Насловна / Вести / „Инвазија од чудовишта“ на Давид Ристевски во Concept 37

„Инвазија од чудовишта“ на Давид Ристевски во Concept 37

Вечерва, со почеток во 20 часот, во Concept 37 во Скопје, ќе биде отворена првата самостојна изложба на цртежи на младиот графички и веб дизајнер Давид Ристевски, попознат какао Dreadpen.

Изложбата носи наслов „Инвазија од чудовишта“ и е инспирирана од не/секојдневни искуства, стрипови, цртани и филмови.cover

„Се трудам да ја прикажам интересната, светлата и насмеаната страна на чудовиштата. Не сакам асоцијација за чудовиште да ми биде нешто страшно. Затоа, на моите цртежи ги претставувам во друго светло, во интересни и смешни ситуации, како би можеле да не насмеат, да ни го разубават денот и да не оттргнат за момент од сивилото“, вели авторот Ристевски.

Процесот на создавање на чудовиштата започнува со молив, а завршува на компјутер. При тоа некои од нив добиваат и текст, со што излегуваат од дводимензионалноста, добиваат карактеристика на вистински жив лик, кој ви се чини дека одамна го познавате и со кого може да разговарате.

„Инспирацијата за овие дела ја пронајдов во стрипови, цртани и филмови. Процесот на создавање на ликовите најчесто е спонтан и на некој начин претставува имагинарен излез од секојдневието кој еволуира во карактер. Со тек на време тој карактер прераснува во подобро осмислен и со своја приказна“, додава Ристевски.

Инвазијата од чудовишта ќе биде претставена во 22 дела/цртежи со димензии од 40x40cm. Ќе бидат изложени и нови и веќе објавени илустрации.

На изложбата ќе може да се најдат и маички со ликовите од чудовиштата, кои заедно со сликите ќе бидат од продажен карактер.

Испрати коментар

Scroll To Top