Насловна / Архитектура / Интервју со Ѓоќо Радовановиќ, добитник на наградата „Андреја Дамјанов“

Интервју со Ѓоќо Радовановиќ, добитник на наградата „Андреја Дамјанов“

Годините си врват, врват… Остануваат носталгијата и спомените на изминатите времиња. Во третата доба од животот, се прават резимеата од започнатите и често нереализирани животни планови и се разбира за некого добивање на заслужената награда за животно дело, како круна на успешната кариера. Честитки за добивањето на Наградата за животно дело во архитектурата – Андреја Дамјанов, мој драг пријателе. Според мене требаше да се случи  многу порано, но тоа е тоа. Делата и квалитетот сепак накрај се признаваат. Ова интервју во Порта 3 после оваа награда веројатно ќе биде последно за тебе кај нас/дај Боже да грешам/, а веројатно последно и јас што го правам. И баш сум радосен и горд што е тоа со мојот стар пријател.  И прашањата и разговорот ќе бидат на „ти“, без вообичаеното  персирање. Па да започнеме.

01-01

Што значи за тебе ова признание? – Оскар за животно дело. Печат на една убава кариера и резиме на сето сторено во архитектурата, можеби почеток на некое ново творештво, бројаница во рацете и грижа за внуците…

Печат на една убава кариера и резиме на сето сторено во архитектурата – да, можеби почеток на некое ново творештво, но без бројаница во рацете и грижа за внуката.

Кога започна вистинската проектантска работа, кога го отвори твоето проектантско биро „Радо инженеринг“  и со кои проекти?

Со вистинската проектантска работа започнав на крајот на минатиот век. Секако најважен проект од тоа време беше куќата за Дарко Панчев со сите специфики за барањата и локацијата на истата.

Gjoko ( Porta ) (4)

Резиденција „Панчев“

 

Во 2014 год. во ерата на финалната реализација на урбанистичко- архитектонската трагедија од проектот „Скопје 2014“,  проектот Спортска сала „Јане Сандански“  ја доби Големата награда за архитектура.  Комплекс кој освен спортски има и угостителски содржини,  кои го прават и меѓународно познат , а особено по големите успеси на РК Вардар со двете европски титули.

Gjoko ( Porta ) (3)Gjoko ( Porta ) (5)

Спортски центар „Јане Сандански“

Спеифичните содржини, прописи и стандарди дефинирани од повеќе меѓународни спортски федерации со цел да се овозможи одржување натпревари од највисока категорија, наметнуваа потреба од задоволување на сите потребни функции, нивно усогласување и синхронизација, да се сочува единството и сето тоа да е економски издржано. Објектот е функционална машина со карактеристики на урбана скулптура. Како таков е награден со Големата годишна награда за архитектура во 2014 година.

Односот инвеститор со проектантот секако е најважната алка во реализацијата на еден проект…

Архитектот отсекогаш морал да биде поливалентен, водејќи се од принципите на својот проект кои влегуваат во сите пори на човековото живеење. Со други зборови архитектот мора да се информира за што поголем број аспекти кои влијаат врз квалитетот на објектот. За успешно дело покрај архитектот треба да имате инвеститор кој знае што сака, како да го добие тоа што го сака, и од кого. Во овој случај инвеститорот и проектантот со заеднички сили и разбирање треба да го создадат објектот со заемно задоволство.

Gjoko ( Porta ) (2)

Соравија центар во Скопје, Соравија ресорт

Еден од најубавите проекти, според мене, секако ти е објектот под кодно име – „Куќа со посебен режим на живеење“ за кој ја доби Големата годишна награда за архитектура во 2016 год. За успешно дело, покрај архитект, треба да се погоди и инвеститорот – нарачател на проект кој знае што сака, како да го добие тоа што го сака и од кого. Како се случи овој прекрасен проект?

Gjoko ( Porta ) (0)

Куќа со посебен режим на живеење во Скопје

Архитектура која антиципира радост на живеење, неприкосновена удобност и хармонија помеѓу човекот и природата. Објектот е дефиниран како скулптура. Композицијата се темели на дефинирани форми промислени во пропорциски систем. Играта на волумените во контраст со играта на материјалите, сенките и судирот помеѓу полното и празното, придонесуваат ентериерот да се преклопува со екстериерот со нагласени елементи на органска архитектура.

Од многубројните куќи за живеење би ја издвоил типично градската, урбана Town house -  објект во централниот дел на Скопје.

Со ограничен простор. Па сепак објектот изгледа богат во секој поглед. И како архитектура , ентериер, зелен кров… Town house е награден на BigSEE Architecture Awards 2020 во категорија на станбени објекти.

Gjoko ( Porta ) (20)

Town house во Скопје

Твоето студио важи за престижно, но и скапо. Дали вашето проектирање е скапо или останатите проектански бироа работат под цена. Како успевате да го одржите нивото, но и цената на услугата во ова наша нискобуџетна средина.

