Насловна / Архитектура / Икона на Уметноста на 21ви век

Икона на Уметноста на 21ви век

ikona_na_umetnosta.jpgНовиот римски национален музеј на современа уметност, во првите неколку месеци од отворањето, привлече повеќе од 115 000 посетители, иако годишно бea очекувани околу 200 000. Според Agence France- Presse, музејот дневно го посетуваат околу 1150 посетители, а веб страницата на музејот дури 731.000.

Zaha Hadid е добитник на овогодишната престижна награда „Stirling“ која ја доделува Royal Institute of British Architects (R.I.B.A) во вредност од 31.600 долари. MAXXI музеј во Рим на архитектката што за себе вели дека е виртуоз на елеганцијата, ги победи The Ashmolean Museum во Оксфорд, на студиото Rick Mather Architects, Bateman’s Row во Лондон, проект на Theis and Khan Architects, Christ’s College School во Гилдфорд, кој го проектираа архитектите од студиото DSDHA, Clapham Manor Primary School во Лондон на dRMM и берлинскиот Neues Museum, проект на David Chipperfield Architects и Julian Harrap Architects кои, исто така беа во остра конкуренција. Во објаснувањето на жирито стои дека станува збор за „зрело остварување на архитектура, дестилација која е резултат на повеќегодишни експериментирања, во кој само еден дел е изграден. Наместо зградата да даде однапред насоки на движење, ве поттикнува да истражувате“.

 

 

Ремек дело од иднината

 

Секој проект на архитектонската ѕвезда, англо-ирачката архитектка Заха Хадид е ремек дело и антиципација на новите поглавја во архитектурата – како ќе изгледа архитектурата на иднината. Нејзините проекти не се реализираат често и поради футуристичкиот изглед кој бара доста време за изведба, како и поради финансиските средства – градбите во принцип и се големи и скапи. Овој музеј е вистинско оглeдало на архитектонскиот ракопис на славната архитектка и припадничка на "archistars". Таа истакна дека намерата не и била да создаде затворен објект, туку своевиден урбан кампус кој се простира на повеќе нивоа. „Размислував кои форми можат да ја заменат постоечката архитектура на касарните што порано се наоѓаа на ова место. Одлучив тоа да биде комбинација на повеќе различни геометрии од кои потоа се развива идејата за една флуидна интерпретација. Предвидов закривени ѕидови, за да можат еден ден да се одржуваат изложби и од надворешната и од внатрешната страна. Во проектот е многу важна интеракцијата на екстериерот и ентериерот“, вели Хадид, која се надева дека нејзината музејска зграда ќе послужи како импулс и ќе ја поттикне изградбата на нови проекти, нови случувања кои ќе станат нови урбани искуства.

ikona_na_umetnosta_3.jpg

Eнтериер без граници

 

Хадид го реализирала просторот без фиксни граници, креирајќи волумени кои се претопуваат едни во други и испреплетуваат меѓу себе хоризонтално, вертикално и дијагонално во просторот. Она што архитектката го направила може да се сфати ако MAXXI се спореди со музејот Guggenheim во Билбао. Онаму каде Frank Gehry оствари поливалентни волумени, но фрагментирани, спротивставени, јасно омеѓени, како се работеше во столетието ориентирано кон ефикасноста, во векот на кој печат, во архитектурата и дизајнот, му даде функционализмот. Наспроти тоа, MAXXI е зададен само со своите надворешни контури, кои се исто така завојни, одвнатре е целиот преплетен со патеки, ходници, брановидни движења, сугерира движење и претопување, анархичен е на постмодерен начин и претставува материјализиран таоистички wu wei, сублимат на дијалектички спротивности.

ikona_na_umetnosta_4.jpg

Уметност во уметност

 

Истражувањето на просторот што посетителот го доживува како потенцијално бесконечен започнува уште на влезот, каде публиката ја дочекува огромниот скелет „Calamite cosmica“, дело на уметникот Џино Доминичис, поставен во просторот во надреален магритовски манир. Во внатрешноста на музејот, во кој не се изложуваат дела постари од 10 години ве дочекуваат и други изненадувања: моцарела направена од восок, екран од шест метри со добредојде на сите јазици на светот, џиновски црвени цевки на Маурицио Мокети, инсталации на „net art“ во сите премини. MAXXI е поделен на два музеја. Првиот содржи збирка на повеќе од 350 уметнички дела од современи автори како што се Boetti, Clemente, Kapoor, Kentridge, Merza, Richtera и Warhola, а вториот е посветен на архитектурата и во него се изложени повеќе од 75 илјади документи. Во галериите, во кои се одвиваат повремени изложби и различни културни случувања, се влегува преку простран атриум кој води и до рецепција, кафулиња, книжарница и аудиториум,

ikona_na_umetnosta_5.jpg

Критика за „сребрената боа“

 

Новоотворениот музеј на уметноста на 21 век MAXXI во Рим веќе го доби прекарот „сребрена боа“, поради својата специфична форма. Таа е тешко да се опише, па критичарите на архитектурата имаат пред себе вистински предизвик. Виторио Згарби за него рече дека е „мавзолеј на Заха Хадид, а не музеј во кој се изложени уметнички дела. Не сакам музеј кој не сака уметнички дела и кој претендира да биде музеј сам по себе. MAXXI е мавзолеј посветен на Заха Хадид, тоа е музеј на нејзините идеи, нејзин споменик, нејзино ремек дело и се чини дека уметничките дела го реметат“. Како што напиша критичарот на The Times: „нема никаква смисла да се опишува обликот. Прекомплексен е, вели тој. Тука нема конвенционални катови, а зградата одвнатре е вистински лавиринт, непрегледна низа долги закривени ходници каде се сменуваат високи и ниски тавани. Човек овде може и да се изгуби. Зградата всушност претставува скулптура која треба да се исполни – фантазмагоричен пејзаж на голем уметнички ум. Ако ја ставите уметноста внатре, се плашам дека градбата би можела да експлодира.“ Оваа интересна опсервација можеби звучи претерано, но сепак не е далеку од вистината. Проектите на Хадид навистина наликуваат на современи скулптури во хај-тек изведба и се уметнички дела сами по себе, без потреба да се надополнуваат со дела на други уметници. Музејот се нарекува градба на иднината, односно икона на современата уметност на 21 век, а неговиот изглед се споредува со вселенски брод

 

Наталија Новаковиќ-Добревска

 

 

ikona_na_umetnosta_2.jpg

 

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top