Насловна / Вести / За плоштадот пред „Света Богородица” – пари од Советот

За плоштадот пред „Света Богородица” – пари од Советот

БЕЗ РЕБАЛАНС НА ГРАДСКИОТ БУЏЕТ НЕМА ГРАДЕЊЕ

Градоначалникот Трифун Костовски најави дека со вишокот пари во градскиот буџет ќе гради плоштад околу црквата “Света Богородица“, но Советот на градот ја одложи таа одлука па сега е неизвесно дали ќе има време за тој проект.

– Со проектот сакаме да го заживееме и левиот брег на Вардар, а нивото на реката да го подигнеме со поставување гумени брани. На тој начин би се овозможила и пловидба низ реката. Не можам да го замислам Вардар со фонтани во неговото корито. Уредувањето треба да се реши на поинаков начин. Бидејќи и Младинскиот културен центар е во близина, треба и дел негови активности да се преселат на кејот – рече Костовски неколку дена пред седницата на Советот.

Советниците најавија дека за измените во буџетот ќе гласаат на следната
седница, која најверојатно ќе се одржи кон крајот на месецов. Бидејќи
градежната сезона привршува, а се очекува временските услови да се
влошат, неизвесно е дали ќе има доволно време да се направи плоштадот.
Прашање е и дали тој ќе се направи и следната сезона, затоа што во март
се локални избори.

Вишокот во градскиот буџет се проценува на околу 2,3 милиони евра.
Со овие пари, освен нов плоштад, се планира поставување на бетонски
жардиниери на повеќе булевари, јавно осветлување на брегот на Вардар,
како и за помош на Јавното сообраќајно претпријатие и за враќање на
долговите за струја од уличните светилки.

Костовски за другите големи сообраќајни инфраструктурни објекти вели
дека се работи забрзано и дека некои од нив треба да завршат до крајот
на неговиот мандат. Тој објаснува дека најголема сопирачка за сите
проблеми е немањето подземен катастар.

– Тоа е прашање што мора да се реши најитно. Немаме податоци чии
инсталации каде се и каде треба да се, па кога ќе се наиде на цевки или
кабли следуваат бирократски процедури за да се преместат. На тој начин
се губи и време и пари. Додека чекаме, растат цените на градежните
материјали и потоа со истите пари може да се направи помалку – смета
градоначалникот.

Костовски се пожали и дека општините ги бојкотираат градските проекти со тоа што не издаваат градежни дозволи.

– Таков пример се колегите од Општина Центар, кои одбиваат да
издадат дозвола за клучката кај “Континентал“. Велат дека таа не била
во согласност со Генералниот урбанистички план. Кој треба да го толкува
тој план. Градот, а не Општината. Затоа тој изговор не е точен. Иста е
и состојбата со проширувањето на булевар Илинден. И таму сме во
пат-позиција – додава Костовски.

 

Т.Г.
Објавено во број 92.

Испрати коментар

Scroll To Top