Насловна / Вести / Александар Ефтимовски со „Спонтан израз“ во FLUX галерија

Александар Ефтимовски со „Спонтан израз“ во FLUX галерија

Во среда (24 мај) во Галеријата за современи уметности FLUX во Скопје ќе се отвори изложбата „Спонтан израз“ на македонскиот скулптор Александар Ефтимовски.

„Спонтан израз“ е изложба посветена на случајноста, бидејќи уметноста е случајна, а заедно со неа случајни се и ефектите кои ги оставаат самите алатки. За една скулптура да биде цела или комплетна, клучен е изборот на материјал, димензија, композиција, а секако и ликовните елементи. Времето за формирање на една комплетна ликовна форма е составено од математички и технички дел. Математичкиот или делот пред пренесување на идејата во материјал го зема најголемиот дел од создавањето на едно ликовно дело. Тој е комбинација од идеи, размисли, виртуелни визуализации, скици, комбинации на материјали… , додека техничкиот дел кој е материјализација на идејата во конкрертен материјал и форма зема една десетина од времето. Моментот на финалната обработка или тој спонтан израз на едно дело, е оној кога авторот интервенира без претходно размислување. Тој момент е пресуден за формирање на скулптурата во една комплетна целина. Токму таа спонтаност го дава карактерот и белегот на еден ликовен израз.unnamed

Александар Ефтимовски е автор кој ја посвети својата младост на учење и истражување на апстрактната формална скулптура. Основите на своето творештво ги постави на академиите во Италија. Карактеристично за неговите дела се чистите плоснати површини, острите агли и перфорациите. Особено впечатливи се засеците кои авторот ги одзема од самата компактна форма. Во последно време, Ефтимовски е посветен на изработка на скулптурални објекти од голем формат на европските и светските симпозиуми на скулптура.

Изложбата во Галеријата за современи ументности FLUX ќе трае до 30 мај.

Испрати коментар

Scroll To Top