Во кинескиот град Шенжен, во округот Наншан, во тек е реализацијата на проектот Róng музеј на уметност, чии автори се бирото Büro Ole Scheeren. Овој културен објект се развива како дел од поширок урбан комплекс и е пример за тоа како забрзаниот технолошки развој на градот влијае врз обликувањето на современата архитектура и јавните институции.

Карактеристичниот изглед на музејот е дефиниран со флуидни, органски форми и блескава фасада, што го издвојува како нов визуелен репер во урбаната слика на Шенжен. Концептот на музејот е насочен на претставување на визуелната култура од 20-тиот и 21-виот век, при што поставките кобединуваат уметност, архитектура, дизајн и филм, создавајќи интердисциплинарен простор за современи содржини.

Пет волумени како основа на просторната организација
Архитектонското решение се базира на композиција од пет скулптурални волумени. Секој од нив се потпира на тенки бази и се шири кон врвот, давајќи впечаток на издигнати павилјони. Во тие надземни структури сместени се главните изложбени простори.
Со подигнување на волуменот над нивото на терен, се формира покриено јавно плато, кое останува отворено и достапно за граѓаните. На овој начин, објектот не функционира како затворена целина, туку како продолжение на градскиот простор. Приземјето е проектирано како природно вентилиран форум, заштитен од временските услови, но без физички бариери.
Дополнителен квалитет на овој простор му дава голем светларник кој воведува природно осветлување, овозможувајќи им на посетителите да се задржуваат, да минуваат или да се собираат, без обврска да влегуваат во галериските зони.

Фасада од стаклени цевки: Естетика и функција
Визуелниот идентитет на музејот е особено нагласен со слоевитата фасада. Хоризонталните појаси постепено се повлекуваат како што објектот расте во висина, формирајќи собрани волумени. Околу нив е поставена секундарна мембрана од висечки стаклени цевки, проектирана параметарски за да се постигне променлива густина и длабочина на површината.

Овој систем овозможува филтрирање на дневната светлина, со што се намалува топлинското оптоварување, додека во внатрешноста се одржува пријатна, дифузна светлина. Во текот на ноќта, фасадата добива нова димензија бидејќи поединечните цевки можат да се осветлуваат секвенцијално, создавајќи препознатлив светлосен ефект врз градската панорама.
Покрај естетската улога, елементите на фасадата имаат и функционална вредност. Растојанијата меѓу цевките овозможуваат циркулација на воздухот, додека нивната густина обезбедува засенчување. Системот е интегриран и со решение за собирање дождовница, која се насочува од покривните површини кон резервоарите на ниво на терен за повторна употреба.

Просторна динамика и искуството на движење
Движењето низ музејот е организирано како постепено искачување низ објектот. Посетителите се движат по скали што го следат надворешниот периметар на зградата, поврзувајќи го приземјето со галериите и кровната градина. Оваа патека овозможува постојана визуелна комуникација со околината, вклучувајќи поглед на блискиот брег.

Внатрешните простори се проектирани флексибилно, со цел да одговорат на различни видови изложби. Централниот простор со двојна висина предвиден е за поголеми инсталации, додека соседните зони овозможуваат поставки со различни димензии и формати. Ова обезбедува разновидно искуство, од интимно набљудување до поотворено движење низ содржината на изложбата.
Róng музејот на уметност претставува спој од архитектонска иновација, одржливи решенија и културна функција, потврдувајќи ја амбицијата на Шенжен да го следи технолошкиот развој и создавање современи јавни простори.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија