Насловна / Вести / Поинаков поглед на хетерогениот град

Поинаков поглед на хетерогениот град

Image

РАБОТИЛНИЦА „РЕМАПИРАЊЕ НА СКОПЈЕ” ВО КУЛТУРНИОТ ЦЕНТАР „ТОЧКА”

Иницирање на опсежни уметнички, архитектонски, комунални и други размислувања за современиот градски простор во Скопје беше идејата на интердисциплинарната меѓународна работилница под наслов “Ремапирање на Скопје”, што од 29 септември до 5 октомври се одржуваше во културниот центар “Точка”. Организирани во интернационална група студенти и уметници од Скопје, Словенија, САД, Нов Зеланд и од Германија дадоа поинакви погледи на градот, при тоа обидувајќи се да ја покажат неговата сложеност и хетерогеност, со цел да придонесат за надминување на поделбата на градот долж етнички граници. Можност за своја партиципација во овој проект имаа и сите граѓани на Скопје кои беа поканети во таканаречената Урбана лабораторија – отворена архива во културниот центар “Точка” да ги изложат своите идеи, мислења и сеќавања на градот и да донесат стари фотографии.

Многу необични проекти излегоа од оваа еднонеделна работилница. Учесниците покажаа како граѓаните го користат јавниот простор преку примерот со поставување мали црквички во тревниците во населбите, како може да се одвива движење низ градот без план, направија звучна мапа на Скопје, потоа мапа на расположение, го прикажаа процсот во кој главниот град на Македонија по земјотресот во 1963 година од отворен се трансформира во главен град, обратно од другите престолнини.

Освен ова, посетителите можеа да проследат и две предавања. Бертрам Вајсхар, уметник и фотограф од Германија, зборуваше на тема “Ајде оди. Наука за шетањето – стролологија”. Вајсхар, кој често акцентира и создава променадолошки прошетки на необични места, презентираше дел од своите студии- прошетки низ Германија и негови учества во проекти реализирани во други европски земји. Тој смета дека медиумите само ги претставуваат сликите на светот, а шетачот создава своја слика, пронаоѓа пејзаж и таму каде што навидум го нема и ги отвора перспективите движејќи се во реалниот свет. За него секоја прошетка е оригинална, посебно уметничко дело кое не може да биде пренесено или репродуцирано во друг медиум. Една од необичните прошетки што ги организирал со која ги потврдува своите тези е таа низ напуштен рудник во поранешна Источна Германија, меѓу ридовите земја.

Не сосем гол живот: правила и исклучоци – Визуелна политика и репрезентација и случајот со филмот “Шампионите од Шутка”. На оваа тема зборуваше Сузана Милевска, обидувајќи се да прикаже на кој начин политиките на визуелното претставување предизвикуваат одредени неочекувано жестоки нарушувања во современите демократски политки, како систем на закони и право. Тоа го илустрираше со протестите на Ромите што се случија по прикажувањето на квазидокументарниот филм на Александар Маниќ “Шампионите од Шутка”.

Работилницата ја поддржаа германската амбасада во Скопје и германската фондација “Роберт Бош“, а ја водеа архитектката Билјана Стефановска, архитектот и урбанист Марен Харнак и уметникот и фотограф Бертрам Вајсхар, кои живеат и работат во Германија.

 

С.В.
Објавено во број 92.

Испрати коментар

Scroll To Top