Насловна / Вести / Европјаните неподготвени за климатските промени

Европјаните неподготвени за климатските промени

Можеби е тешко да се каже точно кога, но климатските промени сериозно се дел од нашето секојдневие. Тоа го потврдува и неодамнешниот извештај кој го објави Европската агенција за заштита на животната средина (EEA), под името „Прегреани и неподготвени: Искуството на Европјаните во животот со климатските промени“.

Како што се истакнува во извештајот, кој вклучува 27.000 луѓе од 27 земји на ЕУ, 80% од испитаниците изјавиле дека во последните 5 години на своја кожа почувствувале барем еден проблем кој е поврзан со климатските промени: екстремни жештини, поплави, шумски пожари, недостаток на вода… Но, целта на истражувањето не била само да се мапира влијанието на климатските промени, туку првенствено да одговори на прашањето како жителите на ЕУ се снаоѓаат во новонастанатите услови. Како што се наведува во студијата, дури 38% од испитаниците рекле дека не можат да си дозволат во доволна мера да ги разладат своите домови во лето. Станува збор за проблем кој е посебно изразен во источните земји на ЕУ: најлошо се рангирани Полска и Литванија, каде овие удели се над 50%, а потоа следуваат Словачка, Унгарија, Грција…

Генерално, студијата ја покажува географската, климатската но и економската разлика која постои помеѓу различните региони на ЕУ: државите на југот и истокот се истовремено и повеќе погодени од последиците од климатските промени, но и помалку подготвени да се изборат со тие последици. Во студијата се истакнува дека секој петти жител на ЕУ, не спровел ниту една мерка за заштита од есктремните климатски прилики – тука се вбројуваат клима уреди, но и заштита од поплави и вградување на системи за собирање на дождовница, осигурување од временски непогоди, купување на батериски систем за домаќинството и сл.

 

Испрати коментар

Scroll To Top