Насловна / Вести / Пет кратки приказни од Токио

Пет кратки приказни од Токио

tokio-thumb.jpg

Интро 
На почеток на 2011 година, имав една кратка комуникација со Јапонија преку Интернет околу изложба, која беше испланирана за месец јули во Токио. Изложбата беша на тема: "Метаболизам – Градот на иднината". На 11 март 2011 година, Јапонија ја погоди катаклизма од невидени размери, случување кое го раздрма физикусот на една голема цивилизација.

Додека светот сè уште со неверување клима со главата, Јапонија се поврати. Судбината на изложбата, во чија организација и самиот бев во одредени аспекти случајно вмешан, висеше на тенок конец. Истрајноста на Јапонците превлада. tokio-1.jpgИзложбата доби нов термин: 17 септември 2011 година. Мојот втор контакт со Токио ми ја откри оваа информација во август, за да веќе неколку дена подоцна го испланирав патувањето за Јапонија, помогнато од Универзитетот Американ колеџ/ ФАД во Скопје, каде што предавам урбанизам. Професор Хаџиме Јатсука, главниот куратор на првата светска изложба за метаболизам, ме покани на отворање, а сите мои истражувачки материјали околу Кензо Танге и постземјотресно Скопје веќе беа испратени на пат кон музејот "Мори Арт" во Токио. Моето пронаоѓање на конкурсната макета од Кензо Танге во 2008 година, како и мојата магистерска теза на таа тематика, ме вмешаа во сплет на неколку приказни…


Приказна 1 Мори Арт Музеј, Токио, 17 септември – 15 јануари 2012 Метаболизам

Во 1960 година, група јапонски архитекти сонувале за градовите на иднината и почнале да креираат нови возбудливи концепти. Светската конференција за дизајн во 1960 година била можност која водела кон формирање на групата Метаболисти создадена од: Кишо Курокава, Кикутаке Кијонори, Фумихико Маки, Кензо Танге и Масато Отака; дизајнерите Кенџи Екуан и Кијоши Авазу, како и архитектонскиот критичар Нобору Кавазое. 

tokio-2.jpg

Името на групата е изведено од биолошкиот концепт – архитектурата и градовите треба да ја имаат онаа способност на живите организми, континуирано да растат, да се репродуцираат и трансформираат во контекст на околината. Нивните концепти биле фасцинантни: планот за Токискиот Залив (Танге, 1960) – живеење на вода, територијални проширувања на Токио, па сè до оние концепти за градот Марина на Кијонори Кикутаке од 1963 година. Метаболизмот се раѓа како последица од поствоената јапонска клима. Во тој период, земјата влегува во рапиден економски развиток и со тоа ги поттикнува најголемите архитектонски филозофи да создадат правец кој ќе го инспирира Светот (Скопје е дел од тој пример).

Приказна 2 17 септември 2011, 17 часот, Токиски Универзитет во разговор со Рем Колхас

Максим Наумовски во разговор со професор Хаџиме Јатсука, дознава дека голема инспирација на Рем Колхас да стане архитект биле цртежите на Танге од конкурсот за постземјотресно Скопје! Истиот ден, во разговор со Рем Колхас на Токискиот универзитет, се обидовме да го потврдиме тоа. Рем климна со главата. Колхас оваа година ја одбележа со издавање на својата нова книга "Проект Јапонија: Метаболистички разговори". Во Токио беше дојден за отворањето на изложбата како и промоција на книгата по лична покана од професор Хаџиме, кој воедно беше и нашиот домаќин. На прашање за Кензо Танге, Рем вели: "лабораторијата на Танге при Токискиот универзитет каде сега се наоѓаме, може да се гледа како еден вид инкубатор кој создавал процеси. (Концептот за Скопје бил роден во таа лабораторија). Таа лабораторија давала живот преку тие процеси, била една фамилија. 

