Насловна / Вести / Франција започнува со демонтажа на нуклеарната електрана „Фесенхајм“

Франција започнува со демонтажа на нуклеарната електрана „Фесенхајм“

Владата на Франција наложила целосно демонтирање на претходно затворената нуклеарна електрана „Фесенхајм“ која се наоѓа во источниот дел на земјата. Со оглед дека неколку години се работело на отстранување на горивото од 2022 година и на подготвителни операции, сега доаѓа на ред демонтажа на опрематa, а потоа и санација на таа локација на која централата работела се до 2020 година. Работите се фокусирани на отстранување на главните компоненти, почнувајќи од три парогенератори на блок 1 и местото за складирање на гориво. Се очекува комплетниот процес на демонтажа да трае најрано до 2041 година.

Француската електроенергетска компанија EdF планира со повторно користење на зградите покрај електраната, до 2031 година да изгради постројка за рециклирање на нискоактивни радиоактивни метали. Се проценува дека изградбата на овој центар ќе чини 450 милиони евра. Нуклеарната електрана „Фесеннхајм“ била најстариот оперативен нуклеарен објект во Франција, кога електраната е трајно затворена во 2020 година. Имала два реактори PWR од по 920 MW. Изградбата започнала во 1970 година, а електраната е пуштена во работа во 1977-1978. Блок 1 е исклучен на 22.02.2020 година, а блок 2 на 30.06.2020 година. Затворањето на електраната следуваше по долгогодишни протести и меѓународен притисок од Германија и Швајцарија поради неколку фактори на ризик. Имено, електраната е лоцирана во Рајнската раседна долина, зона со умерена сеизмичка активност во близина на раседот на историскиот земјотрес во Базел во 1356 година. Покрај тоа, нејзината положба осум метри пониско од соседниот канал предивикала загриженост од потенцијална поплава.

Франција оперира со една од најкомплексните нуклеарни енергетски мрежи на светот, односно со 57 оперативни реактори во 18 активни електрани. Со нив првенствено управува државната компанија EdF, и тие постројки произведуваат приближно 70% од електричната енергија во Франција, што ја прави земјата најголем нето извозник на енергија во светот. Француската нуклеарна „флота“ е високостандардизирана, се состои првенствено од реактори под притисок PWR во три главни класи: 900MWe, 1300MWe и 1450MWe. После години поминати во расправа за намалување на уделот на нуклеарната енергија, Владата на Франција се сврте кон препород на тој сектор со цел постигнување на јаглеродна неутралност до 2050 година.  Во тек се планови за изградба на најмалку шест нови EPR2 реактори, а првите два се планирани за локација во Нормандија. ASN (Управата за нуклеарна безбедност) одобрила продолжување на животниот век на посоечките реактори од 40 на 50 или 60 години, под услов да ги исполнуваат ажурираните безбедносни стандарди. Исто така, Франција е домаќин на меѓународниот проект ITER кој има за цел изградба на најголемиот експериментален реактор за нуклеарна фузија на светот.

Испрати коментар

Scroll To Top