Насловна / Вести / Изложба на Ана Матковска во Мала станица

Изложба на Ана Матковска во Мала станица

ana matkovska

Утре (3 јули), со почеток во 20.30 часот, во НУ Национална галерија на Македонија, објект Мала станица, ќе биде отворена самостојна изложба на младата македонска уметница Ана Матовска под наслов Related Parties.
Насловот Related Parties на изложбата на Ана Матовска, претставена во Националната галерија на Македонија, а претходно и во „Gallery MC“ во Њујорк (2012), може да се преведе на македонски најсоодветно како „поврзани субјекти“. Токму именката „субјекти“ и придавката „поврзани“ се означувачки елементи на делата претставени на оваа изложба, изработени во неколку циклуси во период од пет години. Симболичниот наслов реферира на инсистирање на субјективизам, поседување свој сопствен свет, став и исказ по однос на одредени прашања од реалноста, односно доследно дистанцирање од секојдневието.
Примарен мотив што е присутен во сликите и во фотографиите на Ана Матовска е третманот на женската фигура, било да станува збор за реален модел или, пак, за модел на кукла. Делата од изложбата Related Parties, различни според техничката реализација, се поврзани меѓу себе според естетскиот сензибилитет и според изборот на темите. Иако Ана Матовска инсистира на субјективноста на својот сопствен свет, сепак на еден контрадикторен начин тенденциозното бегање од реалноста создава спротивен ефект – од аспект на психолошко-социјални-културолошки толкувања, на виделина излегува една повеќеслојна суптилна (и секако субјективна!) критика на современоста и на нејзините продукти и стереотипи.
Изложбата е дел од програмските активности на НУ Национална галерија на Македонија за 2014 година, а е финансирана од Министерството за култура на Република Македонија.
Ана Матковска oд 2009 година живее и работи во Берлин, Германија. Во 2013 година дипломирала на Berliner Technische Kunstschule (Akademie für Gestaltung), отсек комуникација дизајн. Од минатата година е член на Professional Association of Visual Artist Berlin (bbk berlin e.V.). До сега реализирала пет самостојни изложби во Берлин (2007, 2009, 2013), Скопје (2007) и Њујорк (2012), а учествувала на 14 групни изложби во Скопје, Берлин, Париз и во Велес.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top