Насловна / Арт и дизајн / Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа отворија Координативен центар за културна соработка во Скопје

Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа отворија Координативен центар за културна соработка во Скопје

Во рамките на НУБ „Св.Климент Охридски“ во Скопје, отворен е Координативниот центар за културна соработка меѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа (Иницијатива 16+1), известија од Министерството за култура.култура

Во присуство на голем број амбасадори на земјите-членки на ЦИЕ, на високи владини претставници, на јавни личности, претставници на националните институции од културата и уметници, Центарот го отвори министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски. Тој рече дека Иницијативата 16+1 претставува извонредна можност, без оглед на големината и на ресурсите на земјите-членки, да се вклучиме и сите заедно да придонесеме за унапредување на нашите врски, како на билатерален така и на мултилатерален план.

„За Македонија, отворањето на овој центар за културна соработка, а всушност и целата Иницијатива 16+1 е одлична можност, не само за унапредување на традиционално добрите и пријателски односи со НР Кина кои ги негуваме повеќе од половина век, туку и за воспоставување на уште поблиски релации и интензивирање на соработката со сите земји од Источна и Централна Европа“, истакна министерот Алаѓозовски.

Министерот говореше за досегашните активности што Македонија ги има со НР Кина, по Третиот форум за соработка помеѓу НР Кина и земјите на ЦИЕ, и по усвоената Декларација за културна соработка и Двегодишната програма за соработка за 2018-2019 меѓу НР Кина и ЦИЕ. Потпишан е и Меморандумот за разбирање помеѓу министерствата за култура, со што Координативниот центар за културна соработка меѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа беше и формално востановен со седиште во Скопје.

„Иницијативата ‘16 + 1’ има благородна цел – да ја интензивира и прошири соработката со 11-те земји – членки на ЕУ и 5-те балкански земји во инфраструктурата, трговијата, инвестициите, транспортот, земјоделието, финансиите, науката, образованието и културата, што ќе овозможи внатрешен развој на земјите, регионална поврзаност и забрзан економски развој. За нас, ова е одлична можност за унапредување на постојните партнерства, но и за воспоставување на нови партнерства и заеднички иницијативи, особено со подалечните европски региони“, рече на отворањето на Центарот министерот Алаѓозовски.

Присутните високи гости ги поздрави и амбасадорката на НР Кина, Јин Лисјен, која ги пренесе топлите честитки од својата земја за отворањето на овој центар во Скопје.

„Кина и земјите од Централна и Источна Европа имаат долга историја на пријателска размена. Ние не сме само пријатели кои го поминале тестот на времето, туку и нови партнери кон иднината. Соработката 16 + 1, која започна во 2012 година, претставува нова платформа за соработка што ја создадоа заеднички Кина и земјите од Централна и Источна Европа. Оттогаш, поддржувајќи го духот отвореност, соработката 16 + 1, како важна компонента и корисно дополнување на односите меѓу Кина и Европа, го одржува својот моментум на брз развој, преку промовирање на меѓусебното разбирање, пријателство и соработка, што донесе значителни придобивки за 17-те земји. Во рамките на соработката 16 + 1, културните размени луѓе – за – луѓе беа најактивното поле и дадоа охрабрувачки резултати“, истакна нејзината екселенција Лијсен.

Настанот беше збогатен со музичка програма од квартет на Македонската филхармонија.

Координативниот центар за културна соработка меѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ има широка платформа на активности, а во фокусот е организацијата на 4-от Министерски форум на Иницијативата 16 + 1 што во 2019 година ќе се одржи во Македонија, известија од Министерството за култура.

Испрати коментар

Scroll To Top