Насловна / Вести / Деведест милиони евра за подземната сообраќајница во Скопје

Деведест милиони евра за подземната сообраќајница во Скопје

rsz_vardar
На вториот тендер повторно се јавија високи финансиски понуди за изградба на тунелот под плоштадот „Македонија“, пишуваат македонските медиуми. Во Град Скопје пред извесен период се отворија доставените понуди од осум градежни компании и конзорциуми. Најниска понуда има бугарско – македонскиот конзорциум „Обединувањето Македонија 2014“, кој би го реализирал проектот за сума од 66,9 милиони евра. Најмногу финансиски средства во висина од 90,1 милиони евра за изградба на подземната сообраќајница побара конзорциумот составен од македонските градежни компании „Бетон“ од Скопје, „Гранит“ и „Жикол“. Добиените понуди од вториот по ред тендер се речиси во целост идентични на оние од првиот повик, кога најповолна понуда во износ од 67.227.284 евра достави конзорциумот од скопската компанија „Бауер БГ“ и италијански „Вианини лавори“.
Според проекциите на Град Скопје, градежниот зафат за тунел под плоштадот „Македонија“ треба да чини околу 51 милион евра, што е за цели 15 милиони евра помалку од она што го нуди бугарско – македонскиот конзорциум. Поради прескапите понуди од компаниите, градската управа во септември лани го поништи првиот тендер за остварување на овој проект.
Сообраќајницата на потегот од булеварите „Илинден“ и „ВМРО“ до булеварот „Кузман Јосифовски – Питу“ ќе биде долга 1.300 метри, од кои 900 метри е предвидено да бидат под земја, во делот кај плоштадот „Македонија“ и долж Кејот „13 Ноември“. Со проектот е зацртано да се изгради по една коловозна лента во секој правец.

Испрати коментар

Scroll To Top