Насловна / Архитектура / COVID-19: Промени и идни предизвици

COVID-19: Промени и идни предизвици

Пандемијата промени сè. Нејзиното влијание врз глобалното здравје и економијата ги принуди организациите во секоја индустрија да се сменат, да еволуираат, и во реално време и на долг рок. Во колекцијата на идеи, препораки, стратегии, секојдневно се објавуваат истражувања, како ние, како архитекти, можеме да ја одиграме својата улога во правењето на светот поздраво место за живеење.

COVID-19 го преобликуваше и нашето социјално однесување и влијаеше на нашето секојдневие на начин што никогаш не сме можеле да го предвидиме. Трговските центри, улиците, рестораните и урбаните центри за забава ширум светот се затворија со месеци, а кризата ја принуди индустријата да се сврти кон несекојдневни решенија. Видовме трговци на мало и ресторани кои експериментираат со сè, од достава и забрзано бесконтактно плаќање до виртуелни салони и 3Д модни ревии.

9_resize

Нешто што е јасно од оваа пандемија е дека нема со клик на копче, одеднаш, трговските центри, аеродромите, канцелариските згради, да се наполнат со луѓе. Ќе има постепено, повторно ангажирање во нашите заедници, а архитектурата која ги дефинира тие заедници ќе биде зачинета со претпазлив оптимизам.

Без разлика дали станува збор за нови згради што треба да се проектираат или постоечка архитектура што треба да се редизајнира, на многу начини, ова е време за архитектура на оптимизам. Оптимистичката архитектура не е архитектура заради архитектурата и не се обидува да ја промовира формата. Тоа е архитектура, која ја изразува својата цел во секој аспект на дизајнот кој промовира здрав живот. Тоа е архитектура што ги тера луѓето да се чувствуваат безбедни и на која може да ѝ се верува. Тоа е дизајн, кој го поддржува човечкото искуство на секоја скала и ниво на нашето секојдневие.

За да ја постигнеме оваа доверба, мора да ги дизајнираме нашите средини да промовираат поздрав, побезбеден начин да бидеме заедно, без разлика дали тоа е на работното место, дома или на јавен простор.

Да почнеме со деловните објекти, бидејќи најмногу се зборува за економијата и луѓето да се вратат на работа.

126162360_746023645985622_2850863751868581179_n_resize

РАБОТНИ МЕСТА

Како резултат на COVID-19, работното место засекогаш ќе се промени. Ние нема да се вратиме назад во времето, просто „враќајќи се“ на нашето старо работно место во канцеларија. Можеби изгледа слично, но ќе се менува стратешки, вклучувајќи нови практики, нови протоколи и нови технологии.

Овие промени ќе се случат како одговор на нашата зголемена загриженост за пренесување болести и импликации за следната пандемија, што сигурно ќе дојде. Тие промени ќе ги вклучат научените лекции од нашето продолжено време на работа од дома, искуство што им ги отвори очите на многу луѓе за начините на кои технологијата може да нѐ поддржи во нашата работа и да нè ослободи од канцеларијата. Ние, едноставно, се навикнавме на друга дневна рутина, отсутна од товарот на секојдневно патување до работното место.

125564591_385770886105224_7212469162198460099_n_resize

Замислете да влезете во вашиот деловен објект, каде што камери, сензитивни на топлина, ја скенираат температурата на вашето тело. Се регистрира температура во нормален опсег и трепка зелено светло. Врати се отвораат без допир. Додека одите кон работното место, технологијата за препознавање лица препознава дека сте вие ​​и знае, врз основа на пристапот до календарот што го споделивте, дека денес имате состанок на 10-тиот кат и му сигнализира на лифтот. Вратите на лифтот се отвораат и ЛЕД-светлото вградено во подот на лифтот ви кажува каде треба да стоите. Кога ќе се приближите до салата за состаноци на 10-тиот кат, сензорите навестуваат дека надворешните стаклени sидови треба да се затемнат, како и светлата, а останатите присутни да се појават виртуелно на големите екрани, поставени на ѕидот.

