Насловна / Архитектура / „Архитектонски“ ѕвезди – Талент без граници

„Архитектонски“ ѕвезди – Талент без граници

its-a-wonderful-life-3

It’s a Wonderful Life

Во пресрет на новогодишните и божиќните празници љубителите на филмот, особено класичниот, не можат а да не се присетат на филмот што се смета за еден од најдобрите на сите времиња – „Ова е прекрасен живот“ (It’s a Wonderful Life) во режија на Френк Капра (Frank Capra) од 1946 година со Џејмс Стјуарт (James Stewart, 1908-1997) и Дона Рид (Donna Reed) во насловните улоги. Во оваа семејна драма-фантазија, ангел му помога на сочуствителен но очаен деловен човек да осознае каков би бил животот доколку тој никогаш не постоел.  Улогата во овој филм резултирала во една од петте номинации за наградата Оскар на Џејмс (Џими) Стјуарт. Иако не го добил Оскарот за овој филм, тој е добитник на Оскар за својата улога во филмот „Филаделфиска приказна“ (The Philadelphia Story) во 1941 година и на Почесен Оскар за животно дело во 1985 година. Џејмс Стјуарт бил навистина сестрана личност: глумец кој се смета за најдобриот во светот од периодот на класичните филмови; музичар кој свирел хармоника; пилот и активен учесник во Втората светска војна, кој од обичен војник се издигнал до рангот на бригаден генерал во Американските воздухопловни сили; поет; итн. Она што е веројатно помалку познато за овој великан на филмот е дека тој се стекнал со диплома по архитектура на универзитетот Принстон, каде особено се истакнал со својот дипломски труд на тема проектирање на аеродроми, а врз основа на која добил стипендија за постдипломски студии. За жал, глумата, музиката и воздухопловството му го одвлекле неговото внимание од архитектурата.

Слична животна патека имала уште една филмска звезда. Само една година помлад од Џејмс Стјурат, британскиот актер Џејмс Мејсон (James Mason, 1909-1984), се стекнал со диплома по архитектура од прва класа (највисока оценка) на Универзитетот во Кембриџ како студент на најстариот колеџ на универзитетот, Питерхаус (Peterhouse, Cambridge), основан во 1284 година од Бискупот од Или. Со три номинации за Оскар (еден за главна улога и две за споредни улоги) тој ќе биде запаметен по улогите на Јулие Цезар, Фелдмаршалот Ервин Ромел, Капетанот Немо и улогите во над 100 филмови за време на својата 40 години долга филмска кариера. Џејмс Мејсон бил познат по својот пацифистички став и одбивањето да земе учество во Втората светска војна, придонел во очувувањето на филмското наследство и бил голем љубител на домашните миленичиња, особено мачките. Како анегдота од неговиот живот се споменува дека тој успеал да спаси две камени скулптури на лавови кои ја украсувале капијата на претходно продадениот семеен дом во Англија пред тој да биде срушен, а за да ги пренесе во својот дом во Швајцарија.Courteney-Cox-courteney-cox-33143448-1600-1200

Courtney Cox

За разлика од Џејмс Стјурат и Џејмс Мејсон, помладите генерации на глумци се чини дека ги напуштиле студиите по архитектура пред нив да ги завршат, за да се посветат на својата алтернативна кариера. Во оваа група спаѓаат американската глумица и модел, Коуртни Кокс (Courtney Cox, 1964), попозната по нејзината улога како Моника Гелер (Monica Geller) во телевизиската серија „Пријатели“ (Friends), која ги напуштила студиите по архитектура и внатрешна архитектура само по една година студии на Моунт Вернон колеџот во Вашингтон, ДЦ (Mount Vernon College, Washington, DC) и боливудската ѕвезда, модел и Мис на светот во 1994 година Аишварја Раи (Aishwarya Rai, 1973) која исто така ги напуштила своите студии по архитектура на Рачна колеџот за уметности и комерција во Мумбаи (Rachna College of Arts and Commerce, Mumbai).

ice-cube1

Ice Cube

Љубителите на хип-хоп музика и на поновите филмови сигурно го знаат О’Шеа Џексон (O’Shea Jackson, 1969), кој е попознат под своето уметничко име Ајс Кјуб (Ice Cube). Тој освен како пеач-рапер, композитор и глумец, се јавува и како музички продуцент, сценарист и режисер. Пред да се посвети на музиката, тој судирал архитектонско цртање на Институтот за технологија во Феникс (Phoenix Institute of Technology, Phoenix) каде се стекал со сертификат по (техничко) цртање (Certificate in Draughtsmanship).  Нешто помлад од Ајс Кјуб, Хенри Олусеган Адеола Самјуел (Henry Olusegun Adeola Samuel, 1963) е исто така попознат под своето естрадно име Сил (Seal). Овој пеач и композитор на соул, ритам и блуз, завришил двогодишни дипломски студии по архитектура во Лондон пред да стане познат по своја музичка кариера со над 30 милиони продадени албуми во светот и бројни меѓународни хитови, вклучително со „Бакнеж од Роза“ (Kiss from a Rose) која е една од песните користени во филмот „Бетмен засекогаш“ (Batman Forever) од 1995 година.Pink_Floyd

Pink Floyd

Архитектурата, или поточно Факултетот за архитектура (School of Architecture) при Политехниката на улица Регент во Лондон (Regent Street Polytechnic), сега Универзитетот од Вестминстер (University of Westminster), одиграле значајна улога во создавањето на една од најпознатите музички групи во доменот на прогресивна рок музика од минатиот век „Пинк Флојд“ (Pink Floyd). Тука, како студенти на архитектура се сретнале Роџер Ватерс (Roger Waters, 1943), музичар, пеач, лирицист, мулти-инструменталист и композитор, Ник Мејсон (Nick Mason, 1944), тапанар, и Ричард Рајт (Richard Wright, 1943), клавијатурист, средба која резултирала во создвањето на оваа група. Музиката го надминала интересот за архитектура, така што тие ги напуштиле студиите по архитектура по првата година, со тоа што Ричард Рајт се префлил да студира музика на Лондонскиот колеџ за музика (London College of Music). Половина век по запишувањето на Факултетот по архитектура, Ник Мајсон се вратил на, сега, Факултетот за архитектура и изградена средина при Универзитетот од Вестминстер, за да го прими својот Почесен докторат (Honorary Doctorate of Letters). Со над 250 милиони продадени албуми до 2013 година, „Пинк Флојд“ ги оставаат зад себе незаборавните концепт албуми како „Темната страна на месечината“ (The Dark Side of the Moon), „Посакувам да си тука“ (Wish You Were Here), „Животни“ (Animals), „Ѕид“ (The Wall) и „Последен исечоци“ (The Final Cuts).

Art_Garfunkel-Scissors_Cut_(11_Canciones)-Frontal

Art Garfunkel

Друг познат естраден уметник со „корени“ во архитектурата е и Артур Ијра „Арт“ Гарфанкел (Arthur Ira “Art” Garfunkel, 1941), познатиот американски пеач, поет глумец и библиофил, кој веројатно е уште попознат по своето партнерство во фолк рок дуетот „Сајмон и Графанкел“ (Simon and Garfunkel) со Пол Сајмон (Paul Simon), преку кои оставиле незаборавни хитови како „Звукот на тишината“ (Sound od Silence), „Розмари и Тајм“ (Rosemary and Thyme) „Госпоѓа Робинсон“ (Mrs. Robinson), „Мост преку немирната вода“ (Bridge Over Troubled Water), „Сисилија“ (Cecilia) и „Ел Кондор паса“ (El Condor Pasa) меѓу другите.  Арт Гарфанкел почнал да студира архитектура за да дипломира историја на уметностите (Bachelor of Arts in Arts History) на колеџот Колумбија (Columbia College) и за подоцна да магистрира на математика (Master of Arts in Mathematics) на Колумбија универзитет (Columbia University), каде и ги завршил и испитите во рамките на докторските студии по математика на Учителскиот колеџ (Teachers Collеge). Симон кој дипломирал англиска литература и Гарафанкел припаѓале на исто братство за време на своите студии на Колумбија универзитетот во Менхатен (Manhattan).Thomashardy_restored

Thomas Hardy

Враќање во историјата може да ни укаже и еден исклучителен литерарен талент со интерес во архитектурата. Станува збор за англискиот писател и поет Томас Харди (Thomas Hardy, 1840-1928) кој живеел и творел на преминот на XIX и XX век. И покрај доброто потекло од страната на татко му (еден од неговите претци бил Ле Клемент Харди заменик-гувернер на Островот Џерси (LeClement Hardy, lieutenant-governor of the Isle of Jersey), а друг Сер Томас Харди (Sir Thomas Hardy) соработник и најдобар пријател на Адмиралот Хорацио Нелсон (Admiral Horatio Nelson), неговите родители биле доста сиромашни. Како резултат на ова, тој не бил во можност да ја продолжи својата формална едукација или пак да отпочне кариера на службеник. Од тука делумно следејќи ги стапките на татко му, кој бил мајстор ѕидар и градежен предприемач, Томас Харди станал ученик/чирак на локалниот архитект Џон Хикс (John Hicks) кој специјализирал во областа на реставрација на цркви во Дорчестер (Dorchester). По четири години поминати како ученик/чирак во бирото, тој ја напуштил архитектурата за да се посвети на својата литературна кариера, но притоа да ги понесе со себе и стекнатите искуства, што подоцна ќе му помогнат при создавањето на неговите романи и поеми.TomFord

Tom Ford

Веројатно најголем успех надвор од, но „најблиску“ до архитектурата постигнал американскиот моден дизајнер и режисер Томас „Том“ Форд (Thomas “Tom” Ford, 1961), кој првин се запишал да студира историја на уметноста на Њујорк Универзитетот (New York University), за само по една година да ги напушти, а подоцна да се запише на престижната Парсонова нова школа за дизајн (Parsons The New School for Design) за да студира внатрешна архитектура, од каде дипломирал на архитектура и покрај тоа што последната година на студиите ја поминал студирајќи за моден дизајнер. Анегдотите говорат дека при разгворите за вработување тој кажувал каде студирал, но дека криел дека дипломата му е во архитектурата за да може да се вработи како моден дизајнер. По успешен период како моден дизајнер и креативен директор во Гучи (Gucci) тој создал своја фирма воспоставувајќи ја етикетата Том Форд, по што се испробал и како филмски режисер. Неговото филмско деби со филмот „Ерген“ (A Single Man) било повеќе од успешно со оглед на тоа што филмот бил номиниран за Оскар.yankovic01

Weird Al Yankovic

За разлика од Том Форд, Алфред Матју Јанковиќ (Alfred Matthew Yankovic, 1959), попознат под своето естрадно име „Виерд (Чудниот) Ал Јанкович“ (“Weird Al” Yankovic), кој по татко е од југословенско потекло, направил естрадна кариера која не се потпира на диплома по архитектура стекната на Калифорнискиот политехнички државен универзитет (California Polytechnic State University) во Сан Луис Обиспо (San Luis Obispo). Овој американски пеач, композитор, музичар, пародист, продуцент, сатирист, глумец, музички видео директор, филмски продуцент и автор, само во периодот 1976 – 2007 година има продадено над 12 милиони албуми вклучително со 4 златни и 6 платинумски плочи и 14 номинации за Греми наградата (Grammy Award) од кои три резултирале со награди.

Листата на несудени архитекти кои творат и ја стекнуваат својата слава во други уметнички дисциплини е навистина долга. Верувам дека нивната започната едукација во архитектурата има придонесено за нивните остварувања во новите усвоени дисциплини. Едно е сигурно, сите тие ја имаат согледено својата подобра иднина во други области надвор од архитектурата, и загубата на нашата професија е добивка на други дисциплини. Ова исто така ја поддржува тезата дека ние архитектите сме полимати, и дека нашиот талент нема граници.

Испрати коментар

Scroll To Top