Асоцијацијата на здруженија на инженери – Инженерска институција на Македонија оваа година го обележува јубилејот 105 години од основањето на првото македонско здружение на инженерите на 21 март 1921 година. Таа е единствена професионална, неполитичка и непрофитна организација во која членуваат 18 инженерски здруженија и асоцијации од сите инженерски дисциплини, со цел да ги обедини инженерите практичари и инженерите научници во нашата земја, стимулирајќи и координирајќи го развојот на науката и на новите технологии.
Исполнувајќи ја својата визија да ги поттикнува и мотивира младите во развојот на инженерството за да бидат фронт во глобалниот интердисциплинарен иновациски натпревар во светот, подобрувајќи го квалитетот на живеење, во Инженерската институција на Македонија работат Клубот на млади инженери и Клубот на носители на инженерски прстен.
ОДЛУКА 21 МАРТ ДА СЕ ПРОГЛАСИ ЗА ДЕН НА МАКЕДОНСКИТЕ ИНЖЕНЕРИ
Инженерската институција на Македонија како наследник на традицијата за струково и еснафско организирање на инженерите од 21 март 1920 година до денес, на своето 14 Генерално собрание, донесе одлука 21 март да се прогласи за Ден на македонските инженери. Поддршка на иницијативата досега дадоа проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова, претседател на Република Северна Македонија, поранешните претседатели на државата, проф. д-р Стево Пендаровски и проф. д-р Ѓорге Иванов, проф. д-р Весна Јаневска, министер за образование и наука, ректорот на Универзитет „Св. Климент Охридски“ и деканите на Технички факултет и на Факултет за Информатички и Комуникациски Технологии во Битола, деканите на Факултет за електротехника и информациски технологии, Технолошко-металуршки факултет, Машински факултет и Архитектонски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Стопанската комора на РСМ, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ и Сојузот на стопански комори.
Повеќе од еден век, организираното здружување на инженерите во Македонија го менува своето име и начинот на функционирање, согласно со потребите и со периодот во којшто дејствува. Но секогаш е единствена професионална организација, којашто преку своите здруженија и сојузи ги обединува инженерите практичари и инженерите научници во нашата држава, придонесувајќи во професионалното инженерско моделирање на македонската државност.
Документи, добиени по официјален пат од Архивот на Република Србија укажуваат дека на 21 март 1920 година во Скопје е одржано првото годишно собрание на инженери и архитекти од т.н. Скопска градежна дирекција и е основано Здружение на југословенските инженери и архитекти – Секција Скопје. Во писмото што е испратено на 29 март 1920 година до Главната управа на Здружението на југословенските инженери и архитекти, се предлага здружението да биде примено како самостојна членка. Ова писмо е потпишано од потпретседателот Ѓуриќ и од секретарот Јевтовиќ.
Дека станува збор за прво организирано здружување на инженерите и на архитектите на територијата на нашата држава, укажува и фактот дека тие почнуваат самостојно да дејствуваат по правила, опишани во тогашниот правилник.
ТРИ ВРЕМЕНСКИ ПЕРИОДИ
Историски, организираното здружување на инженерите и на техничарите може да се подели во три временски периоди.
Првиот период започнува на 21.3.1920 година со формирањето на Здружението на југословенските инженери и архитекти – Секција Скопје, до мај 1945 година кога се формира Друштвото на инженери и техничари на Македонија.
Здружението на југословенските инженери и архитекти, со донесување на резолуции е вклучено во дебатите за „Сообраќајните патишта и сообраќајот со акцент на јужните краеви“ и „Рударските истражувања во јужните краеви“. Тогаш се донесени резолуции за сообраќајот, за извршување на државните технички работи, за мерките за унапредување на градежните дејности, за електрификација на железницата и на земјата.
Крајот на војната значи и обновување на активностите на здружението, со цел да се придонесе за „обновување на фабриките, обезбедување технички решенија и поправање на оштетените механички постројки во фабриките, значајни за обновата на Македонија“, како што пишува во архивските документи.
Вториот период започнува во мај 1945 година со формирањето на Друштвото на инженери и техничари на Македонија до осамостојувањето на нашата држава, кога во декември 1991 година Сојузот на инженери и техничари на Македонија на своето 13-то изборно собрание се прогласи за самостојна национална организација.
По ослободувањето на Македонија, во мај 1945 година се иницира формирање Друштво на инженери и техничари на Македонија, од страна на инженерите Ѓорѓи Василев (министер за индустрија и рударство на Македонија), Александар Гаревски (помошник министер за индустрија и рударство), Киро Георгиевски-Дејан, Шкартов, Кирил Жерновски, Димитар Караџовничар, Ванчо Андреев, Лазар Симов, Пенчо Зафиров, Димитар Теохаров, како и техничар Илија Брашнарски, геометар Иван Талев и други.
Друштвото е организација на месни подружници и на стручни секции, со задача да овозможи нивно мобилизирање во обновата на земјата. Се предлага да се унапредат професионалните и научни знаења и вештини, да се популаризира науката и техниката, да се поддржат владините тела при решавање заеднички проблеми и да се соработува со тогашната Трговска конфедерација на унии и со други организации за изградба на општеството.
Во овој период функционира и Суд на честа, кој од 1962 година има задача да дејствува при „појава на разни деформации кај инженерите и кај техничарите кои извршувале хонорарни работи, при што ги злоупотребиле службените функции“, како што е кажано во архивските документи. Исто така се издавале билтени на Сојузот на инженерите и техничарите на Македонија, за градежништво, за рударство и металургија, за земјоделство и шумарство, за хемија и технологија, за електро-машинство и за текстил.
Третиот период започнува во декември 1991 година кога Сојузот на инженери и техничари на Македонија прераснува во национална организација. Во услови кога се случува крај на една држава и создавање на независна и суверена Република Македонија, со осамостојувањето на Сојузот се овозможува неговите членки, инженерско-научните друштва, да започнат со независно дејствување.
На почетокот, организираното здружување на инженерите во национални струкови здруженија има значаен подем и е насочено кон зачленување во меѓународните организации, како официјални претставници на Република Македонија.
Оттогаш, па до денес, оваа организација ќе ја водат неколку претседатели, волонтери, сите универзитетски професори: Ѓеорѓи Димировски, Трајко Димитров, Горан Марковски, Александар Димитров и Христина Спасевска.
ЗАЈАКНУВАЊЕ НА УЛОГАТА НА ИНЖЕНЕРИТЕ ВО ОПШТЕСТВОТО
Организираното дејствување на инженерите во Македонија овозможува зајакнување на нивната улогата во општеството и со поддршка на младите, создава одржливост на инженерската професија. Така во 1995 година, Собранието дефинира една од најсуштински определби: „Ниту еден од законите, законските одредби и прописи во државата не треба да се донесуваат и да важат, доколку при нивното подготвување и донесување нема соодветно учество на Институцијата на инженерско-научните друштва и сојузи на Република Македонија, односно на инженерите“, како што е напишано во архивските документи.
Во 1996 година, по повод 50 години од формирањето на Друштвото на инженери и техничари на Македонија е промовиран и првиот број на списанието Инженерство. Издавачко-уредувачкиот одбор пишува дека: „Списанието се утврдува со содржински профил на интердисциплинарно и трансдицсиплинарно стручно-научно списание за инженерско-технолошко творештво со наслов Инженерство – списание за инженерско творештво и технологија“.
На 26 декември 1998 година се одржа собрание на кое организацијата го доби сегашното име, Асоцијација на здруженија на инженери – Инженерска институција на Македонија, скратено ИМИ. Од 2011 година таа е членка на Асоцијацијата на европските национални инженерски организации (https://www.engineerseurope.com/), а од 2018 е членка на Европската организација на млади инженери (https://eyengineers.eu).
Инженерската институција на Македонија во 2016 година е добитник на признанието Повелба на Република Македонија, како професионална и научнoстручна организација, за постигнати резултати во стимулирање и координирање на развојот на науката и на новите технологии во сите инженерски дисциплини во Република Македонија.
По тој повод, членките на Инженерската институција на Македонија потпишаа декларација со која се обврзуваат дека ќе: дејствуваат согласно со стратешките интереси на членовите и за инженерската интелигенција во целост; го стимулираат и координираат работењето и развојот на членките во подрачјата на својата дејност; ја промовираат инженерската професија; го поттикнуваат и помагаат пренесувањето и примената на нови научни знаења во областите на инженерството, како и подобрување на иновативната мисла и претприемништво кај инженерите; градат заеднички ставови и предлагаат политики за образованието на инженерите согласно со европските стандарди; предлагаат политики за препознатливост на инженерските компетенции што овозможува рамноправен статус на меѓународно ниво; ги спојуваат идеите и ставовите на инженерите практичари и на инженерите научници и иницираат проекти за подобрување на околината во која живееме; ја подобруваат улогата на инженерите во општеството и создаваат услови за квалитетен инженерски подмладок; ги поддржуваат и наградуваат најдобрите дипломирани инженери во Република Македонија; го поттикнуваат професионалното усовршување на младите инженери; фаворизираат концепт на мултидисциплинарна соработка во новите технологии; градат меѓународна соработка со слични институции; соработуваат со стопанството за да се обезбеди технолошки развој на Република Македонија; соработуваат со високообразовни и со научни институции за зголемување на научната препознатливост во светски размери.