126011828_1021971228295513_3290944239023189667_n_resize

По состанокот, се упатувате кон вашето работно место, повторно преку лифтови кои ве препознаваат и знаат на кој кат седите. Сензорите на таванот знаат дека сте вие. Тие ја поставуваат работната маса на правилна висина, ги приспособуваат светлата и го вклучуваат дисплејот што е вашиот работен интерфејс. Вашиот виртуелен асистент ве поздравува, ги чита утринските пораки и го преструктуира денот според итната работа на клиентот, кој штотуку се појавил. Нема никакво нарушување на работата на вашиот колега, кој седи на неговото биро оддалечено 2 метри од другата страна на преградата за приватност, заради системот за насочување на звукот. И, со тоа, работниот ден е целосно во тек, а притоа не сте допреле ниту една површина. Сензорите за температура и препознавање на лицето може да детектираат симптоматски вработен во зградата, предизвикувајќи низа физички промени. Системот за греење и ладење може веднаш да се промени за да се создаде средина со негативен притисок во зоната каде што е откриена болеста, спречувајќи воздухот, што е можеби загаден, да навлезе во друга зона од зградата. Во меѓувреме, стаклените панели на фасадата на зградата може веднаш да се отворат за да се пушти свеж воздух во непроменетите простори. И така, сите во објектот го продолжуваат денот, утешени од фактот дека се безбедни таму каде што се. Сето ова, мотивирано првично од безбедносни причини, може и да го подобри здравјето, а не само да избегне болест.

1_resize

Дали е ова архитектура на некоја идна ера или појавен рецепт со дизајнерски состојки за непосредното ново нормално?

Добрата вест е дека технологијата и градежните компоненти потребни за создавање на оваа нова нормала веќе постојат. Проблемот е во тоа што се воспоставени одделно едни од други, наместо да бидат дизајнирани како едно кохезивно архитектонско решение. Тековните градежни производи, сензорските и технологиите на виртуелната реалност, стратегиите за дизајн од различни индустрии, можат да ни донесат нов тип на архитектура за постпандемиско општество, кој е безбеден и здрав, продолжувајќи да се слави човечкото искуство. Веќе се гледаат искри на овие иновации во повеќе области. Во Пекинг, кулите близначки во централната бизнис-област, ја интегрираа технологијата за препознавање на лицето во лобито. Вработените во зградата се транспортираат од лифтови, кои работат без допирање. Кулата PNC во Питсбург, една од најзелените високи згради во Северна Америка, реализирана во 2015 г. е проектирана со двојна вентилирана фасада, направена од стаклени панели, со вградени сензори за следење на оптималните временски услови и отворање на панелите заради дотур на свеж воздух внатре. Не е тешко да се замисли здружување на сите овие различни технологии и системи како дел од стратегијата за дизајн на постпандемискиот свет.

7_resize

Но за да ги добиеме вистинските резултати, ангажман и вредност од објектите, треба да ги дизајнираме технолошките решенија и просторот заедно, за да ги направиме беспрекорни според човечкото искуство. Како што сите излегуваме од своите домови и повторно се ангажираме во нашите заедници, единственото нешто што го бараме е доверба во местата и просторите во кои влегуваме. Исто така, и надежта дека можеме повторно да бидеме заедно, ќе поттикне оптимистичко размислување за изградените средини.

2_resize

Зошто вработените сакаат да се вратат на работа во канцеларија? Повеќето луѓе сакаат социјална врска со своите колеги. Според истражувањата, и покрај брзото прифаќање на технологиите за виртуелна соработка, луѓето сè уште ги сакаат интеракциите лице в лице, и во многу случаи, и им недостига друштвото на нивните соработници. Иако работата од дома овозможи да се задржи моментумот за повеќето работни функции, тоа не е совршена замена за работата што се прави заедно. Со дадениот избор, ние сепак повеќе би сакале да работиме лично, поголем дел од времето.

Она што на сите ни недостасува и што сакаме да го вратиме, се оние случајни средби што се случуваат секој ден во канцеларија. Тоа се моментите кои попатно се случуваат пред и по официјалните состаноци и околу еспресо-машината. Тоа се моментите кога идеите ’ртат и се разменуваат. И тие се сцена за неформален социјален контакт што нè врзува заедно и ја гради нашата канцелариска култура. Едноставно прашање кое ја докажува поентата е: дали би основале компанија со луѓе што никогаш не сте ги сретнале лично?

