Насловна / Архитектура / Архитектот Радован Раѓеновиќ лауреат на наградата „Андреј Дамјанов“ за 2016

Архитектот Радован Раѓеновиќ лауреат на наградата „Андреј Дамјанов“ за 2016

Вечер (29 ноември), во црквата Рождество на Пресвета Богородица Центар во Скопје, во 19 часот, ќе се одржи свечена промоција на добитникот на наградата за животно дело и особени достигнувања во архитектурата и градителството „Андреј Дамјанов“ за 2016 година од страна на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Овогодишниот добитник на оваа награда за животно дело е архитектот Радован Раѓеновиќ.ragjenovikj

Во образложението на Комисијата на ААМ за доделување на наградата „Андреј Дамјанов“ во 2016 година, се истакнува дека архитектот Радован Раѓеновиќ е автор со изразено разновиден и богат професионален творечки опус, создаван во текот на последните пет децении.

Проектите и реализациите во областа на станбената архитектура, туризмот и угостителството, спортот, администрацијата, индустријата и културата, работени во проектантските бироа на „Алумина“ ‒ Скопје, „Пелагонијапроект“ ‒ Скопје, „Мавровопроект“ ‒ Скопје, „Технометал“ ‒ Москва, „Римако“ ‒ Виена, Москва, Скопје, „Будимекс“ ‒ Лавов и „Студио Р“ ‒ Скопје, претставуваат сериозен влог во архитектонската практика на Р. Македонија.

Особен акцент, според Комисијата, заслужува улогата на архитектот Раѓеновиќ како раководител на претпријатието „Мавровопроект“ и несомнените заслуги за мобилизирање на квалитетни кадри, проектанти, кои со своите реализации придонесуваа за развојот на архитектонската струка во Македонија и за нејзина афирмација и угледно позиционирање надвор од нејзините граници, во Советскиот Сојуз, Југославија, Либија.

За комплексот „Запољарје“ во Сочи, Русија, архитект Радован Раѓеновиќ е носител на признанието од Сојузот на друштвата на архитекти на Македонија за афирмација на македонската архитектура во странство во 1981/1982 година и на диплома за труд од областа на урбанизмот, проектирањето, ентериерот и дизајнот во 1985 година. За меморијалниот комплекс „Споменикот на слободата“ во Кочани, како коавтор со Глигор Чемерски, архитект Радован Раѓеновиќ е носител на повелбата Почесен граѓанин на Кочани.

Претседател на Комисијата на ААМ за доделување на наградата „Андреја Дамјанов“ за 2016 година е архитектот  Мартин Гулески, а членови на комисијата се архитектите Александар Смилевски (член на АА на ААМ), Виолета Бакалчев (член на УО ААМ), Миодраг Радоњиќ и Мери Батакоја.

Настанот е потпомогнат од Министерството за култура на РМ.

Испрати коментар

Scroll To Top