Насловна / Градежништво / Дали Њујорк ќе се заштити од идните супер бури?

Дали Њујорк ќе се заштити од идните супер бури?

dali-njujork-ke-se-zastiti-1.jpgПојавата на урагани по должината на брегот на Атлантскиот Океан, во
зависност од годишната сезона, е честа појава во крајбрежните
американски градови, при што ураган од катастрофални размери се
предвидува да се случи еднаш на столетие. Сепак, со промената на климата
и зголемувањето на нивото на светските води, зачести и појавата на
водните бури. Само за една година, Соединетите Американски Држави ги
погодија дури два тропски циклони и тоа едни од најголемите во
историјата.

 

Во август 2011 година, ураганот Ирена, долж источниот американски брег предизвика пустош, за наредната година, во октомври, таканаречената супер бура Сенди да направи економска штета на земјата од рекордни 71,4 милијарди долари, веднаш зад најкатастрофалниот ураган Катрина. Со овие поплави, освен големиот број на човечки жртви, беше парализиран на подолг рок и целокупниот живот, со прекин во електричното напојување и во градскиот сообраќај. Исклучителни штети од скорешните циклони претрпи и градот Њујорк, кој иако претставува моќна светска метропола, не е заштитен од налетот на водните бури.

Позициониран на устието на реката Хадсон и затворен од трите свои острови: Менхетан, Лонг Ајленд и Стетн Ајленд (Manhattan, Long Island, Staten Island) , градот Њујорк поседува природно направено пристаниште, кое води кон Атланскиот Океан овозможувајќи му трговски врски со сите останати поважни економски центри. Опкружувањето со вода, освен придонесите од економски аспект, има негативни влијанија кога ќе се спомене ниската теренска кота во однос на морското ниво која претставува чувствителна точка на градот Њујорк. Обидите за негова заштита се минорни во однос на вистинските чекори кои треба да бидат преземени за целосно осигурување на градот од налети на водни бури. За ова досега се обвинувани политичките власти, кои се препираат кое решение би било оптимално за разрешување на овој вековен проблем.

 

dali-njujork-ke-se-zastiti-1.jpg

 

КОНЦЕПТИ

 

Иако ова прашање повторно беше актуализирано по ударот на ураганот Сенди, обиди за изнаоѓaње на решенија имало и претходно, и тоа од стручната јавност. Во 2009 година, на конференцијата на Американското друштвото на градежни инженери беа претставени четири концепти за поставување на бариери за заштита од надоаѓања на големи води при појава на бури до трета категорија (трета категорија е бура со ветер од 178- 208 км/h. За споредба, ураганот Сенди е бура од трета категорија со брзина на ветерот од 180 км/h). Во продолжение ќе бидат претставени концептите на функционирање на овие заштити.

 

dali-njujork-ke-se-zastiti-2.jpg

 

Движечки препреки на мостот Веразано – Нероус (Verrazano – Narrows Bridge)

 

Инженерскиот тим на компанијата АРКАДИС (ARCADIS), предложи идеја за поставување на подвижни бариери северно од веќе постоечкиот мост кој го поврзува Бруклин со Стетн Ајленд. На ова место, каналот е со длабочина од околу 20 метри и се одвива тежок бродски сообраќај по брзите водни струи. Предложената инвестиција е вредна 6,5 милијарди долари и предвидува поставување на неколку типови на рампи кои имаат можност да бидат затворени при надоаѓање на бурите, и притоа би се спречиле високите бранови да предизвикаат поплави на Менхетен.

Две од бариерите се со примарна улога, би биле со закривена форма и во мирни услови би биле отворени, поставени на растојание од 265 метри, што воедно претставува и чист отвор за одвивање на поморскиот сообраќај. Во кризни ситуации со предвидувања за бура, овие бариери би се придвижиле по кружна траекторија, доближувајќи се една кон друга, затворајќи го слободниот простор и воедно создавајќи заштитна бариера. Усогласено со нив, се спуштаат и шеснаесетте вертикални препреки со распон од 40 метри, како и двете подигнувачки портални бариери од по 50 метри. Како забелешка на овој дизајн е комплексноста за изведување и функционирање на овој зафат, со одредена доза на ризик за неуспех, како и високата цена на чинење.

 

dali-njujork-ke-se-zastiti-3.jpg

 

Плоскати бариери под реката Ист (East River)

 

Инженерот на групацијата Персонс Бринкерхоф (Parsons Brinckerhoff) го предложил концептот на бариери на реката Ист, кои би биле положени на речното дно во нормални услови. При наплив на вода, овие рамни панели би се подигнале создавајќи ѕид на патот на водата, дизајн сличен на постоечките бариери за заштита на градот Венеција од поплави. Овој тип на конструкција воопшто не го попречува водниот сообраќај и не ја нарушува панорамата и изгледот на градот, а сепак како систем е способен да одбрани од поплави при бури од трета категорија.

Друга предност на ова предлог- решение е: при изградбата, водниот сообраќај воопшто нема да претрпи штети и препречувања, бариерата би била прво изградена, па потоа транспортирана и монтирана на самото место, имајќи сосема мал импакт врз реката во целост.

 

 

Како негативна страна се подвлекува потребата од дополнителна инвестиција за изградба на дренажни системи на двата брега од препреката, поради задржувањето на надојдената вода од препреката. Осцилаторни бариери и изградба на нов мост на Артур Кил (Аrthur Kill) Инженерингот на ЦДМ Смит (CDM Smith) поставил концепт на заштитна бариера на Артур Кил, поточно на фреквентниот воден правец помеѓу Стетн Ајленд и Њу Џерси.

Оваа заштита има две функции, освен како бариера, улогата на пешачка и велосипедска патека по мостовската конструкција е загарантирана. Овој модел има вградени бариери на премостувачката конструкција кои се спуштаат при надоаѓањето на водните наноси и по дизајн е многу слична на големата брана на Сингапур изградена во 2008 година. Нарастувачкото ниво на водата не би ја надминало котата на проектираната пешачка и велосипедска патека, со што се овозможува овој мост да биде функционален дури и во кризните состојби при големи наноси на вода.

 

dali-njujork-ke-se-zastiti-4.jpg

Поврзување на Њујорк со Њу Џерси

 

Од сите проекти, најголем по инвестиција претставува предлог-решението на ЦХ2М (CH2M), кое во суштина претставува насип со должина од 1,6 километри со серија на вградени подводни рампи и ќе се простира од полуостровот Сенди Хук (Sandy Hook) во Њу Џерси, па се до Роквејс (Rockaways) на устието на долниот залив. Овој насип заедно со бариерите и банкините што треба да се направат би чинел 6 милијарди долари. Овој систем по функција би бил комбинација помеѓу двете претходно предложени решенија и тоа бариерите од првиот и третиот концепт.

 

Исто така се предвидуваат три големи отвори во насипот, како би поминувале бродовите, распоредени на клучните точки за воден транспорт. На овие отвори комбинирано би биле поставени бариери, и тоа на два од нив би се монтирале рамни, плоскати бариери, положени на дното на водата и кои ќе бидат во положба исправени во случај на аларм. На третиот отвор би биле поставени две радијални рампи кои би се завртувале кружно како би се затвориле при потреба од заштита. Со овој проект, најголем дел од крајбрежната линија би бил опфатен и со тоа заштитен, но воедно претставува и најголем зафат по обем и чинење од сите презентирани идеи. Од сегашна гледна точка, овие проекти се сè уште на ниво на концепти, ниту еден не е официјално земен предвид од претставниците на властите во Њујорк.

 

dali-njujork-ke-se-zastiti-5.jpg

Кога би се разговарало директно за потребите од заштита на градот Њујорк, овие четири предлози не нудат целосно решение за сите крајбрежни места кои би можеле да бидат погодени од бура, односно заштита се гарантира само за Менхетен, но не и за останатите помали места. Исто така, при разработката, не е водена сметка за уништувањето на живиот воден свет со изградбата на заштитните системи; заштитата на животната средина е од примарно значење на и онака проблематичното пристаниште на Њујорк. Сепак, од огромна важност е донесување на одлука за изградба на заштитата што е можно побрзо, а одбирањето на соодветниот модел на заштита мора да соодветствува на конкретниот буџет со кој овој проект би располагал. Жителите на Њујорк се надеваат дека официјалните власти нема да чекаат уште една катастрофална бура, за решавањето на овој проблем да стане алармантна потреба за заштита на населението и материјалните добра.

 

Биљана Стојановиќ, дипл.град.инж.

Испрати коментар

Scroll To Top