Насловна / Арт и дизајн / Изложба „Дела на хартија“ на еден од најзначајните македонски скулптори Петар Хаџи-Бошков во МСУ

Изложба „Дела на хартија“ на еден од најзначајните македонски скулптори Петар Хаџи-Бошков во МСУ

На 20 јуни, во Музејот на современата уметност во Скопје, ќе биде отворена ретроспективната изложба „Дела на хартија“ на еден од најзначајните македонски скулптори Петар Хаџи-Бошков (1928-2015, Скопје).

Изложбата „Дела на хартија“ за прв пат го претставува творештвото на Хаџи-Бошков видено низ призмата на цртежот и графиката, како значаен дел од создавањето на неговиот скулпторски опус, но и како автономен дел во формирањето на неговите уметнички и авторски дострели. Хаџи-Бошков е исклучително плоден уметник кој во текот на педесет години од своето творештво има создадено околу 2.000 графики и цртежи, со кои се претставува редовно на своите самостојни изложби, но и на многубројни меѓународни изложби, а добитник е и на редица домашни и интернационални награди за графика. Овој дел од неговото творештво, досега е поцелосно прикажан единствено во рамките на неговата прва ретроспективна изложба во Музејот на совремемната уметност во Скопје во 1989 година.мсу хаџи бошков

Изложбата „Дела на хартија“ вклучува голема селекција од над 300 графики, цртежи, графички мапи, скици, студии и колажи, од кои неколку значајни циклуси и проекти на уметникот ќе бидат изложени за првпат пред нашата јавност. Така на пример, на изложбата ќе може да се види последниот голем циклус на извонредно сугестивните монотипии и цртежи насловени „Психопејзажи“, работени помеѓу 1998 и 2004 година, како и скиците и подготовките за проектот „Крајот на векот“ за нереализираното учество на Биеналето во Венеција во 1999 година.

Но, освен нив ќе бидат поставени и повеќе неизложувани или за помладата публика непознати циклуси и поединечни дела. На изложбата е вклучен и помал избор на скулптури како референтни точки во релацијата со делата на хартија.

petar-hadzi-boskov

Насловот на изложбата „Дела на хартија“ го означува начинот и техниките кои Хаџи-Бошков ги применува во овој медиум, а кој покажува дека без оглед дали се работи за графичко дело или скица за разработка на некоја идеја, приодот на уметникот е како кон посебно и завршено уметничко дело.

Универзалните теми на човекот или фигурата, земјата или пејзажот и космосот или просторот, кои Хаџи-Бошков ликовно ги обработува во неговото импресивно скулпторско творештво главно со помош на ритамот на светлината и сенката, во делата на хартија имаат посебна снага и значење, не само поради мајсторството на уметникот во владеењето со цртежот и графичките техники, туку и поради спецификите на медиумот кои вклучуваат поголема наративност и симболичност во претставувањето.

Куратор на изложбата е Зоран Петровски. По повод изложбата ќе биде отпечатен и репрезентативен каталог со есеите на историчарите на уметноста Лилјана Неделковска и Лазо Плавевски, кои пишуваат за делото на Хаџи-Бошков Петар и неговото значење за модернизмот во македонската култура.

Изложбата ќе може да се посети до 1 август 2017 година.

Генерален спонзор на Музејот на современата уметност и на печатењето на каталогот за изложбата е Еуролинк Осигурување.

Испрати коментар

Scroll To Top