Насловна / Архитектура / Првонаградениот труд на конкурсот за плоштадот во Подгорица

Првонаградениот труд на конкурсот за плоштадот во Подгорица

На меѓународниот архитектонски конкурс за реконструкција на плоштадот во главниот град на Црна Гора, победи тимот во кој учествуваше архитектот Крговиќ од светски познатото биро ОМА .

Со цел да се ревитализира центарот на градот, да се прошири пешачката зона и да се зголеми бројот на места за паркирање, градот Подгорица (во јули годинава) распиша национален конкурс за изработка на идејно решение за реконструкција на Плоштадот на независноста. Бидејќи станува збор за централен градски плоштад, се очекувале решенија кои ќе го третираат просторот на атрактивен, уникатен и препознатлив начин.

9

На конкурсот пристигнале 35 труда со релативно ниско ниво на разработка. Првата награда е доделена на проект кој се издвојува по своите квалитети во однос на останатите. Имено, авторскиот тим на овој труд се состои од меѓународна група експерти од Њујорк. Еден од членовите на тимот е Нинослав Крговиќ – архитект во ОМА, светски познато биро кое потпишува згради како што се CCTV во Пекинг, Casa de Musica во Порто, библиотека во Сиетл…

1

„Проектот е јасен, конкретен и добро артикулиран. Овој проект е повеќеслојна урбана инфраструктура, која бара и дефинира нова централност, отвореност и пристапност од сите страни, но исто така и активна врска со подземните нивоа. Со создавање на глатка, конзистентна и лесно закривена плоча, која се простира преку целиот плоштад, се создава нов урбан идентитет.  Со ова се овозможува и чист и јасен проток на пешаци насекаде и во сите правци.

Истовремео, оваа отвореност овозможува голема разноликост на можни програмски содржини и динамичен урбан живот, ново флексибилно место за собирање… Разгледувањето на аспектите на животната средина беше спроведено според сите критериуми за одржливост и е многу добро разработено. Со овој проект, правилно наречен агора, се добива ново, современо решение на јавниот живот во Подгорица “- се наведува во соопштението на жирито.

Ви пренесуваме преглед на наградениот проект во целост, со текстуално образложение дадено од самите автори.

10

Концептуалното решение

Идејното решение на Плоштадот на независноста и обезбедува на Подгорица нов просторен идентитет преку изградба на отворено и функционално урбано обележје на предметната локација. Во исто време, новиот плоштад функционира како повеќеслојна урбана инфраструктура што ја интензивира употребата на просторот со цел да се овозможи динамичен урбан живот во кое било време од денот, седум дена во неделата.

Постоечките просторни карактеристики на плоштадот се збогатени со намера да се обезбеди ново, флексибилно место за собирање – јавен простор што има можност да се трансформира и прилагоди на различни социјални, културни и сезонски настани. Со воспоставување на непрекинати врски помеѓу различните нивоа на градот, Плоштадот на независноста ќе функционира како нов епицентар на континуираниот отворен простор и пешачката мрежа во градот.

2

Трансформабилна површина

Идејното решение на Плоштадот на независноста воспоставува нов наратив за градот Подгорица – постигнува максимална флексибилност со ослободување на центарот, истовремено обезбедувајќи ја потребната инфраструктура за прилагодување на просторот на различни настани. Одржлива и трансформабилна фонтана во центарот на плоштадот овозможува просторот да стане интерактивно игралиште кога фонтаната е исклучена.

Кога ќе се испразни фонтаната, плоштадот се претвора во непречен јавен простор каде што може да се организираат настани со голем број посетители. Урбаниот мобилијар е дизајниран со намера да се вклопи во системот на флексибилност, нудејќи различни конфигурации на клупи и други придружни елементи со цел да се создаде достапен и пријатен амбиент.

15

Приоритет е даден на природните материјали како дрво и бетон. Конструктивниот систем во подземното ниво е бетон, додека во надземните структури употребата на дрвото е максимизирана, следејќи го примерот на традиционалните градежни методи. Диференцијацијата на боите на плочникот ја подобрува достапноста на плоштадот затоа што помага да се дефинираат пешачките насоки во однос на зоните за одмор и седење, истовремено задржувајќи ги потоплите бои на постојниот плоштад.

11

Парадигма на одржливост

Идејното решение ги користи предностите на поволните временски услови и блага клима во Подгорица за да се испланира употребата на Плоштадот во текот на целата година. Преку системи за поплочување пропусни за вода и техники на зелена инфраструктура, дождовната вода се собира и се користи за наводнување на зелените површини на плоштадот, како и за игра и рекреација преку интерактивната фонтана.

Врз основа на годишната анализа на сончевото зрачење, плоштадот е рамномерно изложен на зрачење во текот на целата година. На зградите околу плоштадот применет е систем на зелени фасади, со лесна дрвена конструкција како носечки елемент.

На овој начин, проширените се корисните простори на балконите, фасадата е визуелно обединета во хармонична целина, а условите за живот на станарите се значително подобрени. На врвовите на зградите, зелена фасада го следи падот на кровот и создава микроклима погодна за одржување урбани градини.

Бидејќи покривите се рамни и немаат никакви препреки на нив, инсталирани се соларни панели кои помагаат да се произведува енергија за потребите на плоштадот и подземната гаража, со што се намалува оптоварувањето на енергетската мрежа и се помага за дополнително оптимизирање на еколошките перформанси на плоштадот.

13

Сообраќајно решение

На површината на плоштадот планиран е пешачки и велосипедски сообраќај со отворен простор за паркирање велосипеди, а потопните столбови овозможуваат пристап до плоштадот во исклучителни ситуации и за достави. Под плоштадот има подземна гаража за паркирање на три нивоа, со влез од улицата „Новак Милошев“ и излез во улицата „Миљана Вуков“, кои остануваат во режим на еднонасочен сообраќај.

Подземната гаража има вкупно 737 места за паркирање, од кои 36 се резервирани за лица со посебни потреби и 30 за мотоциклисти. Поделбата на влезовите и излезите се должи на избегнување на вкрстување на сообраќајните текови, поедноставување на организацијата на сообраќајот на пристапните улици и рационално користење на просторот, како и безбедност во случај на вонредна состојба, што бара брза евакуација со автомобил каде по пат на знаци за изменлива содржина на пораките, рампите за спуштање автоматски се претвораат во излезни рампи. Доколку е потребно, постои можност за проширување на влезните и рампите за спуштање за да има две ленти со рампи за наплата.

12

Предвидениот број на места за паркирање е во согласност со препораките за централните градски зони со кои се препорачуваат гаражи за паркирање со 400 до 800 места. Со оптимизирање на бројот на места за паркирање, проектирано е економично исплатливо решение, кое исто така ги избегнува непотребните трошоци за изградба со држење на потребното растојание од постојните структури.

6

Бурни реакции

Иако идејното решение е добиено на јавен меѓународен конкурс, предизвика бурни реакции кај црногорската јавност, но и незадоволство кај некои експерти. Духот на традиционалниот идентитет се чини дека преовладува во црногорското општество.

Сепак, коцката е фрлена. По неуспешната реконструкција од 2006 година, се надеваме дека преку новата конкурсна постапка, централниот градски плоштад во Подгорица ќе го добие она што навистина му треба, а тоа е виталност, активности и луѓе, но и повеќе места за паркирање.

Целиот конкурсен материјал и извештајот на стручното жири се достапни на веб-страницата на градот Подгорица.

8

7

Извор: gradnja.rs

Испрати коментар

Scroll To Top