Насловна / Вести / Општината ќе ги уништи условите за живот во центарот

Општината ќе ги уништи условите за живот во центарот

Image

ОСТРИ РЕАКЦИИ ОД ЖИТЕЛИТЕ ЗА ДУП ЗА ГОЛЕМИОТ РИНГ
АКО ОВОЈ ДЕТАЛЕН ПЛАН СЕ УСВОИ, ГРАЃАНИТЕ ЌЕ ГО ОСПОРАТ ПРЕД УСТАВНИОТ СУД

Ако Деталниот урбанистички план за Големиот ринг-исток, односно за просторот околу Зеленото пазарче се усвои без да се прифатат реакциите од граѓаните, тие најавуваат дека ќе поднесат претставка до Уставниот суд за да се преиспита неговата законитост. Планот, кој во почетокот на август беше изложен во нацрт-верзија во Месната заедница “Роберт Гајдиќ“, ги шокира сите пет илјади жители на ова подрачје, бидејќи со него се предвидува пазарот да се дислоцира и на неговото место да се изгради парк, речиси сите зелени површини да станат паркиралиш та или сообраќајници, како и да се изгради катна гаража врз паркингот до “Аутомакедонија“. Досега се поднесени многу забелешки до Општина Центар, а од таму велат дека надлежната комисија ги разгледува анкетните листови и наскоро ќе поднесе извештај што се прифаќа, а што не.

Според жителите, главен законски проблем со планот е што тој не е направен во согласност со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање донесен од Министерството за транспорт и врски. Во него пишува дека објектите од класата Г, со која се обележани паркинзите и гаражата, не можат да се сместат во иста зона со тие од класата А, која означува домување, а токму тоа е направено во нацрт-верзијата на овој ДУП, поради што Уставниот суд би требало да го укине.

– Планираат да направат катна гаража, која ќе ја блокира зградата зад неа. Сите паркчиња сакаат да ги поплочат и да ги направат паркиралишта или сервисни улици со кои ќе се спојат сообраќајниците Даме Груев и Мито Хаџивасилев Јасмин, па тука да поминуваат стотици возила дневно. За таа цел ќе се исечат десетици стари дрвја, а потоа ќе се прави нов парк кај пазарчето. Зарем има логика во тоа? Зошто веднаш не се направи паркинг врз пазарот? И на кого му се потребни овие измени? Ние не сме ги барале и нема да дозволиме да се спроведат. Отворивме петиција, која ја потпишуваат сите граѓани, никој не ја одбива. Го изложија планот на јавна анкета среде лето, кога речиси сите се на одмор, за да не добијат многу забелешки. Но ние ќе одиме докрај, ќе се обратиме до сите институции, а на крајот ќе го оспориме планот и пред Уставниот суд – реагираат повеќето жители на овој дел од центарот на градот.

Од Општината Центар не сакаат да коментираат ништо додека се разгледуваат забелешките од граѓаните. Тие најавуваат дека наскоро ќе одговорат на сите. Според нив, годишните одмори го одложиле разгледувањето на анкетните листови, но очекуваат во најскоро време да добијат мислења за нив.

 

Т.Г.
Објавено во број 90.

Испрати коментар

Scroll To Top