Насловна / Вести / Деветто издание на фестивалот АКТО во Битола

Деветто издание на фестивалот АКТО во Битола

akto bitola

Годинешното, девето по ред издание на Фестивалот за современи уметности АКТО во Битола (22 – 24 август, 2014) ќе се обиде да го преиспита односот на уметноста, или уметноста што се создава во актуелниот, современ момент во релација и како однос на постојани преговори и конфликт со општествените и политички конструкции.

За таа цел а поаѓајки од идејата на Бертолд Брехт, дека уметноста треба да биде огледало издигнато во лицето на реалноста, а не чекан со кој ќе се обликува, речиси целата програма на годинешното АКТО ќе се одвива во Мобилната/монтажната галерија на Центарот за современи уметности во Скопје, која се отвори во април годинава во Скопје, а која ќе биде специјално донесена во Битола за потребите на фестивалот и ќе бидe лоцирана во јавен простор во центарот на градот.

„ Оваа година ќе се обидеме во денешен актуелен социо-политички контекст одново да ја редефинираме релацијата на уметноста со општествените промени, и тоа особено во време на надоаѓање на силни националистички и конзервативни тенденции кои доминирааат со земјава но и глобално, со европскиот културно политички контекст,“ вели Филип Јовановски, уметнички директор на АКТО.

Тој додава дека во рамките на ваквата концепција и како дел од официјалната програма на фестивалот ќе се случуваат неколку настани кои се поделени во три целини.

Еден дел е посветен на серијата дискусии насловен „Возможно/невозможно – дијалектиката помеѓу политичкиот активизам и уметноста“ во концепција на активистот и теоретичар Артан Садику. Потоа, меѓу другите настани ќе има две претстави од Скопје како и визуелен дел во кој спаѓаат изложбата You made me so sad. Now that doesn’t have anything to do with you, курирана од Ивана Васева и дела на уметници како Алексис Дебуф од Франција и уметници од Хрватска меѓу кои Маријан Црталиќ, Група АБС, Немања Цвијановиќ и Пино Иванчиќ во соработка со мрежата BCC /Balcan can contemporary.

Во рамките на ОФФ програматa ќе се одржат настани во Мобилната/монтажната галерија, напуштените хангари на фабриката „Битолатекс“ и Oфицерскиот дом, а свои настапи ќе имаат Kisobran од Србија, SIZ, Игор Зотиќ, К. Petrovsky, Goran Tech, Мирко Попов, Васо и поголем дел од локалната електронска сцена.

„АКТО фестивалот со својата музичка програма останува препознатлив во поддршката на македонската електронска и indie сцена надополнета со откривање на нестандардни локации и зацврстување на нераскинливата врска на архитектурата и музиката“, вели Александар Јовановски, програмски координатор за музика на АКТО.

И оваа година, за фестивалот ќе се организира „АКТО ТРАНСПОРТ“, бесплатниот воз Скопје-Битола, кој е неколкугодишен проект на музички и уметнички настани на релација Скопје-Битола, со цел да се анимира публиката.

Испрати коментар

Scroll To Top