Насловна / Вести / Изложба на апстрактна фотографија на Осман Демири во Чифте амам

Изложба на апстрактна фотографија на Осман Демири во Чифте амам

Утре (2 декември), во 19 часот, во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, ќе биде отворена миниретроспективна изложба на апстрактна фотографија на Осман Демири.osman pokana dekemvri

Осман Демири е наш современ фотограф, кој почна да ја освојува македонската фотографска сцена со своите инвентивни и исклучително естетски визуелни решенија низ апстрактни, т.е. концептуални фотографии. Тој ја истражува фотографијата целиот свој живот, и тоа фотографијата гледана низ различни објективи, со различни мотиви, интереси и техничко-технолошки прерогативи.

Ги работи и документарната, репортерската и објективната фотографија, но она во што тој се чувствува најсигурно и каде што ги постигнува најголемите доближувања до ликовната уметност, е токму во апстрактната фотографија. Досега има создадено доволно голем фонд на концепциски фотографии кои веќе ги има групирано по серии и циклуси, со што укажува на фактот дека размислува и твори системски и осмислено, а не само инстинктивно и без предумисла.vrazhdesi

Кај Осман Демири магијата на непознатото на моменти креира претстави кои личат на сликарски платна со енформелни, оп-артистички или надреални предзнаци, во други созвучја боите, формите и светлината прават одлични плакатско-дизајнерски решенија, додека трети фотографии имаат чисто концептуална аура и нудат одреден асоцијативен, преносен синкретизам.

Демири не користи компјутерска дообработка и не се служи со магијата на електронската трансформација и трансмутација, туку кај него сите претстави се добиени од прва рака, со мануелен или дигитален фотоапарат без дополнително доработување.IMG_1798

Линијата и формата заедно со одличниот избор на селектираниот кадар ја креираат сензацијата, што по потреба има нагласена волуменозност и тридимензионална полност, додека во други решенија прецизноста на замрзнувањето на фрагментот дава плакатска дводимензионалност, како облиците да се направени со помош на компјутерски програми и алатки.

Кај линијата, во зависност од идејната целина кон која тежнее, Демири во конкретни случаи создава една своевидна „нова геометрија“ на претставата, или, пак, од друга страна, заоблената линија се кривули, создава надреална мекост на имиџот, доведувајќи до нови идејни синкразии и асоцијации кои немаат допирна точка со појдовниот објект, туку се независни уметнички агломерации.gezimi

Светлината и сенката, иако клучни во фотографијата, воопшто и генерално кај апстрактната фотографија и кај Осман Демири конкретно се круцијални во создавањето на драматиката, во апострофирањето на формата, бојата, текстурата на објектите вклучени во претставата. Тие ги обликуваат содржината и „сочноста“ на имиџот. Примената на светлината без сенките нема никакво значење. Сенките не се едноставна темна маса која се граничи со светлината.

Напротив, сенките се субјект жив како и светлината. Сенките ја обликуваат светлината, тие го насочуваат вниманието на светлината. Со нив се креира и дополнителната визуелна игра што ја нуди сензацијата, геометриските или заоблени трансфери и просторните композиции. Тие креираат аура на продолжено дејство и сукцесивност, како и навестување на процесот што следи, т.е. се актери на динамиката.Enderr e kuqe

Текстурата, пак, сама по себе како принцип, е емфазирана со помош на формата, сенката и светлината и секако бојата. Таа кај Демири игра особено важна ролја во визуелниот финиш. Очигледно е една од значајните предуслови за дефинирањето на визуелната експресија кај нашиот автор и со неа се формираат своевидни ликовни решенија како примери на енформелната фотографија, сродна на „сликарство на материјата“.

Бојата, пак, го зграпчува вниманието на гледачот и го стимулира перцептивниот систем на гледачот. Таа, исто така, служи за да се задржи вниманието на гледачот подолг временски период. Ако очите на гледачот шетаат, бојата има тенденција да го врати вниманието назад. Демири користи и заситени или интензивни бои, во зависност од целта што сака да ја постигне. Некаде ахроматичноста (црно-бело, сиво) доминира за сметка на текстурата и на интензивирањето на светло-сенката, а другаде интензивната монохроматска претстава е есенцијална за постигнување на идејата. Контрасни бои користи за да ја зголеми драматиката на сликата.

Апстрахирањето и емфазирањето, како и блурирањето и изострувањето се често користени фотографски техники со кои се постигнува посакуваниот концепт и се реализира идејата. Кај Осман Демири овие механизми во примената на фотографијата се доста чести, заедно со зумирањето, т.е. макрофотографирањето. Композициската драматика во постигнувањето фокален центар со помош на острина и јаснотија е акцентирана со апстрахирање и замаглување на останатите делови од композициската целина, надополнета со колоритен контраст или текстурална опонентност.

Во делата на Осман Демири се обликуваат симулакруми место реални прикази и доминира духовноста. Иако некои визуелни елементи се чинат препознатливи, финалниот ефект е динамичен и комплетно апстрактен. Овие фотографии го предизвикуваат набљудувачот да чита зад глетката, а поетиката и универзалните форми ги иницираат чувствените сензори.

Куратор на проектот е Ана Франговска, а изложбата ќе биде поставена до 8 декември 2015 година.

Испрати коментар

Scroll To Top