Насловна / Вести / Јавното претпријатие за државни патишта склучило договор со „Трансмет“ за обнова на Скопската северна обиколница

Јавното претпријатие за државни патишта склучило договор со „Трансмет“ за обнова на Скопската северна обиколница

Јавното претпријатие за државни патишта склучило договор за обнова на Скопската северна обиколница која беше оштетена од големите поплави од 6 август годинава, со Друштвото за градежништво, транспорт и трговија „Трансмет“ ДОО Скопје.

Претпријатието го достави склучениот договор до Бирото за јавни набавки, кое веднаш го објави. Договорот бил склучен на трети октомври.skopska-obikolnica

Јавното претпријатие за државни патишта соопшти дека склучениот договор без претходно објавување на оглас со „Трансмет“ изнесува 165.172.310 денари со вклучен  ДДВ, односно околу 2,6 милиони евра.

Целокупниот зафат ќе се оствари во рок од 28 месеци.

Склучување договори без претходно објaвување се прави кога, од причини од крајна итност предизвикани од настани кои договорниот орган не можел да ги предвиди и да му се припишат како пропуст, не може да се примени рокот за објавување на отворена постапка, ограничена постапка, постапка со барање за прибирање на понуди или постапка со преговарање со претходно објавување на оглас.

Јавното претпријатие за државни патишта до Бирото за јавни набавки го доставило и договорот за надзор на градежните работи. Избрана е фирмата Друштво за инженеринг, проектирање и консалтинг „Евро консалтинг“ ДОО увоз-извоз Скопје, која за работата ќе добие 1.920.000,00 денари или околу 32.000 евра. Овој договор бил склучен на 26 септември.

Скопската обиколница беше пуштена во употреба во 2009 година. Се градеше цели седум години, по проекти кои ги изработија „Прима инженеринг“ и „Балкан консалтинг“ со ревизија од Градежен факултет. Долга е 26,7 километри. Изградбата на обиколницата ја чинеше државата 135 милиони евра. Таа е дел од Коридорот 8, поврзувањето на Македонија со Бугарија и Албанија.

Испрати коментар

Scroll To Top