Насловна / Вести / Архитектура наместо диета

Архитектура наместо диета

dieta.jpgРешавањето на проблемот со прекумерната тежина на населението подразбира проектирање паркови, зелени површини и детски игралишта кои ќе бидат во близина на местата за домување. Тие треба да бидат достапни, до нив да се стигне пеш, со велосипед или со јавен сообраќај. Архитектите и урбанистите треба да направат проекти кои ќе ја стимулираат физичката активност на секој поединец и да го мотивираат што повеќе да го одбегнува користењето на автомобилот како превозно средство.

 

Според податоците на „Организацијата за економска соработка и развој“ (Organisation for Economic Cooperation and Development – OECD) од 2005 година, 23 проценти од населението на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска имаат патолошки зголемена телесна тежина. Како одговор на ваквата 

dieta3.jpg

состојба, покрај мерките за едукација и здравствена заштита, владата преку „Комисијата за архитектура и изградена средина“ (Commission for Architecture and the Built Environment – CABE) има покренато програма за „Здравје и добросостојба“ (Health and Wellbeing) според која се формулира сеопфатен пристап кон јавното здравје за сите кои ги планираат, градат и раководат местата што влијаат врз здравјето на луѓето. Според оваа програма, доброто проектирање има три важни улоги во создавањето на висококвалитетни, одржливи и здрави места, и тоа: модернизација на здравството, која се однесува на потребата да се модерни, да ги задоволат зголемените очекувања на пациентите, стареењето на населението и иновациите во медицината; промоција на здравје и добросостојба, која треба да помогне за ублажување на последиците од патолошки зголемената телесна тежина и болестите што се јавуваат како резултат кај населението, а ја чинат „Националната здравствена служба“ (National Health Service – NHS) околу 4,2 милијарди фунти годишно. „Комисијата за архитектура и изградена средина“ ја промовира улогата на објектите и просторите што му помагаат на населението да направи подобар избор особено во однос на парковите, зелените површини и детските игралишта што поттикнуваат физичка активност и активно патување. Поттикнување на одржливи места, кое се однесува на намалување на загадувањето на воздухот како резултат на сообраќајот, и тоа преку поттик за одржлив сообраќај кој дозволува местата да бидат достапни пеш, со велосипед или пак со јавен сообраќај. Со цел да се помогне во надминување на состојбата „Комисијата за архитектура и изградена средина“ и други 

dieta4.jpg

организации во Обединетото Кралство имаат изготвено низа прирачници и препораки за тоа како преку добро испроектирани улици и јавни површини да се стимулира пешачењето и употребата на велосипеди. Тие имаат за цел да ја стимулираат физичката активност кај населението и да ги намалат последиците од зголемената телесна тежина. Доколку не се успее во ваквите и слични напори, иднината на Британците не е баш најрозова. Во публикацијата „Предвидување – Справување со патолошки зголемената телесна тежина“ (Foresight – Tackling Obesities: Future Choices) од 2007 година, се предвидува дека во 2050 година 60 проценти од мажите, 50 проценти од жените и 25 проценти од децата помлади од 16 години ќе имаат патолошко зголемена телесна тежина. Тоа ќе ги зголеми трошоците на „Националната здравствена служба“ за околу 10 милијарди фунти годишно, а општеството и деловните организации за 49,5 милијарди фунти годишно.

 

Уште полоши се показателите за Соединетите Американски Држави каде, според податоците на „Организацијата за економска соработка и развој“ (Organisation for Economic Cooperation and Development – OECD) од 2005 година, 30,6 проценти од населението имаат патолошки зголемена телесна тежина. Оттука само може да се поздрави најновата публикација на „Одделот за проектирање и изградба при Градот Њујорк“ (New York City Department of Design and Construction) „Препораки за активно проектирање: промовирање на физичка активност и здравје во проектирањето“ (Active Design Guidelines: Promoting Physical Activities and Health in Design) од 2010 година. Публикацијата е колаборативно дело на четири организации вклучително со „Секцијата на Американскиот институт на архитекти од Њујорк“ (American Institute of Architects New York Chapter – AIANY) и е наменета за сите одговорни во планирањето и изградбата на објекти, улици и соседства, а во која се нагласува улогата на проектантите во надминување на „една од најургентните здравствени кризи на сегашноста: патолошко зголемената телесна тежина и болестите што таа ги предизвикува“. Во публикацијата е направен обид да се едуцираат проектантите за можностите за зголемување на дневната физичка активност, како на пример проектирање скалишни простори кои лесно можат да се видат и лоцираат, или пак проектирање примамливи улици за пешаци и велосипедисти. 

dieta5.jpg

Целта е да се промовираат поздрави начини на живеење, а со тоа да се намали цената на годишната сметка од 117 милијарди долари во 2000 година со директните и индиректните здравствени трошоци сврзани со патолошки зголемената телесна тежина. Според предвидувањата, доколку се продолжи со досегашните трендови, се очекува овие трошоци да достигнат помеѓу 860 и 960 милијарди долари годишно во 2030 година на ниво на Соединетите Американски Држави. Каква е ситуацијата во Република Македонија веројатно треба да се утврди, за да можат навремено да се преземат мерки за ублажување на последиците од зголемената телесна тежина. Според анализите на Статинфо (Statinfo), од 72 анализирани земји, Република Македонија е на 50 место според просечното дневно внесување калории по жител од 2852 кое е релативно ниско во споредба со просечното од анализираните земји од 3000 калории, она во Обединетото Кралство од 3450 калории кое е на 18 место, или пак Соединетите Американски Држави кои се на прво место со просечно дневно внесување од 3754 калории. Резултатите на истражувањата во Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави укажуваат нè само на позитивниот придонес кој архитектонското и урбанистичкото проектирање и планирање можат да го дадат кон определбите за намалување на последиците од зголемената телесна тежина, туку и на кој начин истото би се реализирало.

 

д-р Владимир Б. Ладински, дипл.инж.арх.

 

 

dieta_2.jpg

Испрати коментар

Scroll To Top