Насловна / Форум / Кичот ме стаписа, се чувствувам потценето

Кичот ме стаписа, се чувствувам потценето

http://www.porta3.com.mk/http://92.55.64.34/images/stories/forum/sanja-radjenovic.jpgШто претставува проектот “Скопје 2014“?

 

Обид по секоја цена за самонаречена грандиозност и монументалност на архитектурата, а и скулптурата. Тие не се одраз на естетско – филозофска студија. Тука има вткaено дневна политика за локална употреба, неиживеани и злоупотребени национални наметнувања од различни пориви, присвојување на туѓи вредности. Стануваме паланка каде секој може да го докаже своето лошо воспитување, љубовта кон кичот, ниската страст, насилништвото, немањето чувство за заедништво, јавен интерес, обврски и права кои произлегуваат од сето ова и без кои градот го нема.

Зошто се случи “Скопје 2014“? 

 

Не се случи случајно. Имаме моќници кои по секоја цена сакаат да остават печат, а архитектурата е првата рефлексија на времето во кое живееме. Се случи затоа што не може да се пронајде вистинска вредност по која ќе бидат запамтени. Веројатно нема поголем страв од оној кога човек ќе осети дека ќе биде заборавен. Тој страв од заборав натерал многу моќни луѓе во светот да ангажираат големи уметници, па така Медичи и многу папи ги најмувале Микеланѓело, Леонардо Да Винчи, за да останат запишани во нивните дела и така да го препловат морето на заборав. Но, тие моќници знаеле да ја препознаат вистинската уметност. Нашите моќници сакаат да бидат Микеланѓело и Леонардо, а на искомплексираните архитекти (дворски шутови на селскиот двор) им ја препуштаат улогата на “папите“ извршители. Кичот плови по морето на лажниот идентитет, а современоста и светот ни се смее и не жали. Се случи затоа што архитектурата е еднаква на кризата во општеството, професијата е опасно понижена. И тоа трае, а крајот не се гледа. Во таква децениска атмосфера се менува психологијата, се создава чувство на губитник кој е спремен на сè, кој ги гази принципите. Долго се молчеше, работите се одвиваа стихијно, се вели дека молчењето е злато, а се заборава дека молчењето понекогаш е злосторник.


Како се чувствувам после проектот “Скопје 2014“?


Во првиот момент занемев, ме стаписа кичот. Чувството на бес и срам никако да ми помине. Се чувствувам потценето бидејќи ми се наметнува еден горчлив вкус дека некој сака да не доведе во ситуација да си помислиме дека она што се создава е толку значајно, дека присуствуваме на значаен момент во создавањето на историјата на уметноста, што би рекол Душко Радовиќ: “Кој имал среќа сабајлево да се разбуди во Скопје, може да смета дека за денес доволно постигнал во животот. Секое инсистирање на уште нешто би било нескромно…“ Ми доаѓа да плачам на глас, но најлошото од сè е што се чувствувам немоќно и мислам дека назад нема.


Кој е виновен?


Познати сме дека многу сакаме кога сносиме одговорност, одговорноста да биде колективна, а успехот ако е колективен да си го припишуваат поединци. Често се слуша дека сите сме виновни, барем помалку. Тоа не е точно. Виновни се само оние што на кој било начин се дел од ова, и оние што во општата летаргија го прифатија она што им е единствено понудено. Јас најодговорно тврдам дека не сум виновна и не сакам да ме ставаат во групата на “заедничка кривица“…, со познатата реченица “Ние сите сме помалку криви…“, бидејќи со ништо немам удел во ова.
Значи да разјасниме. Виновен е нарачателот на проектот, затоа што нарачал, поточно наредил, проект од ваков вид и вакво архитектонско обликување. Нарачателот (наредбодавачот) е виновен што користи сервилни творци за свои лични потреби и затоа не е можно да постои здрава, професионална конкуренција. Сервилните творци се виновни, затоа што се сервилни, затоа што се израдуваа на сопствената глупост, зато што не се професиналци и не се самокритични. Но не само творците. Виновни се и оние што учествувале во ова и на други начини, учествувале на конкурси, биле во комисии, пишувале проектни програми, ревизии, биле советници, консултанти, биле членови на жири и доделувале награди, оние што ги работеле основните и изведбените проекти, биле техничка поддршка. Некои од нив се и активни членови на ААМ, на академијата и на архитектонскиот факултет.


Како понатаму, дали можеме да спречиме?


За жал, се плашам дека е готово, “злото“ е направено. Единствено што ни преостанува е да го дигнеме нивото на нашата професија која тоа апсолутно го заслужува.
Понатаму мораме да умееме да бидеме помалку суетни, да го оставиме личниот интерес по страна. Да престанеме да мислиме дека секое наше дело е апотеза на генијот. За да имаме ниво и загарантиран критериум мораме да внимаваме што изложуваме на БИМАС, а не да правиме смотра на архитектурата. Да не се вртат истите луѓе со децении во жири комисии, во совети, во одбори, да доделуваме награди на оние дела кои тоа навистина го заслужуваат, да имаме доблест и да не доделиме награда ако тоа објективно никој не го заслужува, да не доделуваме две рамноправни награди. И на трка на 100 метри некогаш се победува во фотофиниш. Најдобар може да биде само еден, па макар и само малку подобар од другиот.
Кога ќе расчистиме со себе, кога ќе сфатиме дека секој е заменлив, кога луѓето инволвирани во случувањата, од оваа или онаа причина, причината во моментов не ме интересира, ќе ја тргнеме на страна, кога ќе го ставиме општото пред личното, кога ќе сфатиме дека наше е само она што го поклонуваме на друг и дека секогаш плаќа, не оној што има најмногу, туку оној што е навикнат да плаќа, едноставно ќе го направиме она што е единствено правилно, универзално, не во архитектурата, туку во животот воопшто, тогаш “скопјиња 2014“ нема да ни се случуваат.


И кога ќе го продаваме нашиот производ, да го продадеме најдоброто за највисока цена. Да бидеме лојална конкуренција едни на други и да се почитуваме меѓусебно, без разлика колку ни е девалвирана професијата со децении.

Сања Раѓеновиќ Јовановиќ, дип. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top