Насловна / Арт и дизајн / Berliner Stadtschloss повторно ќе блесне

Berliner Stadtschloss повторно ќе блесне

берлин штатшлос_1Градската палата на Берлин (Berliner Stadtschloss), некогашната кралска и империјалистичка палата во центарот на градот датира од 15 век. Била домаќин и на пруските кралеви и на германските императори, имала многу подеми и падови, била сериозно разрушена во текот на Втората светска војна, и како иронија на судбината плански срушена од страна на властите на Германската Демократска Република во 1950 година. Но, години по падот на Берлинскиот ѕид, поточно во 2013 година, Градската палата повторно воскреснува како симбол на градот.берлин штатшлос_7

Како точна година на нејзината изградба стои 1443 година, но нејзиниот надворешен изглед доминантно е преобликуван во 18 век со сите елементи на барокот од тој период. Во 1848 година Палатата била средиште на познатата Револуција во тогашна Прусија, кога огромна толпа народ се собрала за да упати барање до кралот за создавање на Устав, либерална реформа и унификација на Германија. Portal im Berliner Schloss берлин штатшлос_3

По унификацијата на Германија, која се случува во 1871 година (дотогаш територијата била поделена на градови – држави), Палатата станува централна резиденција на германските императори. По падот на Империјата во 1918 година, дел од зградата се претвора во музеј, а во ноември истата година, Карл Либкнехт ја прогласил Германската Социјалистичка Република токму од балконот на овој објект.

берлин штатшлос_2

За време на владеењето на нацистите во предвечерјето на Втората светска војна, Палатата главно била игнорирана, но кон крајот на војната, во текот на бомбардирањето на Берлин од страна на сојузничките сили, претрпува сериозни оштетувања. Во 1950 година властите на тогашната ГДР одлучуваат целосно да ја срушат оваа зграда. берлин штатшлос_6

Конструкцијата била толку солидна и цврста што рушењето траело цели четири месеци и потрошени биле 19 тони динамит. Дури во 2016 година на јавноста и станаа достапни тајните документи на Министерството за градежништво на ГДР од тоа време, според кои реконструкцијата на оштетениот објект била проценета на тогашни 32 милиони ГДР марки (просечната плата на еден жител на источен Берлин била 265,25 марки). Во 1964 година ГДР гради нов објект на градското Собрание (Staatsrat) во кој е инкорпориран дел од балконот со легендарниот говор на Либкнехт, постапка која е мотивирана од желбата да се глорифицира социјалистичкото минато, а целосно да се раскрсти со објектот што е симбол на империјализмот.

Денес, во тој објект е сместен ЕСМТ (ESMT-European School of Management and Technology). Дополнително, во периодот 1973 -1976 година, токму на местото на срушената Палата, изградена е огромна зграда во модерен стил наречена Палата на Републиката (Palast der Republik) а која била седиште на парламентот на ГДР (Источна Германија), позната под името Volkskammer (Народно Собрание). Во објектот од челик и рефлектирачки стакла во бронзена боја, имало и простории за различна културна намена. Во оваа Палата се одржале многу приеми на тогашниот државен врв, културни настани, концерти и сл. Главното фоаје на влезот од Палатата било украсено со впечатливи светилки во голем број, па оттука и меѓу многубројните прекари за Палатата популарни кај источногерманците, бил и прекарот “Erichs Lampenladen” (Продавницата за ламби на Ерих – Хонекер лидерот на Источна Германија н.з). Непосредно пред обединувањето на двете Германии, во 1990 година, откриено е дека објектот е исклучително контаминиран со азбест како резултат на употребените азбестни материјали во неговата изградба и уредување.берлин штатшлос_4

Во текот на целата 2003 година азбестот е безбедно „заробен“ во објектот или отстранет, така што е овозможена негова понатамошна реконструкција па дури и уривање без последици за околината и човековото здравје.

Новото време барало нови симболи. Палатата на Републиката изградена со цел да го замаскира империјалистичкото минато, почнала да им пречи на многумина кои се залагале за тоа на ова место повторно да се врати раскошниот симбол на Берлин во вид на Градскиот дворец. Иако многумина се противеле и на рушењето на социјалистичката палата, сепак тоа започнало во 2006 во долга постапка која траела до 2008 година и која чинела 12 милиони евра. Над 35.000 тони челик во вид на градежен отпад од рушењето на оваа зграда се транспортирани во Обединетите Арапски Емирати и употребени се во изградбата на кулата Бурџ Калифа. Празниот простор привремено е претворен во паркинг, со оглед на фактот што дебатата долга речиси 20 години, за тоа дали да се реобнови Градскиот дворец сè уште траела. Конечно, во истата година кога завршува рушењето, постигнат е договор во Бундестагот во врска со отпочнувањето на градбата на Дворецот, и веднаш е распишан конкурс на кој е избран италијанскиот архитект Franco Stella. Проектот ги следи вистинските дебелини на ѕидовите на оригиналниот објект, но ќе биде употребен и слој за изолација во согласност со новите прописи за градење. Внатрешноста на објектот ќе содржи модерен музеј, театар, два рeсторани и конференциска сала. Изградбата е започната во 2013 година, а вредноста на инвестицијата се проценува на 590 милиони евра. Градската палата ќе блесне повторно во својот некогашен сјај во 2019 година. Но, наместо симбол на некогашниот пруски милитаризам и моќ, новиот објект ќе ја слави модерната уметност од негермански автори и космополитизмот на модерна Германија.

Испрати коментар

Scroll To Top