Мрежата на европските оператори на преносни системи (ENTSO-E) ја претстави својата проценка на адекватноста на електроенергетскиот систем во Европа за летниот период 2026 година, анализирајќи го односот помеѓу производството, потрошувачката и флексибилните ресурси во склоп на паневропската мрежа.
Извештајот покажува дека европскиот електренергетски систем во целина е подготвен за летниот период, со стабилни услови во најголем дел од државите. Истовремено, идентификувани се одредени точки во системот кои бараат засилено следење поради специфичните локални околности. Во тој контекст, дополнително внимание е насочено кон Ирска, Малта и Кипар, каде што комбинацијата од планирани застои во производството, ограничените интерконекциски капацитети и пониската достапност на резервни ресурси, може да влијае врз оперативната флексибилност на системот. Исто така, во извештајот посебно се издвојува Молдавија, каде предизвиците се поврзани со ограничувањата во снабдувањето со природен гас, зависноста од увоз и слабите преносни врски со соседните земји.

ENTSO-E истакнува дека европскиот енергетски систем се наоѓа во фаза на интензивна трансформација, обележана со силен раст на обновливите извори на енергија и намалување на уделот на конвенционаллното производство. Во последната година, додадени се над 120 GW нови капацитети, претежно соларни електрани, што во одредени периоди доведува до зголемување на варијабилноста во производството.

Паралелно со тоа, значителен раст бележат системите за складирање на енергија, чиј капацитет е удвоен во однос на претходната година. Извештајот нагласува дека доверливоста на системот се повеќе се потпира на развојот на флексибилните решенија, вклучувајќи ги интерконекциите, батериското складирање и управување со потрошувачката, како и координираното делување на операторите ширум Европа. Геополитичките фактори и глобалните пазарни движења и натаму претставуваат елемент на независност на енергетските текови, но во моменталните проекции не укажуваат на директно влијание врз стабилноста на електроенергетскиот систем во текот на летната сезона.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија