Насловна / Вести / Европската унија подготвува револуција во сообраќајот – железницата во фокусот

Европската унија подготвува револуција во сообраќајот – железницата во фокусот

Европската комисија усвои сеопфатен пакет за сообраќај кој ќе го забрза воведувањето на европската мрежа на брза железница и ќе ги поттикне вложувањата во обновливи и нискојаглеродни горива за секторите воздушен и воден сообраќај. Конкурентноста и одржливоста се водечки принципи на овој пакет, чија цел е да го направи транспортниот систем на ЕУ поефикасен, меѓусебно поврзан, попристапен, почист и поотпорен. Презентираните мерки опфаќаат две клучни подрачја – железницата, каде Европа веќе предничи во одржливоста, но сега ги забрзува активностите кон зелена транзиција. Новиот Акциски план за брза железница ги утврдува чекорите потребни за создавање на побрза, пинтероперабина и подобро поврзана европска мрежа до 2040 година. Целта е да се скрати времето на патувањата и да ја направи железницата атрактивна алтернатива на краткотрајните авионски летови.

Надоврзувајќи се на Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T), планот предвидува поврзување на главните јазли со брзини од 200km/h и повеќе. Патниците ќе можат да патуваат од Берлин до Копенхаген за четири часа наместо сегашните седум, а од Софија до Атина за шест наместо досегашните 13 часа и 40 минути. Новите прекугранични врски ќе овозможат побрзи и поедноставни патувања, како рутата Париз – Лисабон преку Мадрид, како и подобра поврзаност помеѓу балтичките престолнини. За да се реализира оваа визија, Комисијата предлага четири клучни правци на дејстување:

  • Отстранување на прекуграничните тесни грла преку обврзувачки рокови до 2027 година и идентификација на можностите за поголеми брзини, вклучувајќи и над 250km/h, кога тоа е економски оправдано.
  • Развивање на координирана стратегија за финансирање, вклучувајќи и дијалог со државите членки, индустријата и финансиските институции, со цел да се мобилизираат неопходните инвестиции
  • Подобрување на условите за железничката индустрија и операторите преку конкуренција на опкружувањето, унапредување на системите за продажба на билети и резервации, поддршка на пазарот за половни возови, забрзување на дигитализацијата и истражување и развој
  • Зајакнување на управувањето на ниво на ЕУ и координација на капацитетите за прекугранични услуги на долги релации.

Покрај пократкото време за патување, планот ќе ги намали гужвите и ќе ослободи капацитети на конвенционалните пруги, ќе го олесни сообраќањето на ноќните возови, товарниот транспорт и воената мобилност, а истовремено ќе придонесе за конкурентност на Европа во туризмот и индустријата.

Втората иницијатива која е усвоена од страна на Европската Комисија е Планот за вложувања во одржлив сообраќај (STIP), кој го дефинира заедничкиот пристап за поттикнување на вложувањата во обновливи и нискојаглеродни горива, со фокус на воздушниот и водниот сообраќај. За да се реализираат целите на програмата RefuelEU за воздушниот сообраќај и FuelEU за поморство до 2035 година, ќе бидат потребни околу 20 милиони тони одржливи горива (биогорива и е-горива), со инвестиции од околу 100 милијарди евра.

Клучните инвестициски мерки вклучуваат:

  • Најмалку две милијарди евра за одржливи горива во склоп на програмата InvestEU,
  • 300 милиони евра по пат на Европската банка за водород
  • 446 милиони евра за проекти за синтетичко гориво преку Фондот за иновации
  • 133,5 милиони евра за истражувања и иновации во склоп на програмата Horizon Europe

Покрај овие мерки, Комисијата во соработка со државите членки се подготвува за стартување на пилот проектот eSAF Early Movers Coalition до крај на 2025 година, со цел мобилизација на најмалку 500 милиони евра за проекти за синтетичко авионско гориво. Комисијата дополнително ќе работи на зајакнување на условите кои поттикнуваат пазарни вложувања и намалување на инвестицискиот јаз.

Испрати коментар

Scroll To Top