Тирана продолжува со својата силна урбана трансформација, а најновиот проект во самото јадро на градот ја покажува амбицијата да ги обедини јавниот простор, домувањето, угостителството и бизнисот во уникатен архитектонски систем.
На меѓународниот конкурс за обнова на локацијата Zyber Hallulli, избран е предлог потпишан од мексиканското биро Rojkind Arquitectos, во соработка со уметникот Pedro Reyes, бироата SON Architects, Motus Holdings и ASAB.

Конкурсот го распиша Албанската инвестициска корпорација во партнерство со Националната агенција за планирање во септември 2025 година, додека одлуката на жирито беше објавена на крајот на јануари 2026 година, пишува Citizen.

Три кули како единствен урбан ансамбл
Победничкото решение предвидува изградба на три кули со висина од 20, 25 и 35 ката, меѓусебно поврзани со подигнати мостови и потпрени на подиум на ниво на приземје. Наместо концепт на изолирани кули, архитектите формирале композиција од различни висини и програми што функционира како целина, со цел да генерира континуирана активност во текот на целиот ден.
Комплексот вклучува комерцијален пролаз во приземјето, канцелариски простори, хотел, станбени единици и заеднички содржини. Партерното уредување го третира приземјето како продолжение на градот – преку засенчени пролази, плоштади и комуникациски насоки што воспоставуваат врски со пошироката урбана средина, вклучувајќи го и блискиот стадион.

Фасада како архитектонски, а не декоративен елемент
Еден од највпечатливите аспекти на проектот е фасадниот систем развиен во соработка со Pedro Reyes. Фасадата не е замислена како накнадно додадено уметничко дело, туку како составен дел од архитектонскиот концепт.
Системот се состои од вертикални префабрикувани бетонски елементи во тонови инспирирани од албанската почва. Проектантскиот тим го нарекува овој пристап „Urban Choir“, бидејќи снимените човечки гласови се дигитално трансформирани во варијации во геометријата, длабочината и сенката. Секој вертикален сегмент има различен профил, но заедно формираат кохерентна композиција што се чита од нивото на улицата до силуетата на градот.

Албанија во архитектонски занес
Во рамките на комплексот ќе биде задржана Tirana Art Lending Library (TALL) како траен културен простор на оригиналната локација. Паралелно, вториот дел од конкурсот го опфатил и проектот Casa Familia – нов детски кампус кој ќе го проектира мексиканското студио Taller Héctor Barroso на позелена и посоодветна локација за најмладите корисници.
Може да се каже дека Албанија во моментов поминува низ широка урбана трансформација, особено во Тирана, каде што низа големи проекти го менуваат архитектонскиот пејзаж на главниот град, за што сигурно ќе придонесе и овој проект.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија