Насловна / Форум / Претставата што ни е понудена не ја сака вистината

Претставата што ни е понудена не ја сака вистината

http://www.porta3.com.mk/http://92.55.64.34/images/stories/forum/jasmina-siljanovska.jpgПроф. д-р Јасмина Сиљаноска

 

Деновиве се изнаслушавме и изнагледавме мноштво на оркестрирани атонални настапи по медиумите што упорно се обидуваат да ни го објаснат редефинираното значење на поимот идентитет и градска слика.

 

 

Тука веќе секој кој се бави со теорија и историја на градот, со значењето и вредностите на градителското наследство, занемува од немоќ (срам?!), бидејќи и покрај најдобрата намера да им прости за незнаењето и површноста,  тапата болка која, професионалната инфериорност и игноранција, ја причинуваат е длабока. За почеток би било добро да го повежбаат значењето на зборот идентитет  врз себе, онака кришум пред огледало.


Да потсетиме, идентитетот на просторот секогаш се однесува на она што  е специфично во архитектурата, како species artis. Во ваквиот концепт, јавните згради не се апстрактен симбол, туку во секојдневниот живот учествуваат како нешто трајно и заедничко.  Тие станувуваат  обележја  кои ја формираат сликата на градот, а воедно се и симболи на колективниот живот. Тие ги демонстрираат и заедничките приоритети.  Овде некој дрско си поигрува подместувајќи и потпикнувајќи ги своите симболи за колективни симболи и приоритети, при што нивното декодирање покажува духовна пустош и малодушно задскривање зад имитацијата.
Сите наши намери иднината недвосмислено ќе ги прочита, ќе ги соголи, вреднува, обезвреднува.  Не треба многу претскажувачка способност за да видиме како нас и оваа градоградителска некреативност би била о(пот)ценета. Само современата архитектура е битен човеков акт и креација, која  е во функција на вистинската иднина на човекот и само таа, никој и никако поинаку, како вистинска сегашност е онаа која го носи минатото кон иднината. Затоа одговорноста  да водиме сметка за денешната оригиналност, како и за онаа од минатото, е огромна.


За жал, Скопје не е град со експлицитна историчност, кој своето помнење го искажува низ големи и значајни споменици или наталожено урбано ткиво. Неговите приказни се сиромашни со материјални докази за неговото повеќемилениумско постоење. Трагичните настани го празнеле просторот за потребите на своите почетоци и планови. Да не било така, културната и градителска традиција ќе беа очигледни. Скопје е град со празнини во колективната меморија на неговото население. Тој е пример како постојано се редефинираат историските вредности и репери на меморијата од материјалната култура, со тоа негирајќи ја нивната историска вредност и траење и физичката потврда за континуитетот на градот. За Скопје може да се каже дека е од оние градови кои својата историчност ја градат на инаков начин, преку еден вид на автофабулација.  Тоа е вистината за Скопје.


Претставата што ни е понудена, преку комјутерски генерираната визија за Скопје 2014, не ја сака вистината. Таа сака да ги пополни празнините во сеќавањето, да го подврзе дисконтинуитетот во развојот и да ги воскресне времињата што активно живееле и се надраснувале во некои европски соседства. Притоа, се обидуваат да не убедат, едните дека барокот е наголемо присутен во нашиве македонски градови, а другите дека античко-македонскиот (еленистичкиот) начин на градење и изразување е прв етаблиран барок,  што би значело дека и двете си се наши. А кога се говори за градот, единственото вистинско барокно влијание е дојдено со првите урбанистички планови, со првите Генерални регулации за градот Скопје, едниот  од  1914 год. направен од Д.Т.Лека и другиот од 1929  од  Ј. Михаиловиќ. Притоа, ваквиот галиматејски историски еклектицизам на ново-старото "Скопје 2014" ги помешал класичните елементи на досега невиден и единствено по тоа оригинален начин, овојпат без академски став, како собрани сувенири, крпчиња и парчиња од други просторно-временски концепции и креативни епохи на изразување, воскреснати во време во кое просторно и временски не се совпаѓаат и не се снаоѓаат.


Теоријата и практиката познаваат мноштво на примери  кога одредени времиња во намерата да создадат нешто величествено по секоја цена, нешто што ги велича творците и нарачателите, а во недостиг на кретаивен капацитет,  посегнуваат по облици на градот од минатото, за градот кој се сака да се изгради во  ”позајмено време со идентитет”. Такви се сите остварувања во стилот на Grand Manner. Една работа е кога величањето на традиционалната форма се однесува и задржува на испитувањето на урбаната морфологија, на нејзините затворени плоштади и улици, а друга кога се имитираат конкретни архитектонски изрази и стилиски варијации.  Или тоа би било како градот на сеќавањата на Алдо Роси, кој треба да ги возобнови старата урбана морфологија и типологија на објектите, без значењето кое тие некогаш го имале, бидејќи градот за него е театар заради меморијата која треба да ја поседува, но не и заради историскиот контекст, бидеќи контекстот се менува и пресоздава. Ова постмодернистично толкување на градот и трагањето по неговите симболи и вредности за идентификација и ние во својата претстава за градот го зедовме за мотив 1992 годинa, не помислувајќи дека понуденото толкување нема да биде ниту прочитано .

Испрати коментар

Scroll To Top