Насловна / Архитектура / Билтмор: Најголемата приватна резиденција во САД

Билтмор: Најголемата приватна резиденција во САД

Пред да го посетам Билтмор (Biltmore) секако дека знаев што би можела да очекувам, но исто така знаев дека штом ќе стигнам, ќе посакам одново да се вратам за евентуално да доуживам во она што го нуди. Првото нешто што паѓа во очи е локацијата, огромната широчина насекаде, и како во бајките, среде планински предел, изграден е замок.

Pocetna 2

Еве ја приказната за, до ден денес, најголемата приватна резиденција во САД: Сè започнало со земјоделецот Јан Ертсон по потекло од Де Билт, Холандија. Во 1650 година тој имигрирал во Нов Амстердам (денес Менхетен во Њујорк) како слуга. (Зборот van na холандски значи „од“, така што Ван де Билт станал Вандербилт). Многу години подоцна се јавува името на Корнелиус Вандербилт, пра-пра-пра-правнук на Ертсон, како магнат во железничката и поморска индустрија. Кога починал во 1877 година, тој бил најбогатиот човек во Америка. Џорџ Вандербилт, сопственикот на имотот Билтмор, бил еден од многуте внуци на Корнелиус и еден од најбогатите.

Portret V

Планинскиот венец Блу Риџ (Blue Ridge) се протега низ осум американски сојузни држави, вклучувајќи ја и Северна Каролина. Младиот Џорџ, којшто барал погодно место да изгради нов дом, на прв поглед се вљубил во малото гратче Ешвил и во неговата околина. Како еден од наследниците на богатството на семејството Вандербилт, секој би претпоставил дека немал проблем да ја реализира својата долгогодишна визија и на површина од 16.622 метри квадратни да ја изгради куќата од неговите соништа.

Gradina 1

И навистина, Билтмор е архитектонски прекрасен, неверојатно романтичен и апсурдно луксузен. Архитектурата е волшебна фузија на европската елеганција, американската иновација и длабоката благодарност за околните природни убавини. Секој елемент, од надворешната фасада, до прецизно дизајнираниот ентериер е совршено интегриран со пејзажите, што пак придонесува за статусот за безвременско ремек-дело и културно богатство.

Zamok so planini Soba 1

Од архитектонскиот стил, па до уметничкиот аспект, замокот го отсликува духот на француската ренесанса. Билтмор е првенствено проектиран во шато стил, којшто се појавил кон крајот на 19-тиот век, карактеристичен со стрмни покриви, кули, детално изработени резби и асиметрични фасади. Внатрешниот аранжман наликува на селски куќи исто така од 19-тиот век, само значително поголеми и скапо украсени. Додека симболизира грандиозност, архитектурата воедно одразува рана грижа за одржливост на животната средина. Имотот опфаќа огромна шумска површина и обработливо земјиште, така што сочувувањето на природните ресурси било приоритет при проектирањето на куќата.

Pokriv 1 Detal eksterier 4

Detal varovnik 2

Инспирација и изградба

Обемот и дизајнот на Билтмор, уште од крајот на 19-тиот век, па до одреден степен и денес, придонеле да се издвојува од нормалното, особено во време кога повеќето жители во западниот дел на Северна Каролина живееле мошне скромно. Било мошне необично што токму ваква недоволно развиена и тешко проодна област била избрана за локација, особено што прв избор за дом на високата класа во тоа време во Америка, биле урбаните центри на моќ како Њујорк или Њупорт. Но, главната причина е што локацијата наликувала на инспирацијата на Вандербилт – долината на реката Лоара (Loire) во Франција, која многупати ја посетувал и засакал.

Zamok so gradina

Сепак, колкав и да е впечатокот дека раскошот едноставно не припаѓал на место каде живеела ниска или средна класа, факт е дека бројните замоци од времето на Златната доба во Америка, со текот на времето како да го изгубиле сјајот и сега се само еден далечен и недоволно разбран спомен од минатото. За куќите коишто успеале да преживеат во 21-виот век претежно се надлежни јавни или непрофитни институции, додека Билтмор успеал да остане во рацете на потомците на Џорџ В. Вандербилт, и особено заради успехот да ја задржи автентичноста на екстериерот и на ентериерот, до ден денес претставува туристичка атракција, привлекувајќи над 1,7 милиони посетители годишно. Исто така, и покрај диспаритетот, имотот несомнено помогнал во зајакнувањето на економијата на Ешвил, обезбедувајќи стабилни работни места, како за време на изградбата, така и подоцна за неговото целосно одржување и опстојување.

Вандербилт за проектот ги ангажирал двајцата најистакнати луѓе во нивните области: Ричард Хант (Richard Hunt) како архитект и Фредерик Олмстед (Frederick Olmsted) – креаторот на Централниот парк во Њујорк, како пејзажен архитект. Хант воедно бил првиот Американец кој студирал архитектура на една од престижните школи во Париз, кој подоцна помогнал да се основа Американскиот институт за архитекти.

Soba 2 Soba 3

Штом ја одбрал локацијата, Вандербилт воедно знаел дека поголемиот дел од Апалачките шуми биле оштетени и барал начин како да го заштити околното земјиште. Во 1889-та година,  заедно со главниот архитект Хант, патувал низ Европа, особено во Франција и Англија за да се инспирира и да купува артефакти и мебел. Изградбата, за којашто биле потребни шест години и околу 1.000 работници, официјално започнала во 1890-та година.

Во Билтмор, Хант храбро ги адаптирал, уметнички ги обликувал и богато ги украсил формите на раната ренесанса за свои цели. Фасадата од варовник е асиметрично избалансирана со испакнати странични крила поврзани со влезна кула во центарот, којашто заедно со главните спирални скали, ја создава највисоката кота на замокот. Главната инспирација – шатото Де Блоа (de Blois) во Франција.