125935668_3616983708363599_6969837253965525256_n_resize

Сето ова бара промена во начинот на функционирање на деловните објекти, како и на самото работно место. Соработката, тимската работа и состаноците, кои го сочинуваат нашиот секојдневен работен живот ќе треба да ја прифатат новата, „хибридна реалност“, мешавина од аналогно и виртуелно учество, кое може добро да го дефинира начинот на кој ја извршуваме работата.

Ќе помине време за експериментирање. Ќе испробуваме нови пристапи, ќе тестираме разни технологии, а потоа ќе ги применуваме успешните модели. Некои предвидуваат драстична промена на парадигмата на работното место. Но, мислам дека многу од основите на канцелариската култура ќе преживеат. Сепак, социјалните придобивки од заедничката работа и споделувањето идеи што генерираат решенија се евергрин концепти. Сè уште ги немаме сите одговори. Но, во текот на следната година, ќе продолжиме да се приспособуваме сè до периодот после вакцина или после имунитет. И, иако не го знаеме крајниот резултат, тоа ќе биде интересен експеримент. Верувам дека ќе излеземе од другата страна со подобро работно искуство за сите, без разлика дали се дома или во канцеларија.

125801525_679282223026486_6980326156069851033_n_resize

ОТВОРЕНИ ПРОСТОРИ

Додека размислуваме за животот надвор од нашите домови, јасно е дека треба да ги подобриме просторите, кои ги дефинираат нашите колективни урбанистички искуства. Тие се градско богатство околу кое се вртат нашите социјални животи и најголемите мотори на нашата економија. Надворешните простори на нашиот град се позадина на нашиот граѓански израз. Со пандемијата, која нè држи ограничени, отворениот јавен простор е олеснителен вентил за вознемирената јавност.

8_resize

Но, сега повеќе од кога и да е, овие простори се подготвени да станат грандиозно лоби и јавни чекални во нашите населби и градови. Во време кога се мери метежот и се контролира пристапот како никогаш порано, отворениот простор е местото каде што луѓето поминуваат многу време, чекајќи некого или правејќи ги сите работи што се прават надвор: дружење, дебати, проверка на телефоните, шопинг, слушање музика, рекреација. Само видете колкава е вредноста на парковите во ова време на пандемија.

APTOPIX Virus Outbreak Philippines

Денес, луѓето мора да чекаат во редици и тоа надвор од продавниците. Но местата каде што чекаат никогаш не беа проектирани за оваа намена. Најчесто тие се делови од тротоари, кои го попречуваат движењето на минувачите, со импровизирани ознаки: не баш идеално искуство за купување. Овде, паметно проектираниот јавен простор може да игра голема улога. Замислете околина со продавници, каде јавниот простор е исполнет со ист фокус на гостопримство како и холот во хотелот. Замислете простори намерно проектирани со сенка, многу простор за физичко растојание, дури и можност за рекламирање, кое го збогатува и проширува искуството на живеење, работа, игра. Зелени површини и простори за деца и кучиња, седишта на отворено, со фокус на одржливост, практичност и хуманост.

ЈАВЕН ТРАНСПОРТ

Само пред десет месеци беше неразбирливо да се помисли дека користењето на јавниот превоз може да го загрози личното здравје на граѓаните. Но, со враќањето на работа, тоа е нов предизвик пред нас.

Како и другите вируси низ историјата, она што на крајот ќе ги натера луѓето да се чувствуваат пријатно е најчесто дистрибуирана вакцина или каков и да е третман за ублажување на влијанието на вирусот. Но, со такво решение, потенцијално далеку многу месеци, како да продолжат да функционираат градовите и нивните транспортни решенија? Како, оние кои се посветиле на живот без автомобили или кои немаат други превозни средства, да се движат по олеснувањето на мерките и враќањето на работа?