ИНЖЕНЕРСКИ ПРСТЕН
Следејќи ги своите заложби да се исправи пред предизвиците, за подобрување на општествената клима за инженерството и поттикнување на младите да се определат за инженерска професија во 2003 година Инженерската институција на Македонија ја понесе задачата да биде глас на инженерството кај младите со етаблирање на признанието Инженерски прстен. Седум години подоцна, на оваа мисија ѝ се придружува и Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Досега ова признание е доделено на 229 најдобро дипломирани студенти од државните универзитети, кои денес се истакнати професионалци, истражувачи или универзитетски професори во земјата и во странство.
Инженерски прстен е уникатно признание во регионот, но и многу пошироко, што овозможува преку наградување на најдобрите дипломирани студенти да се промовираат инженерството и науката како стожери за развојот на општеството. Истовремено, оваа награда ја нагласува елитноста што треба да ги поттикне младите за професионално усовршување, насочувајќи ги кон истражувања, развој на иновативната мисла и претприемништвото.
Признанието се состои од плакета и од златен прстен со круна од дабови лисја на чијшто врв се вградени знаците на Инженерската институција на Македонија и на Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Дабовите лисја во македонската традиција од антиката до денес се симбол на чест и достоинство на имателот. Ѕвездата од знакот на Инженерската институција на Македонија го симболизира знаењето и синергијата од сите инженерски дисциплини.
Инженерската институција на Македонија и понатаму останува глас на младите инженери и студенти, токму преку нивните активности за интердисциплинарно дејствување треба да се овозможи подобрување на општествените услови во кои тие ќе ја градат професионална кариера во Македонија. Клубот на млади инженери, преку своите KMI Talks, скоро на месечно ниво промовира успешни млади инженери од македонските компании со цел поттикнување на интердисциплинарна соработка. Тие веќе беа домаќини на 46-тата и на 51-вата Европска конференција за млади инженери со што директно учествуваат во создавање на меѓународни политики.
МЛАД ИНЖЕНЕР НА ГОДИНАТА
Залагајќи се за родова еднаквост во инженерството и поттикнување на младите жени да напредуваат во инженерската професија, Инженерската институција на Македонија беше еден од организаторите на меѓународните конференциите за жените во енергетиката и во индустријата.
Од оваа година исто така се иницираше ново признание, насловено како „Млад инженер на годината“ со цел најширока и ефикасна промоција на младите инженери на национално и на меѓународно ниво, што ќе придонесе младите луѓе да се определат за инженерска професија.
При изборот на млад инженер на годината се земаат предвид неговите инженерски достигнувања во годината на избор, притоа се цени доблеста што ја поседува и неговиот потенцијал да биде пример и инспирација за помладите генерации, придонесувајќи за ентузијазам во инженерството, технологиите, природните науки и иновации.
Комисијата за избор на млад инженер на годината имаше тешка задача, преку селекција и интервјуа, да ги избере најдобрите 5 од најдобрите 52 пријавени млади инженери. Таа го потврди изборот на млад инженер на годината што го изгласаа 47 членови на жири, составено од претставници на Клубот на млади инженери, Клубот на носители на инженерски прстен, медиуми, студенти, професори, соработници на ИМИ, претставници од компании и јавни личности.
Прогласувањето на младиот инженер на годината ќе се одржи на 14 мај, на свеченост по повод Денот на македонските инженери, кој се одржува за прв пат, а притоа се обележува на 105- годишнината од основањето на првото македонско здружение на инженерите. Наградата на најдобриот млад инженер е платено учество на Европската конференција на млади инженери.
Денес Инженерската институција на Македонија е модерна организација што ги следи светските трендови, вклучена во меѓународни иницијативи и проекти кои придонесуваат за развој на македонското инженерство.
Автор: проф. д-р Христина СПАСЕВСКА, Претседател на Инженерската институција на Македонија