Додека куќата според надворешноста е доследна на францускиот ренесансен стил, внатрешноста дава хетерогеност којашто иако претставува бројни традиционални историски и меѓународни стилови, по архитектонската разновидност е американска. Вниманието за деталите е видливо во секој аспект на имотот, од прекрасната банкет сала, преку таванот на седум нивоа, па сè до раскошната галерија на таписерии, некои од нив датираат од 16 век, а некои се бесценети.

Banket sala Soba 4

На јужниот крај на куќата е за мене најубавата просторија – библиотеката. Вандербилт знаел да чита на осум јазици, поседувал 23.000 книги, а во библиотеката имало околу половина од нив. Муралот на таванот „Кочиите на Аурора“ (Chariot of Aurora) e донесен од Венеција, а е насликан во 1720-тите години од италијанскиот уметник Џовани Пелегрини (Giovanni Pellegrini). Деталите не изостануваат и овде, со изобилство на дрвенарија и железни скулптури. Спирални скали водат кон балкони од двете страни на просторијата, поврзани со скриен премин зад оџакот.

Biblioteka 1

И покрај сложената резба и раскошностa однадвор, за одредени критичари куќата има елементи на „гломазност“, помпезност, дури и на одредена вулгарност. Иако груби, овие забелешки за еден приватен дом во таков обем е невозможно да се негираат, но токму масивноста му ја дава уникатноста – да се почувствува хомогеност среде екстравагантност.

Секој детал е испланиран така, за да обезбеди специфична сензација, да наликува на фикција и да предизвика емотивна реакција.

Примери за впечатлива архитектура на Билтмор

Спирални скали

Инспирирани од скалите во шатото Де Блоа, големото скалило на Билтмор е чудо на физиката, изградено со помош на противтежа. Тежината на секоја од скалите на цврстите варовнички плочи се компензира со тежината на ѕидот што се спушта надолу.

Skali 2

Масивен лустер

Тежок близу 800 килограми, овој лустер е поставен на средина на скалите. Виси од една завртка која минува низ челични носачи под куполниот покрив. Бакарната купола се отвора за полесен пристап до лустерот.

Luster

Ќерамиди и бакарна изолација

Секоја од ќерамидите од шкрилец била издупчена на краевите и е последователно поврзана со челичната инфраструктура на таванот. На секој спој е додадена бакарна изолација за да се спречи продирање на водата. Стрмниот покрив посетителите денес можат одблизу да го обиколат и да ги видат многуте готски фигури и варовни резби. Тука се и огромните оџаци со исто така извонредни детали.

Pokriv 3

Варовник и текстура

За изградбата биле потребни пет илјади тони варовник којшто бил ископан и донесен од Индијана. Додека некои од исечените парчиња останале мазни, површината на другите била рачно издлабена, за да се добие груб и што поприроден изглед. Вандербилт сакал сончевата светлина да се рефлектира од куќата на естетски пријатен и разновиден начин.

Плочки Гуаставино

Шпанскиот архитект и инженер Рафаел Гуаставино (Rafael Guastavino) кон крајот на 19 век патентирал самоносечки свод од керамички плочки и систем за сводови. Системот од слоеви од теракота плочки се користел и внатре и надвор од Билтмор. Густавино лично ја надгледувал работата на проектот.

Наследство

Освен неговиот архитектонски и природен раскош, Билтмор е ризница за уметност и историја. Џорџ Вандербилт официјално ја отворил куќата на Бадник, 1895 година, пречекувајќи ги семејството и гостите и оттогаш прославата за Божиќ во имотот Билтмор има особено значење. Секоја година, куќата со 250 соби, е раскошно уредена за сезоната. Гостопримството овде се практикувало како висока уметност и тоа се чувствува и до ден денес.

Bozik 1 Bozik 4

Билтмор бил отворен за јавноста во 1930 година, со цел дополнително да го зголеми туризмот во Ешвил за време на Големата депресија. За време на Втората светска војна бил затворен и тогаш овде биле донесени бројни уметнички дела од Националната галерија за уметност во Вашингтон, за да бидат заштитени. Членови на семејството Вандербилт живееле на имотот сè до 1956 година, кога станал куќа музеј. Потоа следувала изградбата на мотел, хотел и винарија, меѓу другите објекти.

Како млад, Џорџ Вандербилт развил ненаситна жед за знаење – студирал уметност, архитектура, музика, земјоделство, хортикултура и литература. Како станувал сè поупатен за многу теми, имал голем интерес за промовирање на писменоста. За себе кажал дека богатството не го исполнувало како човек, така што голем дел од животот го посветил на филантропија. Заедно со сопругата Едит се погрижиле сите вработени да имаат натпросечни примања, им помагале на различни начини, обезбедувајќи и натамошно образование за многумина. Вандербилт починал во 1914-тата, на 51-годишна возраст.

Имотот Билтмор не е само остаток од минатото, туку жив доказ за посветеноста на семејството Вандербилт за иновации и одржливост. Џорџ Вандербилт бил познат по напредните идеи и имплементирал најсовремени технологии од тоа време, вклучувајќи електрична енергија, централно греење и систем за ладење. Беспрекорната интеграција на овие технологии во архитектонскиот дизајн одразува напреден пристап и посветеност на удобноста. Безвременската убавина на објектот и посветеноста на одржливост го прават овој имот да биде дестинација што ја плени имагинацијата зачувувајќи го наследството од едно минато време.

Автор: Јулија ВЕЛКОВСКА

(Специјално за Порта 3 од Вашингтон)

ФОТО Кредит – The Biltmore Company

Испрати коментар

Scroll To Top