Насловна / Вести / Изложба на Златко Бојковски во Музејот на град Скопје

Изложба на Златко Бојковски во Музејот на град Скопје

Денес, во 20 часот, во Салонот 2 на Музејот на град Скопје ќе биде отворена изложбата на слики и скулптури на македонскиот автор Златко Бојковски.

Сликарството на Златко Бојковски презентирано во градскиот музеј се инспирира од архитектурата и амбиентот на светската метропола Њујорк, но во исто време, неговиот сликарски израз низ треперењето на четката уште подлабоко го изразува вибрантното секојдневие на модерниот урбан живот.Sk NYC

Посетителите на двата салони на Музејот на град Скопје ќе имаат можност да ги погледнат импозантните скулптури кои ги оживуваат металните конструкции и остатоци на секојдневното урбано живеење во комплоти кои совршено се вклопуваат создавајќи еден надреален духовен простор помеѓу урбаното и митското.

Во помошниот дел од Салонот 1 за посетителите преку видео презентација ќе биде достапна и сликовницата „Џони во посета на Њујорк“, која е изработена за американскиот пазар, а илустрирана од македонскиот илустратор и стрип автор Никола Темков.

Од 15 јуни во утринските часови едукаторите на Музејот на град Скопје ќе вршат презентации пред детската публика на содржините на сликовницата, која говори за Њујорк, неговите знаменитости, но и традициите и вредностите кои го изградиле овој голем светски центар и американското општество воопшто.

На отворањето на изложбата свое обраќање ќе има директорот на Музејот на град Скопје Љубен Тевдовски, а за творештвото и инспирациите на авторот ќе говори историчарот на уметност и кустос Дора Андова Фотева.

Веднаш по свеченото отворање на изложбата во Салонот 1 на Музеј на град Скопје ќе започне музичкиот перформанс на познатиот џез музичар и интерпретатор од македонско и британско потекло Џон Илија Апелгрин.

Искусниот вокал Апелгрин, кој е познат по своите одлични интерпретации на американските класици, како Џорџ Гершвин, Ерол Гарнер или Кол Портер, на македонската јавност вечерва ќе и ја приближи атмосферата на бродвејската музичка сцена, која стана симбол на пулсирањето на американската метропола.

Испрати коментар

Scroll To Top