Насловна / Вести / Цементарница Усје доби пречистителна станица за атмосферски води

Цементарница Усје доби пречистителна станица за атмосферски води

Precistitelna stanica usje
Цементарница Усје АД Скопје денеска ја пушти во употреба пречистителната станица за атмосферски води, прва од ваков вид во Република Македонија. Инвестицијата вредна над половина милион евра е завршна фаза од активностите за имплементирање на Оперативниот план за усогласување на А-интегрираната еколошка дозвола.

Директорот на компанијата Борис Хрисафов информира дека од влезот на Титан, во модернизација и имплементирање на нови технологии во Цементарница вложиле над 68 милиони евра, од кои 36 милиони се директни вложувања во унапредување на процесите во функција на животната средина.

Изградениот систем, според него, обезбедува рационално искористување на водите и овозможува целосно раздвојување на канализациските од атмосферските води. Техничката вода која се користи за ладење на опремата се филтрира и рециклира во затворен систем, а водата од градскиот водовод се користи исклучиво за санитарни потреби.

Цементарница Усје, според вицепремиерот Владимир Пешевски, е пример, како кога се сфаќаат сериозно обврските наметнати од државата, може да се постигнат во предвидениот рок. Се она што е зададено може да се направи на време, без да биде загрозен процесот на производство, ниту профитабилноста на компанијата.

Министерството за животна средина, нагласи министерот Абдилаќим Адеми, Цементарницата Усје ја препозна како субјект, кој посветено работи и се развива почитувајќи ги стандардите за животна средина.

– Реализацијата на овој проект го потврдува тоа, бидејќи со одделување на атмосферската и канализациската вода се оди понапред во заштитата на животната средина, особено во заштитата на водата како природен ресурс, но се исполнуваат и повисоки стандарди од законски предвидените, рече Адеми. (МИА)

 

Испрати коментар

Scroll To Top