tokio-4-ruen.jpg

Сите членови кои работеле на петтиот кат лево во канцеларијата на Танге (сега преземена од арх. Кенго Кума), биле константно заедно – јаделе, спиеле, се венчавале…". Понатаму Колхас раскажува за проектот "Скај Хаус", приватната куќа на Кикутаке, каде што во 1958 година се води првиот разговор за формирање на правец кој настанува по две години. "Во тие разговори, тогаш уште како неименуван правец, ‘метаболизмот’ е дефиниран од Курокава како концепт за град кој е способен да ги антиципира промените во општеството и во ист контекст да се менува". Амбицијата на метаболистите, раскажува понатаму Рем, е амбицијата кон небото, новите технологии, кои се аргументирани преку традицијата (проектот "Градот во воздух" од Изоцаки Арата, "Градот Хеликс" од Курокава). Метаболизмот бил толку силен правец што влијаел до таа мера што можел да дефинира Нација. "Знаеме дека постојат многу проблеми кога политиката е вмешана. Но напротив, би рекол Метаболизмот покажа дека ако постои доволно интелегентна власт со агенда, како и власт која е заинтересирана да ги искористи архитектите како актери за да игра со таа агенда, е во состојба да креира многу моќна ситуација! Јапонската власт во принцип била во својство на огромен спонзор на архитектите во 60-тите, може да се каже дека токму тие, власта, креирале архитекти ѕвезди. Затоа мојата книгата се вика "Проект Јапонија", заклучи Колхас.

Приказна 3 17 септември 2011, 19 часот, Мори Арт Музеј, Ропонги Хилс, Токио во разговор со Кенго Кума за Скопје

Како специјални гости од Скопје, јас, Максим Наумовски и Оливер Илиевски бевме пречекани со неочекувани почести од главната кураторка на музејот "Мори Арт", г-ѓа Тагомори Михо, и директорот Фумио Нанџо. На специјалното отворање, нашиот домаќин нè запозна со архитектот Кенго Кума, кој во разговорот што го водевме изрази длабоко интересирање за Скопје, за сагата на Танге, за Скопската недела на архитектура. По неколку чашки саке, разговорот со Кума што продолжи во различни насоки, останува во наше друштво долго време… Господинот Фумио Нанџо ја прогласи изложбата за отворена, при што ние со нетрпение побрзавме да видиме каде е изложена макетата на Скопје. Просторот на музејот "Мори Арт" се наоѓа на 53 кат во облакодерот Мори во областа Ропонги Хилс. 

tokio-3.jpg

Изложбата е огромна, а изложбениот простор, за споредба, е десет пати поголем во однос на Музејот на Современа во Скопје, на пример. Макетата на Скопје од Танге, по речиси 50 години, повторно е дома во Токио, изложена во просторија со панорамско стакло од кое го набљудувате Токио од 283 метри височина. Интернационалниот метаболизам привлекува огромно внимание. Со голема стрпливост разговараме со нашите домаќини и со гордост раскажуваме за Скопје.

Приказна 4 18 септември, 20 часот, облакодер Мори, 52 кат, дебата со: проф. Хаџиме, арх. Колхас – во разговор со арх. Арата Исозаки

Професорот Хаџиме фактографски ги изложи поставките за метаболизмот како и прогресот кон правец, кој бил влијателен во целиот свет. Во дискусијата се вклучи и архитект Арата Исозаки, кој ги дополни овие излагања од гледиште на директен автор на некои најзначајни метаболистички проекти. Изоцаки го спомна проектот за Скопје, како автор заедно со Танге, Танигучи и Ватанабе, со што се надоврза за дејствувањето на метаболистите на интернационалната сцена. Преку директен разговор со Арата Исозаки, непосредно по дебатата, дознаваме дека има големо интересирање за прогресот на град Скопје во однос на изминатиот постземјотресен период. Зборувавме за аспирациите на еден мал град во однос на мегалополиси како Токио. Во контекст на тоа бевме поканети и кај него во студио.

