Архитектите Ma Yansong и Annabelle Selldorf се најдоа на листата на 100 највлијателни луѓе во светот за 2025 година, која секоја година ја составува и објавува американското списание „Тime“.
Поделена во шест категории, листата вклучува и познати личности како Доналд Трамп, основачот на „Тесла“, Илон Маск, основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг и раперот Снуп Дог.
Наведен во категоријата Иноватори, Yansong е основач на кинеското студио MAD Architects, додека Selldorf, основачка на Selldorf Architects од САД, се најде во категоријата Уметници.
Од градинка во Кина до музеј во Калифорнија
Архитектот Yansong во својата досегашна кариера проектирал бројни значајни објекти во Кина, вклучувајќи ја и Операта во Харбин, железничката станица Џасинг, градинката YueCheng Courtyard, библиотеката Wormhole и проектот за социјално домување Baiziwan.
Некои од најпознатите проекти кои неговата фирма ги изведе надвор од Кина се One River North во Денвер и станбената кула UNIC во Париз. MAD Architects, го потпишуваат и проектот за музејот Fenix во Ротердам, кој треба да се отвори следниот месец, а работат и на проектот за Музеј на наративна уметност за режисерот Џорџ Лукас.
градинката YueCheng Courtyard
Познатиот режисер изјави за Time дека отсекогаш бил обожавател на архитектот Ma Yansong, уште од неговите први дела. „Неговите проекти ме воодушевуваат и инспирираат одново и одново. Како и неговата менторка, големата Заха Хадид, тој е на чело на огромна промена во архитектурата што ќе ги обликува нашите градби за генерациите што доаѓаат“, додаде Лукас.
Музеј на наративна уметност за режисерот Џорџ Лукас
Најзначајните проекти на Annabelle Selldorf
Германската архитектка Annabelle Selldorf го води студиото Selldorf Architects со седиште во Њујорк. Нејзиното студио неодамна заврши два облакодери обложени со порцелан, а проектирале и филијала на меѓународната уметничка галерија Hauser & Wirth во истиот град.
Меѓу позначајните проекти, може да се издвојат реконструкцијата на галеријата Frick во Њујорк и Sainsbury Националната галерија во Лондон, која ќе биде повторно отворена следниот месец.
Познатата американска фотографка Annie Leibovitz ја пофали способноста на архитектката Selldorf да создаде сензитивни простори низ кои многу луѓе можат лесно да се движат.
Националната галерија во Лондон
„Мисијата на Annabelle е да ја направи уметноста достапна за што е можно поширок круг посетители. Просторите што ги создава се наменети за голем број луѓе, но не делуваат застрашувачки. Тие се внимателно и вешто создржани“, истакна таа.
Leibovitz додава и дека е заслуга на архитектката што влезот во Frick повеќе не е тешко да се најде и дека сега секој може да влезе на истата врата. Фотографката истакнува дека посетителите сега можат да го истражуваат музејот со свопствено темпо. „Нејзината работа ги отелотворува вредностите што ги цени. Уметноста и животот не се одвоени“, заклучува.
Кули во Бруклин
Архитекти на престижната листа
Минатата година, архитектките Lesley Lokko и Marina Tabassum беа именувани на листата на „Time” 100 највлијателни, додека во претходните години американските архитектки Jeanne Gang и Elizabeth Diller и јапонскиот архитект Kengo Kuma беа вклучени на оваа престижна листа.