека пазарот реагира силно: цената на соларната енергија паднала за околу 32%, а на ветерната енергија за 9% во однос на досегашните просечни вредности. Аналитичарите проценуваат дека проектите кои се изградени пред јуни 2025 година и натаму остваруваат стабилни приходи благодарение на пониските трошоци на технологијата и долгорочните договори за откуп. Кај новите проекти приходите се пониски, меѓу другото и поради непредвидливоста на пазарот. Во моментот ветерните електрани имаат предност поради помалите ризици од ограничувањето на производството и постабилните приходи, додека соларните проекти во одделни региони се под поголем финансиски притисок поради нестабилните мрежни капацитети. Со овој премин Кина испраќа порака дека сака да премине од субвенционирано, масовно ширење на обновливите извори на енергија, на модел кој подразбира одржлив раст, рационални трошоци и долгорочен стабилен пазар на енергија.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија