Насловна / Екологија / На фитопланктонот му е потребно итно пребројување

На фитопланктонот му е потребно итно пребројување

na-fitoplanktonot-1.jpgИстражувачите од Универзитетот во Плимут, Велика Британија, ги повикаа
морнарите и рибарите да учествуваат во единствената глобална студија,
која ќе го одреди количеството фитопланктон во океаните, и тоа преку
апликација за мобилен телефон. Фитопланктонот е група едноклеточни
организми кои се на почетокот на синџирот на исхрана во морските
екосистеми.

 

Научниците тврдат дека нивниот број во последните години драстично се намалил како последица на зголемувањето на температурата на морската вода, што е последица на глобалното затоплување. Новонастанатата ситуација во иднина би имала несогледливи последици по опстанокот на морскиот свет, но и на секое друго битие на планетава, со оглед на тоа што фитопланктонот во океаните произведува дури половина од кислородот потребен за живот на Земјата, потсетуваат од Универзитетот во Плимут.

 

na-fitoplanktonot-1.jpg

Проектот што треба да го одреди количеството фитопланктон во океаните го лансираше Поморскиот институт при Универзитетот во Плимут. Истражувачите се надеваат дека ќе успеат да направат мапа на океаните со сезонските и годишните промени на фитопланктонот, од сега за во иднина. "Фитопланктонот живее под површината на морската вода, па е под директно влијание на покачените температури на морската вода, што е резултат на климатските промени. Според еден научен извештај, кој беше објавен минатата година, популацијата на морскиот планктон се намалила за дури 40 проценти, од 1950 година наваму. Ние мора да дознаеме како тие организми се менуваат во новонастанатите услови за да го разбереме нивниот ефект врз морската биологија", вели биологот доктор Ричард Кирби, водачот на истражувачкиот тим.

За да се утврди нивото на фитопланктон во нашите океани, математички експерти од Универзитетот во Плимут развиле бесплатна апликација за мобилен телефон за рибарите и морнарите, која може да се користи во сите делови на светот. Тие ќе треба да изведат едноставен експеримент употребувајќи таканаречен "Secchi Disk", кој може сами да го направат според даденото упатство на сајтот (http://www1.plymouth. ac.uk/marine/secchidisk/Pages/default.aspx). Закачен за мерна лента, дискот се спушта во водата преку работ на чамецот, а длабочината на која тој исчезнува од видот ја проценува количината на фитопланктон во морето. Таа длабочина потоа се внесува во датабаза со помош на апликацијата за мобилен телефон, објаснуваат од Универзитетот.

na-fitoplanktonot-2.jpg

 

ВИСТИНСКИТЕ „БЕЛИ ДРОБОВИ„ НА ПЛАНЕТАТА ЗЕМЈА

 

Овие едноклеточни растенија ја користат енергијата од Сонцето за да го претворат јаглеродниот диоксид и нутриентите во сложени органски соединенија, кои сочинуваат нов растителен материјал.

Со овој процес, познат како фотосинтеза, овие организми растат. Во процесот на фотосинтеза фитопланктонот во светските мориња ослободува кислород во водата, поточно, фитопланктонот произведува дури половина од кислородот на Земјата. Токму поради овој процент произведен кислород, групата организми е како "бели дробови" на нашата планета и заслужува брза акција за заштита, пишува магазинот ‘National Geographic’. Другата половина од кислородот се добива преку фотосинтеза од дрвјата на копното, грмушките, тревите и другите растенија. Денес, фитопланктонот и растенијата на копното одржуваат рамнотежа во количеството на атмосферскиот кислород.

 

Сашо Кузмановски

Испрати коментар

Scroll To Top