Приказна 5 25-28 септември, отворање на Светскиот конгрес за архитектура, UIA2011 – во разговор со Тадао Андо, Тојо Ито, Руе Нишизава

24. Светски конгрес за архитектура е огромно светско тело создадено од 124 земји и повеќе од 1,4 милиони архитекти, како и половина милион студенти глобално. Оваа глобална мрежа посветена исклучиво на архитектонската професија е невладина организација која од 1948 година во Лозана ја започнува својата сага секој 3 години. Темата за 2011: "Дизајн 2050 – по катастрофи, преку солидарност, кон самоодржливост". Разговаравме со архитектот Тадао Андо веднаш по неговото предавање, кое го следеа повеќе од 7.000 публика во салата на Токио Форум. На прашањето што мисли за модерна Јапонија и авангардните правци по војната, дали едното го условува другото, Андо вели:
"Во денешно време мора повторно да се размисли за метаболизмот! Како нација мора да се регионализираме со соседните земји: Кореја, Тајван, Кина… Тоа мора да се случи, луѓето што живееа во 50-тите години, и беа полни со амбиција и порив за новости, бестрашни пред својата професија, денеска за жал не постојат повеќе!".
По предавањето на архитектонското студио "САНАА" имав можност лично да позборувам со архитект Руе Нишизава.
На прашање околу неговиот проект Тешима Арт Музеј и поврзаноста со римскиот Пантеон, Нишизава вели: "За мене Пантеонот е најспектакуларното архитеконско дело некогаш направено од човекот." 

tokio-5.jpg

Галерискиот простор не е резултат на капсулизација, туку на внимателни преговори помеѓу земјата и небото. Изградбата на ова парче архитектура е технолошки исто како она на Пантеонот во Рим: голема површина земја е залеана со бел 25см бетон, а потоа истата е ископана за да се добие кохерентен архитектонскиот простор! Во излагањето на архитект Тојо Ито нашето внимание беше целосно насочено кон неговите социолошки концепти. Човек мора да ја осети неговата клупа "Рипл", за да знае за што точно зборувам. "Еластичност во архитектонската технологија" беше темата на неговото предавање. Ито се насочи кон синтагматски и парадигматски приод кон архитектурата. Геометријата како фундаментален процес за креирање на визуелизацијата. Во тој аспект Тојо Ито ја анализира водата, што преку својата не- форма ја покажува 4-та димензија како и непостојаноста.
Понатаму, преку овие постулати за водата и геометријата Ито ја анализираше катастрофата што ја погоди Јапонија во март 2011. Ја нарече "катастрофа од човечки фактор", и преку рачни скици ни објасни како бариерата што ги штити реакторите во Фукушима е недоволно добро обмислена за да може да ја врши својата функција. Со остра бариера, како бетонски ѕид, не можеш да го одвоиш технолошкото од природното… Субдивизијата како базис зад концептот на архитектурата дава нови видувања како ние може да коегзистираме со природата. Нежни граници, меки линии се тие што треба постепено да градат штит. Ито границите ги дели на: градациски, комплексни, фрактални, замаглени и флексибилни. 

tokio-6.jpg

Пост-катастрофа- градот треба да има 5 обвивки на заштита кои треба да ги содржат сите погоре наброени својства. Самата природа треба да биде поставена како заштита. Во тој контекст објектот на Националната Опера во Тајван, Ито ја посочи како врска помеѓу луѓето и природата. Во личниот разговор со Тојо Ито веднаш по предавањето, тој изјави: "Архитектурата плови, таа е само состојба, плови помеѓу физичката и психичката егзистенција". На прашањето: "Ако ги замаглиме границите и се обидеме да гледаме во поголем размер, а да учиме од помалиот размер на градот, во која насока би прогресирал градот на иднината?". Тојо Ито: "Мора повторно да се размисли за традицијата. На традиционалното општество, денеска во иста мера му треба технологија – но нова технологија, друг тип на технологија, односно системот за информација. Тоа е насоката кон која ќе се движи градот на иднината".


Испрати коментар

Scroll To Top