11_resize

Бидејќи граѓаните, кои се загрижени за безбедноста во јавниот превоз, се враќаат на своите секојдневни рути, постои инстинктивна реакција за враќање во возила со едно искористено место за да се заштити сопственото здравје. Американската CDC (Center for Disease Control and Prevention) неодамна издаде упатство кое ги охрабрува луѓето да патуваат сами со автомобил, на што Американската агенција за јавен превоз ги повика да го преиспитаат упатството. На крајот на краиштата, таквата практика може да ги врати градовите назад во нивните долгогодишни цели за климатските промени, метежот и правичноста. На пример, една студија во Сан Франциско, открива дека просечното време на патување може да биде повеќе од двојно, ако луѓето го исфрлат јавниот превоз во корист на своите автомобили.

Недостатокот на достапно домување принуди многу жители со ниски примања да издржат долги патувања со ограничен пристап до сигурен јавен транспорт. Пандемијата со COVID-19 ја потенцираше оваа нееднаквост. Многу од патниците се работници со ниски плати кои зависат од масовниот транспорт, не само до работното место туку и до медицинска нега или основни потреби за купување. Многу граѓани најверојатно, немаат возило дома, користат јавен превоз и понекогаш еднонасочно патуваат и по 30 минути или подолго. Со цел да се отстранат долгогодишните нееднаквости и да се обезбеди секој да има ефикасен и достапен начин за патување, градовите мора да им дадат приоритет во транспортните инвестиции со зголемување на фреквенцијата, намалување на времето на чекање, подобрување и проширување на услугата и ангажирање во области со недоволна покриеност. Значи, гледаме нов повик за акција до операторите на јавниот транспорт да дадат свој придонес и да се приспособат на нашата нова реалност.

Пандемијата е вистински тест за секој што има удел во јавниот превоз. Во овој момент, сите ние, како актери во сообраќајот имаме одговорност да бидеме храбри, трпеливи и одговорни. Долгорочните проблеми со климатските промени и отпорноста и ефикасноста на нашите градови, исто така, нема да исчезнат. Тие, сепак, треба да нè инспирираат да останеме посветени на јавниот превоз и да сториме сѐ што можеме за да ја вратиме довербата во него. Светлината на крајот од тунелот не е само свет во кој нема пандемијата. Тоа е свет во кој ќе ги поставиме темелите – што повеќе луѓе безбедно да го користат јавниот превоз, создавајќи така рамноправно општество и поздрава планета.

125811239_666439347578016_4435801532272684096_n_resize

ЗДРАВСТВЕНИ ОБЈЕКТИ

Со одвивањето на глобалната пандемија, тешко е да се запамети дека пред само неколку месеци се справувавме со „нормалниот“ предизвик да направиме промена во здравствениот систем што се движи со темпо на полжав. Денес гледаме пренамени на хотели за 48 часа и монтажни болнички градби. Можеме ли да ги искористиме овие предизвикувачки времиња засекогаш?

Едно од најголемите откритија досега е дека станавме самозадоволни и еднодимензионални во нашето планирање. Планирањето на нормата нè остави лошо подготвени за криза. А сепак, ние исто така знаеме дека е неодговорно и скапо да се планира за крајности. Како треба да размислуваме за крајности? Што треба да сметаме за ново нормално?

125937738_1323186744690244_2959234964670356573_n_resize

Планирање за неочекуваното

За време на избувнувањето на САРС во 2005 година, здравствените системи беа мобилизирани да разберат и да се подготват за одговор на заедницата како систем. Денешните напори за планирање, ретко користат при планирањето сценарио или други техники за да се предвидат идните крајности и да се дадат одговори за нив. Акцентот на „тројната цел“ – истовремена потрага по подобрување на искуството за грижа на пациентот, подобрување на здравјето на населението и намалување на цената на здравствената заштита по глава на жител – е добронамерна, но има и ефект на ненагласување на улогата на болницата. Здравјето на населението стана синоним за давање услуги надвор од болницата и поблиску до домот на пациентот во координиран систем. Ова е добар концепт, но сепак, пандемијата со COVID-19 јасно укажува на моменти, кога за управување со здравјето на населението е потребна болница.

