Насловна / Вести / Град Скопје го раскина договорот за тунелите под Кале

Град Скопје го раскина договорот за тунелите под Кале

Град Скопје го раскина договорот за проектирање на тунелите под Кале со турската фирма „Мега инженеринг консалтинг АД“ бидејќи не ги испочитувале роковите за изработка на проектот. Град Скопје на лани на 12 јуни склучи договор со турската фирма која заедно со Завод за испитување на материјали и развој на нови технологии од Скопје, за шест месеци требаше да ја проектира сообраќајницата, мостот преку Вардар и тунелите под Кале. Поради сложеноста на проектот и пандемијата на ковид-19, рокот беше продолжен за дополнителни шест месеци, но ниту тој рок не е испочитуван, па договорот е раскинат.

Skopje

“Активирана е банкарската гаранција, наплатено е за неиполнување на одредбите од договорот. Подобро да изгубиме една година отколку да добиеме лош проект, што потоа не можеме да го реализираме. Нема да дозволам да добиеме неквалитетен документ за толку важен проект кој ќе го смени изгледот на градот“, вели градоначалникот Петре Шилегов, а пренесува САКАМ ДА КАЖАМ.

Шилегов вели дека не се откажува од овој капитален проект за Скопје, најавува нов тендер за проектант и верува дека до крајот на својот мандат ќе ја почне реализацијата на долго најавуваната идеја за тунели под Кале, сообраќајница која е зацртана во Генералниот урбанистички план уште во 1964 година.

Skopje1

Според најавите, сообраќајницата ќе почнува од булеварот Свети Климент Охридски и ќе биде издигната на височина од шест до девет метри. Потоа, од зградата на Владата сообраќајот ќе се одвива по нов мост преку реката Вардар кој ќе биде долг 173 метри, а широк 20 метри и ќе има четири сообраќајни ленти. Мостот ќе продолжува како вијадукт долг 262 метри сè до влезот во тунелот под Калето. Од тунелот сообраќајот ќе продолжи на кружен тек издигнат пет метри над Пластичарска улица и треба да се спои со булеварот Македонско-косовска бригада.

Според проценките реализацијата на овој проект ќе чини околу 30 милиони евра.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top