Отсекогаш имав став дека најскап проект е лошиот проект. Тој став го имам посебно откако го создадовме бирото пред 20 години.

Gjoko ( Porta ) (17)

Куќа со поглед во Куманово

Домашен или светски архитект кој оставил траги во твојата архитектонска мисла или пракса

Даниел Либескинд – е интернационално призната личност, како во праксата така и во теоријата. Во класичната пракса, со мултидисциплинарен пристап неговите вештини му овозможуваат студии и проекти со најразлични намени. По случајност или игра на судбината, имав можност да го посетам Музејот на холокаустот пред официјалното отворање.

Празен, без ентериер, само со голите/босите материјали, атмосферата ми предизвика чувство на смрзнување. Без опрема и без боја беше посетен исто како и кога беше завршен, дневно од 1.400 посетители во просек.

Gjoko ( Porta ) (16)

Куќа на Водно

Имаме ли ние современа македонска архитектура и зошто немаме светски архитектонски дела кај нас. Дали проектот „Скопје 2014“ беше единствената вистинска можност што ја пропуштивме?

Имаме, како сите така и ние. А за тоа каква е, за тоа сме сите ние виновни. Шансите се мали, дури би рекол и невозможни, да се спаси центарот на  Скопје. Тоа што би ги решило сите проблеми се единствено земјотрес или војна, што е незамисливо. Сите значајни објекти во светот се нарачани од страна на диктатура без демоктратија, и од тоа произлегува ова што го гледаме. Сега, нас, може да не спаси само големиот архитект творецот на вселената.

Gjoko ( Porta ) (6)

Пред-Д Порте

Професорот, нашата архитектонска икона Ѓ. Константиновски еден добар период од неговото подоцнежно творештво го мина со проектирање мегаструктури. Знам дека и ти имаш особен мерак за проектирање/за своја душа/проекти со имагинарни мегаструктури…

Мегаструктурите кои јас ги изработувам како макети ги нарекувам стилски вежби за убав живот.

Многу често се случува најдобрите проектантски дела да не се реализираат. Го имаш ли и ти тоа горко искуство?

Моето лично искуство е делумно горчливо. Но, не би го споделувал со јавноста. Ако имате стотина реализирани проекти сепак не би требало да се жалам за некои поединечни случаи.

Знам дека „Радо инженеринг”, во моментов има и премногу започнати проекти.  Дали помладата и надежна генерација те остава да бидеш сè уште главен или сега уживаш во функцијата советник.

За архитектите никогаш не е премногу, отсекогаш уживав во работата. Кога веќе ми го наметнувате поимот пензија, имам одличен тим околу себе, па веќе не мора да трчам по секоја цена. На својот тим му помагам така што им укажувам во која насока да се движат, а таму некаде е кружната маса и светиот грал кој ќе нè спаси од лошите инвеститори.

Gjoko ( Porta ) (27)

Резиме на ова атипично интервју со Ѓоко Радовановиќ

Лесен на цртање, проектирање и збор.Тежок на пишување до толку, што и неколку прашања планирани за ова интервју останаа неодговорени. Но, тоа е Ѓоле. Црногорец во Македонско руво. Но, затоа и главно стотината проекти низ неговата кариера се неговото најголемо животно интервју. Се надевам дека на престојното пролетно Биенале на Архитектурата ќе може да се види ретроспективата на неговото творештво, при доделувањето на наградата Андреј Дамјанов.

И за крај , а можеби и најважното. Неговиот најдобар асистент, подржувач и муза секако беше а ќе биде и натаму неговата диа.Ацка.

Gjoko ( Porta ) (15)

Викенд куќи Матка

Кратка биографија:

Архитект Ѓоко Радовановиќ

Роден 1949година

Техничко архитектонско школо во Ниш – 1968 година

Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје  – 1978 година

1978 – 1980 – слободен уметник

1980 – 1982 – Биначка Морава – главен инженер за проектирање и изведување на пренапрегнати носачи, монтажна градба од панелен систем

1982 – 1988 – Маврово Монт – главен инженер за проектирање и изведување на монтажни санитарни блокови и монтажни елементи

1988 – Инженеринг инвест – градежен инженеринг

1994 – 2002 – Јукан инженеринг – проектирање и изведување на ентериери

2002 –    Радо инженеринг – основач

Позначајни реализирани проекти

Спортска сала Јане Сандански

куќа со посебен режим на живеење

Town house

Соравија инвест

Соравија ресорт

15 меѓународни групни изложби

2 самостојни изложби (Скопје и Белград)

Награди

Голема годишна награда 2014 – проектот “Спортска сала Јане Сандански

Голема годишна награда 2016 – куќа со посебен режим на живеење

BigSEE Architecture Awards 2020 – Town house

Андреја Дамјанов 2020

Gjoko ( Porta ) (13)

Gjoko ( Porta ) (10)

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top