Многу експерти и организации предвидоа идни пандемии како прост заклучок, но пандемија не е единственото со што може да се соочат здравствените системи. Конфликт, биолошка војна, закана за ембарго или слично, може да го наруши здравствениот систем. Процесите за планирање и проектирање треба да се преиспитаат не само во смисла на градење врски помеѓу елементите на здравствениот систем, туку и значително приспособување на побарувачката за сместување во време на погоденост на системот.

Добри инвестиции, лоши инвестиции, јавни инвестиции

Кои ќе бидат добрите инвестиции во здравствената инфраструктура во иднина? Инвестициите, кои им овозможуваат на елементите на здравствениот систем да ја менуваат улогата и да апсорбираат несекојдневни шокови, се очигледно пожелни, но не по цена да се изградат за најлош случај. Здравствените објекти долго време беа планирани според принципот: ако операциона сала од 55 метри квадратни е денес доволна, тогаш зошто да не се планира просторија од 74 метри квадратни за утре, а можеби и 92 метри квадратни, во случај да имаме нова технологија во иднина? Предизвик е да се оддели можното, колку и да е веројатно, од неодговорното.

125513694_683596738966526_7212696998056738504_n_resize

Јасно е дека глобалниот здравствен систем ќе треба да планира зголемен капацитет во време на криза. Иако имаше предлози за опремување на болничките соби со наткреветни панели на двете страни со цел да се удвои капацитетот, ова решение може да доведе до несоодветна изолација на пациентите и да биде скапо решение за потреба еднаш во една деценија. Попаметно решение може да биде, на пример, инвестиција во паркинг-гаражи за потребите на болницата или планирање на сместувачки капацитети блиску до болницата за брза пренамена во време на криза. Клучот е во блискоста до акутниот центар.

Кризата со коронавирусот несомнено ќе покрене повеќе прашања во врска со улогата и одговорностите на владата во прифаќањето на напливот на побарувачка за болнички кревети.

Решенија за ново нормално

Без оглед на долгорочните исходи, веќе можеме да забележиме некои промени кои се во тек и ќе ја формираат основата на новото нормално. Телемедицина. Прифаќањето на праксата на виртуелна дијагностика и консултација на далечина, дозволувајќи им на пациентите да добиваат поширок спектар на услуги без да патуваат во здравствена установа. Медицинските професионалци ќе можат да работат и преку државните граници. Во здравствените објекти,  физичките и виртуелните посети ќе се испреплетуваат во текот на целиот работен ден. Таков објект ќе има потреба од помалку простор за физички да ги гледа пациентите и различна технологија за да ги види виртуелно. Потребите за просторите ќе станат помали.

125507157_3609038732513989_1303430266176030936_n_resize

Што е следно?

Како изгледа иднината на здравствената архитектура? Верувам дека ќе има поголема релација помеѓу грижата за пациентот и проектирањето на здравствени објекти, каде архитектурата континуирано игра и ќе игра уште поголема улога во тоа како се спроведува негата, наместо само просторот за нега да се затвори со четири sида и покрив.

Искуството со здравството е лично, но поврзано со релации. Ако сакаме да проектираме за хумано здравство, мора да ги надминеме постапките, финансиите, системите, и да размислуваме за емоциите, траумите и стравот што секоја личност го носи.

Болницата на иднината нема да се случи во 2030 година. Таа се случува сега, особено што се наоѓаме среде глобална пандемија. Дигиталната револуција е тука за да остане, но како ќе изгледаат решенијата за телемедицина и мобилните здравствени единици, кои го намалуваат јазот меѓу домот на пациентот и давателот на здравствена заштита, и како ќе работат, останува да видиме.

На подолг рок, мислам дека сè повеќе ќе ги разгледуваме болниците, пандемиите и дигиталните технологии заедно, со повторното откривање на целокупниот здравствен систем.

Како треба да ги планираме подвижните единици и примарната здравствена заштита кои го преземаат притисокот кон болницата? Како можеме да ги редизајнираме нашите домови да бидат овозможени одредени медицински интервенции? Како можеме да користиме ограничени финансиски ресурси на најдобар начин за општеството? Ова се прашањата кои се сега главна тема – проширување на фокусот од дизајн на болница до дизајн на здравствена заштита.

Автор: Невена ГЕОРГИЕВСКА, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top