Архитектонските бироа Snøhetta, Bjarke Ingels Group (BIG) и MVRDV се вклучени во работата на генералниот план за трансформација на локација од 84 хектари во истанбулскиот кварт Бејкози.
Проектот Ion Riva, сместен на брегот на Црното Море, ќе вклучува изградба на четири импресивни културни објекти, како и станбена зона што ќе обезбеди домови за 3.000 жители.

Пејзажот како главен архитект
Три реномирани меѓународни бироа работат на проектот заедно со тим составен од локални бироа KEYM, DB Architects, Rasa и Bilgin Architects.
Генералниот план се развива за турската организација Ion, основана од архитектот Мехмет Каљонцу, кој е и претседател на Советот за дизајн на Турција и раководи со проекти за обнова по земјотресот во Турција и Сирија.
„Во проектот Ion Riva, пејзажот го гледавме како главен архитект. Средбата на шумата, реката и морето создава природна рамка, а нашата задача беше да ги зајакнеме овие услови, а не да ги надвладееме“, рече ко-основачот на студиото Snøhetta, Кјетил Торсен.

The Ring
Главниот придонес на норвешкото биро во проектот Ion Riva jе објектот The Ring, како подигната кружна структура што ја премостува реката и во која ќе се наоѓаат заеднички простори за образование. Под неа ќе бидат сместени штали и градини за одгледување растенија.

The Ring
„Тоа е место за учење, одгледување и секојдневни средби, обликувано од ритамот на речната долина и заедницата што ќе го користи. Тука, архитектурата не е објект, туку збир на односи меѓу луѓето и природата кој се развива“, објасни Торсен.

The Ring
Од друга страна, бирото на Бјарке Ингелс го развива објектот The Drop, структура од дрво во облик на капка што ќе содржи ресторани, уметнички и велнес простори.
Партнерка во данскиот архитектонски гигант, Хана Јохансон, изјави дека проектот има за цел „пејзажот и брегот да преземат еднакво важна улога како и архитектурата“.

The Drop
„Брегот на Црното Море е драматичен и див, а нашата улога беше да создадеме структура што им овозможува на луѓето да го доживеат тој амбиент одблизу и да го почувствуваат ветерот, светлината и ритамот на морето, како покана да се соберат на едноставен и радосен начин“, објасни Јохансон.

The Drop
Пристапен покрив како јавен простор
Холандското биро MVRDV било задолжено за проектирање на третиот културен објект во рамките на генералниот план, наречен The Lantern. Во него ќе бидат сместени центар за сценски уметности и галерија, како и кино сали, книжарница и други заеднички содржини.

The Lantern
Оваа геометриска структура ќе има црвена завршна обработка и пристапен покрив што ќе служи како јавен простор со поглед на природниот пејзаж.
„Сакавме да создадеме културен простор во Ion Riva кој делува отворен, достапен и навистина заеднички. Покривот функционира како јавен простор каде што растечката заедница може да ужива во погледот и разни активности на отворено“, рече партнерката во MVRDV, Фок Мерел.

Четвртата зграда ќе биде сместена во центарот на комплексот Ion Riva. Архитектот задолжен за објектот, како и самиот проект, сè уште не се објавени, но се очекува дека ќе содржат дополнителни простори за уметност, образование и велнес.
Ion Riva ќе се реализира во фази, при што се очекува првата фаза да вклучува 969 станбени единици, во кои првите станари треба да се вселат во 2027 година.

вили
Првата група куќи ќе содржи вили со три до шест спални соби дпроектирани од локалното биро Bilgin. Тие ќе бидат организирани околу внатрешни дворови кои оддаваат почит на локалната архитектонска традиција.
Зградите во рамките на проектот Ion Riva ќе бидат изградени претежно од природни материјали, вклучувајќи локален камен и ламинирано дрво.

Покрај станбените и културните објекти, генералниот план предвидува големи зелени површини и пешачки улици со засенчени патеки и шеталишта. Важна улога ќе играат и системите за обновлива енергија на самото место, вклучувајќи соларни панели.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија