Преку поддршка од државна програма вредна 23 милијарди евра, во Италија ќе се изградат нови капацитети во обновливи извори на енергија во вкупен износ од 37,15GW. Тоа претставува речиси половина од постоечките капацитети на обновливи извори на енергија во земјата. Програмата опфаќа проекти на ветерни електрани на копно, соларни електрани и постројки кои користат канализациски гас.
Европската комисија ја одобрила оваа италијанска шема на државна помош, оценувајќи дека е усогласена со целите на Спогодбата за чиста индустрија (Clean Industrial Deal) и европските планови за забрзување на енергетската транзиција. Се очекува новите постројки значително да придонесат во остварувањето на италијанската цел до 2030 година да се достигне удел на обновливите извори од 39,4% во бруто финалната потрошувачка на електрична енергија. Истовремено, проектите би требало да придонесат за намалување на цените на електричната енергија и зависноста нa ЕУ од увоз на енергенти.

Производителите на енергија ќе добијат финансиска подршка преку систем кој им гарантира однапред дефинирана цена за електричната енергија. Ако пазарната цена биде пониска од таа цена, државата ќе ја надомести разликата, а доколку биде повисока, вишокот приходи производителите ќе го вратат на државата. Овој модел на поддршка ќе се применува во текот на 20 години. Средствата ќе се доделуваат преку транспарентни и конкурентни аукции. За соларните електрани и ветерните електрани со моќност поголеми од 1MW, ќе бидат организирани посебни постапки за наддавање, со дополнителни критериуми предвидени со европскиот Акт за индустрија со нето нулти емисии (Net Zero Industry Act). Постројките со моќност помала од 1MW, ќе можат да користат поддршка без учество на аукциите, при што референтната цена ќе ја определува италијанскиот регулатор за енергетика.
Буџетот од 23 милијарди евра се базира на проценките за пазарните цени на електричната енергија, но Европската комисија наведува дека реалниот износ на поддршка би можел да биде значително помал доклку цените на пазарот останат повисоки од очекуваните. Комисијата заклучила дека италијанската шема е неопходна и пропорционална за забрзување на развојот на обновливите извори на енергија, како и за остварување на климатските и енергетските цели на ЕУ до крајот на деценијата.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија